Јавна соба е јавен срам за општеството
По којзнае кој пат пофрливме како луѓе и како општество. По којзнае кој пат дозволивме шака луѓе да ја злоупотребат нашата слобода да објавиме она што сакаме на социјалните мрежи. По којзнае кој пат не го сотревме проблемот уште на самиот почеток. Првичната појава на Јавна соба беше еден огромен аларм, едно црвено знаме кое требаше да ни покаже и каже дека се случува нешто што требаше да биде санкционирано на начин на кој никому и никогаш нема повторно да му текне да ја оживее. Јавна соба не е блам на жртвите, туку на сите нас кои не притиснавме доволно за јавно да бидат изложени оние кои си дозволија ниските страсти да ги задоволуваат навлегувајќи дури и во педофилија. Јавна соба е само показател на тоа дека премногу ноншалантно се однесувавме уште при првата нејзина појава и скандал. Оваа соба на срамот на оние 7000 учесници е само последица на нашата игнорантност кон појави за кои требаше да скиснеме по улици додека не биде правдата задоволена и додека не бидат сите тогашни членови (за кои верувам дека огромен дел од нив беа и сега учесници) еден по еден со име и презиме истакнати и казнети.
Кога имате болно дрво, го сечете и коренот се откопува од земјата за да се засади нешто ново, нешто здраво. Токму така ја доживувам и појавата на ваквите девијации во општеството. Не, нема криење идентитети во вакви случаи. Правото на заштита на личните податоци застанува онаму каде што некој тоа го прекршил и нема зошто истиот тој да е поштеден од она што и самиот некому го прави. Не сум правник, ама сум жена и мајка. Не сум компетентна да кажам како правно е исправно да се постапи, ама знам дека нешто дебело не е во ред кога ова ни се случи повторно. Намерно не посочив дека сум мајка на женско дете, бидејќи педофилијата не е врзана со пол на детето. Во некоја друга група која можеби и постои а за која не знаеме, можеби циркулираат фотографии и податоци и за нечии синови. Злоупотребата на интернетот и земањето за право секој да може да коментира користејќи навреди и вулгарности, да вади во јавност приватни муабети и да користи туѓи фотографии се’ повеќе зема замав.
Профилите на социјалните мрежи кои се јавни и отворени, не се повик за да се послужи некој со нашиот идентитет. Ако е продавницата отворена, а го нема продавачот оти бил во тоалет, не значи нека треба да си влеземе и да си земеме тоа што ни се сака без да платиме, нели? Ако вратата кај соседите е отворена од било кои причини, не е повик за да си зачекорам внатре и да си се однесувам како да е тоа сосем нормално. Не ми држат вода муабетите дека “фотографиите се јавно поставени, може било кој да ги искористи”. Не ми држат муабетите дека требало да бидат достапни само за пријатели, а вака оставаат простор да се злоупотребени. Малку ги измешавме работите, ама сосем доволно за да ја имаме Јавна соба, за да имаме уцени со приватни преписки и фотографии.
Она што уште повеќе фрустрира во сето ова е кога се става под знак прашање честа и моралот на оние кои се жртви во вакви случаи. Слободата е нешто што никој никому нема право да му го ускрати, со навлегување во полемики дали требало или не требало да се сликаме вака или онака или да пишуваме она што мислиме. Некогаш се прашувам во кој век живееме, кога треба да се објаснуваме дека мојот живот е моја работа, дека имам право ако ми се сака да се сликам гола за некој часопис, дека имам право да пишувам за се’ што ќе ми падне на ум. Извитоперените критериуми наметнаа дека жена која објавува фотографии на кои е провокативна, по дифолт “си го бара”, дека сигурно тоа го прави за да привлече внимание или да најде некој. Најчесто е тоа само ќеф, играње со сопствената сензуалност и откривање себе. а и да е поинаку, тоа е нејзина работа и на никој друг. Треба сите да се фотографираме во ролки и панталони оти треба однапред да мислиме какви сигнали даваме?! Треба да внимаваме на изрезот на деколтето или должината на сукњата затоа што некој може ќе мисли дека тоа е сосем доволен поттик за да не’ малтретира?
