Ја изгубив храброста
Долго време ми требаше да застанам пред огледало и да си кажам “ја изгубив храброста” без да се трудам да го ублажам кажаното со некои изветвени изговори (за кои имам станато експерт). Да, ми се случи пред некој ден кога буквално се распаднав од сè што си носам во себе, а не сум била спремна да си го плеснам в лице или барем малку да сопрам за да видам оти онаму кај што сум кинисала ич не е на арно (среќа имаше кој да го стори тоа наместо мене). Удобно залежана во четири ѕида, кои не се само мојот дом кој го чувам ко светилиште, туку оние кои си ги носам насекаде со мене, дури и тогаш кога сум сама со себе, сфатив дека се претворив во она што отсекогаш сум го презирала, кукавица.
Секој од нас си носи демони со себе, кои најчесто се влечат од детството. Моите се страв од напуштање, страв од немоќ (најмногу онаа немоќ која ми го ускратува правото на избор), страв од зближување. Што е најинтересно, не е дека не сум била свесна, туку сум си ги потиснала криејќи се зад тоа дека ми е убаво сама. И ми е, ама до мигот кога наместо да уживам во тоа, почна да ми пречи, со што веќе и не беше само самотија, туку и осаменост. Паметен чоек застанува во тој миг и се преслушува, ама јас изгледа имам оглупавено во сета моја битка да покажам и докажам на себе дека можам и сакам сама. Да, можам и не, не сакам. Или да бидам прецизна во оваа исповед (која ми е истовремено и тешка за пишување и потребна за да си олеснам, а мислам и дека ви ја должам), дојдов до точка каде што веќе не знам која сум и каде терам.
Седам со купишта испишани песни и колумни за љубов, сета самобендисана и поклонувајќи си се сама на себе ( уште аплауз да си дадев) колку сум емотивна и колку знам за љубовта. Врска немам од ништо, ама баш од ништо. Да, сум љубела и сум правела компромиси за кои сум си го јадела џигерот, оти ништо од тоа не сум била во суштина јас. Зошто? За да бидам сакана, за да вредам некому, за да се самозалажам дека еве и јас знам и можам да функционирам како пар, како заедништво. Распадот не беше ничија вина, освен моја. Да имав сила и храброст да кажам дека не ми се допаѓа нешто или дека не сакам да бидам нешто што се очекува од мене, можеби и ќе беше поинаку. Да имав храброст и сила да не се лажам себе (а со тоа и тој карши мене) дека сум среќна, можеби ќе можев навистина да бидам и работите да одеа во сосем друг правец. Но, јас одбрав со сета моја божемна спремност на компромис да глумам пред себе дека сум ок. Има едно непишано правило, а тоа е дека човек што може себе да си стори, не може никој да му направи. Со двеве раце ќе потпишам дека е тоа така. Наместо да пекав по љубов која ја имаа баба ми и дедо ми, можев да се свртам околу себе и да застанам за да си кажам “разбуди се жено, светот се менува, луѓето се менуваат, само ти стоиш во место, на истата точка децении наназад”.
Памтам дека мајка ми низ годиниве ми рече на неколку пати дека не е можно да нема човек со кој ќе посакам нешто повеќе од пријателство. Прво се лутев, оти нели, никој нема право да ми се меша во животот, па била тоа и жената која ме родила (ова сè уште го мислам). После пробав да објаснам дека “надвор е лудница и дека не е како порано”. Чекај малку! Каков одличен изговор за да си сам, а да не си кажеш дека си сам од што си коркач, нели? Светот отсекогаш бил лудница, со карактеристиките кои си ги носи секое време, ама мене тоа ми дојде ко кец на десетка. Демек, ја вака фина и емотивна не можам да си најдам некој како мене! Има доброволец да ми ја врзе една или да си врзам сама? Не, не е дека нема луѓе, не е дека нема мажи или жени, туку е до тоа дека моето светилиште го претворив во кафез, сама и без ничија присила. Ми беше полесно и поудобно да “плачам” по изгубената љубов, отколку да ја најдам во себе мојата грешка, да соберам искуство и да продолжам понатаму. Сите ние чекориме по оној пат кој ни е полесен. Кога одев на трансакциона анализа во моите рани дваесетти, една од работите за кои дискутиравме е токму тоа дека навиките ни го определуваат животот, доколку не сме свесни за себе и не сакаме нештата да се сменат. Тоа беше пластично објаснето дека ако човек може да бира да киниса по пат на кој веќе бил и знаејќи дека го чека болка, а од друга страна има пат на кој никогаш не бил, скоро секогаш ќе го одбере првиот, оти веќе има информација и е спремен на она што доаѓа. Никому не му текнува на тоа дека вториот ( непознат) пат може да биде оној вистинскиот и поубав. Ете така и мене. Знаејќи дека болката која ќе ја преџвакувам по којзнае кој пат е нешто што ќе ми извади песна, дека болката знам како да ја дочекам и како да се справам со неа, се ускратив за нови песни кои баш и не мора по дифолт да бидат за загуба, туку за нешто сосем друго. Не е дека ќе избегнувам теми врзани за љубов, загуба, смрт, заминување....ама помеѓу сето тоа, има уште многу теми кои не знам зошто ги прескокнав.
