Ивана Кнез: Старите велат руба краси, руба гнаси, јас велам погледни се утре пред да излезеш од дома
Изминатава недела направив еден експеримент. Два дена пешачев во текот на работното време, еднаш облечена во фармерки, џемпер и каубојки чизми, а еднаш облечена во најновиот модел на мојот бренд, фустан и чизми на високи потпетици. Првиот ден погледите кои попатно беа упатени кон мене беа лагано прострелни, без одушевување дури и непостоечки. Нормално, бев скоро па вклопена во моментално расположение и општ изглед.
БерлинВториот пат, вториот стајлинг беше фустан кој според мене е за секоја прилика без повод, едноставно да си волшебна сама за себе без никаква причина. Да, носев високи потпетици но станува збор за секојдневна чизма која може да се носи и на кафе и на административна позиција. Очекувано беше да имам вперени погледи, тоа што не очекував е поголемиот дел од нив да бидат со огромна доза на презир. И тоа да биде уште потажно, најмногу од други жени. Да сме на чисто да знаат која сум нема да ме боли, често моето име е поврзано со завист, но не, ова се луѓе кои немаат врска ниту со која реалност ниту со мои социјални медиуми. Луѓе со различна старосна граница, без позадина и знаење тема мода. Едноставно не ме сакаа и не можеа да ме гледаат зошто сум средена. Не е прв пат да го поминам ова исто како што не е прв пат да го искомуницирам и со други жени и да го споделат истото искуство со мене. Кога и во кој момент се доведовме до состојба да не можеме да поднесеме туѓа среќа и реализираност која многу често се манифестира визуелно?
Белград
Дали моменталната политичка и финансиска состојба не доведоа до стадиум на пониска свест и себе губење во општествени состојби? Па ни пречи кога некој друг се носи сам со себе и сака да е и среден, спакуван и негуван без разлика на моментална лична состојба? Излистав модни трендови на улична мода во неколку главни градови и некако предалеку сме од тоа што го проследив. Кога ќе ме прашаат дали има мода во Македонија мојот одговор е дека нема финансии за да има мода. Но тоа не значи дека не треба да има стил. Тоа што би сакала да се промени е волјата кај секоја од нас поединечно, имаме тежок период на државно ниво и знам дека амбициите за себе реализација се закопани некаде длабоко за секоја од нас.
Париз
Но моќта на поединецот е снагата на општеството па така ако започнеме полека и сигурно да работиме на тоа да секојдневно имаме причина и повод за дотерување, за започнување со нив режим на исхрана, за нова фитнес рутина, за нови ритуали кои не прават среќни, ќе стигнеме до момент кафе ќе превлада позитивната енергија и нема да зависиме од политичко социјалната сцена. Наместо да кукаме и замеруваме, наместо да завидуваме и се споредуваме со други, прстот го вперуваме кон сами себе. Старата јас нема да оди на вежбање бидејќи е нерасположена, ќе јаде торта бидејќи е несреќна и незадоволна. Новата јас ќе стане иако не и се станува, ќе направи смути со здрави намирници кои ќе ја донесат чекор поблиску до посакуваната фигура и здравје, и секој чекор кој ќе го превземе ќе биде за лично подобро јас, и тоа ќе е на високи потпетици без повод и без причина.
Милано
Жена сум и со жени работам, ни ги знам хормонскоте и нервни испади и сите можни последици од истите. Знам колку е тешко сама да чекориш напред, знам колку е тешко да носиш семејство на грб и притоа да смислуваш магични начини како да се чувствуваш и излгледаш добро за себе. Знам дека промената која сакаш да ја видиш си ти, знам дека колку повеќе се образуваш толку повеќе се себе надградуваш и знам дека гардеробата е огледало на моменталната психолошка состојба на поединецот.
Лондон
Старите велат руба краси, руба гнаси, јас велам погледни се утре пред да излезеш од дома и кажи ми дека тоа што го одбра да го облечеш не е компромис, јас ќе знам дека си среќна.
И кога ќе те видам стилски скоцкана од глава до пети без разлика дали е цевка фармерка со бела кошула и оксфордки, или тесен фустан со висока потпетица во една боја, или шаренило од џемпер со светкави обетки, не ми е важно како е, начинот е твој, важно ми е да не бараш причина да изгледаш беспрекорно за себе. И тоа да го направиш совршено, баш како што си ти.