Можеби треба и на плажа да седиме фул облечени, затоа што голотијата во бикини е апел за “малтретирај ме жити се’”?
Жената има право да се облече како што сака и нејзиното облекување не значи дека дала дозвола да биде малтретирана, ставена на тапет и озборувана.
Жената има право да стави провокативни фотографии од себе кога сака, без тоа да значи дека ви дала за право да го коментирате нејзиниот морал и да измислувате приказни за неа, во кои таа е виновна што е гњавена.
Жената има право отворено да пишува и зборува за сексот (Ивана Кнез, симнувам капа за рушење стереотипи и табуа), без тоа да го сфаќате како повик за парење, нудење непристојни понуди и создавање слика за неа која најчесто е погрешна.
Жената има право да биде женствена, нашминкана, ненашминкана, слаба, пополнета, со естетски корекции, без естетски корекции, провокативна, секси, неугледна, домаќинка, деловна жена, мајка, никогаш да не стане мајка, мажена, немажена...се’ додека е тоа НЕЈЗИН избор, за кој никому не треба да објаснува или да бара оправдување, а уште помалку потврда дека може и смее да биде она што сака.
Мажите, кои јавно го искажаа својот гнев и поддршка за жртвите се мажи со големо М. Тоа се оние на кои не им треба да ја омаловажат жената и да ја згазат, за тие да бидат големи. Тоа се мажи кои ќе дадат пример за своите ќерки како треба да бидат третирани во еден партнерски однос без да трпат туѓи фрустрации и кои ќе им дадат пример на своите синови како треба да се однесуваат кон жената.
Мажите кои премолчуваат, кои во себе или јавно одобруваат и кои учествуваат во мал милион јавни соби во секојдневниот живот со сексистички коментари, вулгарности и потсмевање се мажи кои само имаат пенис меѓу нозете и ништо повеќе. А пенисот не ве прави мажи, колку и да се гордеете со сантиметрите. И да, сакам на сите до еден да ви го видам суратот и да ве знам по име и презиме. Сакам да го почувствувате јавниот срам од вашите прикриени аздисувања. Жал ми е само што вашите деца ќе го носат товарот и жигот на простотилакот и перверзноста која ја имате.
Јавна соба нека биде со големи букви испишана во умовите на секој од нас, како наша одговорност и задача да нема следен пат, следна соба, следен срам. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не бранувај
Немај свое мислење
Не влегувај во свет
Во кој мажот владее
Покори се и биди тивка
Биди одмерена
Што и да значи тоа
Не се бунтувај
Остави да се грижат за тебе
Оние кои не те познаваат
Оние кои најмалку знаат
За што ти пати душата
Терај си ги женските работи
Има кој да мисли наместо тебе
Има кој да одлучи
А тоа никогаш не треба да си ти
А сега земи лист хартија
И напиши се’ што треба да правиш
Молчи
Готви
Биди столб
Негувај се за си некому убава
Заработувај помалку
Жртвувај се за неговата кариера
Искини го листот
Или уште поарно
Сврти нов
И стави си го животот на него
Она што си ти
А не она што треба да бидеш
Оти местото ти е секаде
И подеднакво важна си
Како оној кој до тебе е
Сврти нов лист
На кој ќе се испишеш себе
Твоите желби
Потреби
Соништа
Врами го и почни да живееш
Токму онака како што ти вели срцето
На начин на кој сакаш и ти прилега
Храбро
Оти жена си
Достоинствено
Оти жена си
И крени го гласот
За да кажеш НЕ
За да кажеш ДА
За да кажеш ДОСТА Е
За твоето САКАМ да се чуе до небото
Оти жена си во свет во кој
Борбата никогаш не завршува
За да кажеш МОЖАМ, оти жена сум