Повеќето пишувачи, сликари, музичари, своите ремек дела ги направиле под влијание на голема болка. Дали тоа значи дека сите ние кои создаваме нешто тежнееме да сме во односи или бираме наспроти себе луѓе за кои знаеме дека нема да се задржат. Дали е тоа искористување на себе и својата (пот)свест, а и туѓата несвесност за да твориме? Страв ми е да помислам дека е така, иако ништо не ми е во прилог за да замижам и повторно да се подзалажам дека не е така. Да, полесно ми е да пишувам за љубов отколку да седнам со некој и да ја извадам маската на самодоволна жена под која веќе и јас не знам какво лице се крие. Да, стравот го нареков со друго име кое ми звучеше поблагородно за да се заштитам себе од вистината дека начинот на кој функционирам ме јаде однатре. Станав себична и убедена дека романсата, љубовта и посветеноста ако не се онака како што јас сум си ги замислила во главата, тогаш не постојат. Не е проблемот што си живеев во мојот свет (светица), туку во тоа дека на прва го осудив (џелат) светот во кој другите се чувствуваат побезбедно, ма макар тој бил дијаметрално спротивен од мојот. И не покажав емпатија и сомилост за оние кои одбрале поинаку да живеат од мене, ако ништо друго барем да кажам дека е ок, дека и тоа е исправно иако јас не знам и не можам да живеам така.
Седејќи надвор на едно од моите омилени места, на поминување гледам една моја пријателка која си го шета кучето. Се немавме видено подолго време, врвен психолог и една од најубавите жени кои сум ги видела. Двете светнати дека сме се сретнале сосем случајно, иако во Дебар Маало редовно ѝ паркирам пред прозор, се затрчуваме и се гушкаме . После оние 2-3 реда муабет за коронава (секојдневие де!), па која што правела периодов (а е скен за луѓе), ме мерка (демек ослабена и освежена-не како која мајка ќе ти каже дека си освежена оти тоа значи дека си попраена), ми вели “има нешто ново, некој?”. Кревам раменици и помирливо изустувам едно скржаво “не”, на што добивам шамар “зошто не си дозволиш да сакаш?”. Таа вечер ми сопре тахикардијата која ме мачеше до денови, а избегнував да откријам зошто и се изнаплакав како што не сум плачела со векови. Кај мене неможноста да плачам е иста како и неможноста да си дозволам да сакам, ми го јаде телото, ме боли грлото, ме стега во градите, ме боли стомакот и имам страшен немир. Таа вечер исплакав....не, таа вечер се исплакав себе и сета своја немоќ, сиот страв и осаменоста.
И не, не е дека сум сега супер и ко да ништо не било. Не е дека знам што понатаму, ама знам каде не сакам да се враќам и каде не сакам да бидам. Доволно за почеток, нели? Битката со себе и сопствените демони допрва ми следи, а свесна сум дека ќе имам уште неколку тури самосожалување, па самозалажување, па натегање во и со себе, дур еден ден не ми скисне и баталам сè. Ама како велат, ниту Рим не бил изграден за еден ден, а не па човек да надрасне некои свои состојби.
Овој пат, нема да завршам со тоа што ќе ви
кажам како треба или како не треба, ниту ќе плеснам некоја убава мисла за да
живеете онака како што ви е убаво, оти големи сте, знаете како и каде ви е
убаво. Овој пат, само ќе ви дадам песна која излезе од мене деновиве како
резултат на сето ова погоре напишано. Простете...и јас сум грешна, со сиот свој
страв од безгрешност.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ја изгубив храброста
Да го живеам она
Што само да го напишам можам
И малку тажно станува
Кога во самотијата осаменоста се пика
Туткајќи се да си го земе своето место
Или да ја наплати цената
За која не бев спремна
Ја изгубив храброста
Криејќи се меѓу букви
Станувајќи вешта да играм со нив
И да те оплакувам
Наместо рака да пружам
И без срам да те повикам
Та налет
Што сака нека биде
Ја изгубив храброста
Кожата да си ја слечам
Онака како што пред спиење
Фустанот од себе го слекувам
Без да помислам дал скапо ќе ме чиниш
Или дали нема да ти се допадне
Она што однатре си го носам
А го кријам...и од себе го кријам
Ја изгубив храброста
А попатно и себе
Меѓу неколку книги на полицата
Кои одамна прашина фаќаат
Та никако умот да ми дојде
И да баталам хартијата
Па наместо на неа
Ете тебе да ти кажам
Оти не ме бива
Оти заборавив
Оти не ни паметам повеќе
Како е да живееш спокој
За кој душава ми боледува
А бегам од него ко ѓаол од крст
Ја изгубив храброста
Со секој збор пишан за љубов
И со секоја мисла за каква треба да биде
Со секој здив (демек) дишејќи ја во себе
Ставајќи ја во рамки од А4 формат
Без да ја оставам да дише
И без да ми текне
Барем малку глата да си ја чукнев
Оти таквата божемна љубов
Само божемна ќе остане
Без слобода, без страв
Ја изгубив храброста
Да се опулам подалеку од носот
И да си речам
Налет Ано од сите песни
Кога нема остана
И кога рака не подаде
Кога себе не се даде кога сакаше
Токму тогаш кога требаше
За назад на себе да се вратиш
И да заживееш, да живееш