ИЗЛОЖБА НА ДРАГИЦА РИСТЕСКА ДИМИТРОВСКА: Сложувалка со длабоко суштинско значење

Добивај вести на Viber

Инспирацијата ја наоѓам во локалната средина, но и во многуте патувања низ светот. Бојата е моето средство со кое добивам можност бар за миг да ја донесам убавината на просторот што го инхибирам, вели познатата уметница, сестра на поп-ѕвездата Елена Ристеска

Вечерва со почеток во 20 часот во НЛБ Галерија ќе биде отворена изложбата „Фрагменти“ од академскиот сликар Драгица Ристеска Димитровска. Станува збор за проект на апстрактни дела изработени во техниката акрил на платно. На овие слики кои се дел од нејзиниот последен циклус таа работела изминативе две години. Оваа нејзина целина е инспирирана од безбројните фрагменти, остатоци, сеќавања, сенки, рефлексии кои ги пронаоѓа околу себе во секојдневните предмети, бројните урбани и рурални пејзажи, градби и градови, мистични прозорци, во комплексноста и убавината на природните текстури и слоеви што се преклопуваат во композиција создавајќи одредена димензија.

Фрагментот како сеќавање, остаток и дел од нешто, како исечок од стара фотографија, како сложувалка што се надоградува, од малите нешта кои навидум се неважни, но се со длабоко суштинско значење

- Инспирацијата ја наоѓам во локалната средина, но и во многуте патувања низ светот. Бојата е моето средство со кое добивам можност бар за миг да ја донесам убавината на просторот што го инхибирам. Да ја освојам убавината на урбаните и руралните пејзажи, градби и градови, мистични прозорци кон светлината, мистериозни флуктуации на водата, фрагментите на старите ѕидови, комплексноста и убавината на природните текстури и слоеви што се преклопуваат во композициите создавајќи ја димензијата -  вели за своите дела Ристеска Димитровска.

Ѓ.С.