Јована и Андреј ги учам да бидат чесни: Искрено интервју со Вера Мештеровиќ
Поминаа речиси 24 години од првиот избор за Мис
на свет во Индија на кој Македонија имаше своја претставничка, во тоа време 17
годишната Вера Мештеровиќ. И денес, 40-годишната Вера важи за една од најубавите жени во нашиот јавен живот. Годините
ретко коj би ѝ ги дал, а таа вели дека е до негата, но и до генетиката и нејзиниот
детски, палав дух. Мештеровиќ пред неколку години се разведе од фудбалерот Игор
Кралевски, искуство за кое ретко зборува. Мајка е на Јована и на Андреј. За „Женски магазин“, Вера искрено зборува за тоа како ѝ поминала 2019 година, за
децата, за љубовта и за нештата која ја прават среќна.
* По што најмногу ќе ја паметиш 2019 година, беше повеќе добра или лоша за тебе и за твоите најблиски, и имаш ли неостварени желби?
- Сакам полно пакетче со здравје, љубов пред сѐ, во сечиј дом, бидејќи кога го имаме ова имаме сѐ. Сето останато богатство, успех, сѐ се постигнува и се надокнадува. Истото си го посакувам и на себеси, на моите деца Андреј и Јована, на мојот брат, моите родители, на сите роднини,пријатели. Изминатата година беше успешна и полна со ангажмани, добив награда „Златна Бубамара на популарноста“ на која ѝ се израдував многу, бидејќи е важна за секој од нас кои сме дел од сцената, а јас на екраните прилично долго се појавувам, со различен интензитет, но сепак присутна. Навистина е чест и задоволство кога сето тоа ќе добие јавно признание дека сте оставиле траг, свој личен печат со своите јавни настапи. Исто така оваа година бев за прв пат модератор на јубилејниот „Виенски бал“, културен настан на највисоко ниво, со хуман карактер во нашата држава. Спотови со наши најпознати пејачи, реклами, бренд амбасадор на разни производи за здрав живот и козметика. Синот Андреј е одличен ученик, а со својата фудбалска генерација „Фк Вардар“ 2009 во детската лига оваа година се на врвот на табелата и освоија два златни пехари на меѓународни турнири во Бугарија. Ќерката Јована од балерина се префрли на гимнастика и исто така имаше свои успеси. Сето ова најубавото би сакала да се преслика и во новата година, да ни биде полна со среќа, смеа и радости.
* Ти си првата Мис на Македонија за Мис на светот. Што научи од тоа искуство и на што најмногу се сеќаваш од Мис на светот во Индија во 1996 година?
- Изборот за Мис во Индија најмногу ќе го паметам по тоа што ми даде друга визија и насока за убавината, односно дека не треба да се потпирам само на надворешната убавина и изгледот, туку да работам на себеси и да развивам други способности, убавина со цел.
* Како гледаш на тоа дека не сме имале претставничка на најстариот светски избор за убавина веќе четири години по ред?
- Жал ми е што немаме толку години претставничка на најстариот избор за убавина во светот како што е Мiss World, бидејќи е одлична промоција за нашата земја од културен карактер, па и за туризмот.
* Неколку години веќе не си во брак со фудбалерот
Игор Кралевски. Како се справи со одлуката дека ќе се разделите во тоа време,
чувствуваше ли страв од промената дека остануваш сама?
- На темата развод немав коментар ниту за време на процесот, а дури сега ретроспективно уште помалку немам коментар.
* Какви деца се Јована и Андреј, како ги воспитувате, за што се талентирани?
- Андреј има 10 години, Јована 8. Тие се извонредни деца, насмеани, среќни, дружељубиви, комуникативни, емпатични, грижиливи, вредни, културни, внимателни деца. Андреј тренира фудбал и навистина го сака тој спорт. Јована од балерина сега тренира гимнастика, има голем афинитет кон глумата и планирам да ја запишам на курс. Двајцата се одлични ученици. Ги воспитувам на трајни вредности, чесност, искреност, да бидат вредни, добри луѓе, да веруваат во себе, да го ценат својот труд но и трудот на другите, да се одговорни, истрајни, ги учам на здрави навики за животот, за храната, хигиената, да не се откажуваат никогаш без разлика што нема да успеат од прв пат да продолжат, и да се обидуваат сѐ додека не го постигнат замисленото. Впрочем сѐ се постигнува, сѐ е возможно, доколку сме посветени и истрајни за да дојдеме до целта во училиштето, во спортот, во професијата, во животот.
* Дали си вљубена, има ли некој со кој што поминуваш квалитетно слободно време?
- Времето квалитетно го поминувам со своите деца, со друштвени игри, во кино, во театар, на прошетки, на излети,на одмори. Со мојот круг на друштво, блиски другарки, пријатели.
* Која е најголемата невистина што си ја прочитала за себеси во медиумите, која најмногу те погодила?
- Обично се пишувале невистини поврзани за мојот приватен живот каде што информациите биле вадени од контекст, но и тоа е дел од јавниот живот. Луѓето кои се до мене знаат што е вистина и тоа е најважно, немам никому за зошто да се правдам, објаснувам ниту да се докажувам. Впрочем јас сум дел од јавниот живот со проекти во кои сум ангажирама, професионални и други ангажмани, тоа е работа која јас ја работам и таа е темата на која разговарам.
* Модниот ТВ-канал Fashion TV те избра за амбасадор на убавината на Балканот, кажи ми нешто повеќе за тоа.
- На секоја жена ѝ годи кога добива комплименти, не сум ни јас исклучок. Чест и задоволство е, но и голема одговорност, многу погледи вперени, очекувања, многу девојки, жени кои гледаат пример во мене, а и како мајка и децата исто така гледаат, не е воопшто лесно, но е животен предизвик. Па се трудам да бидам добар пример, подобра верзија од себеси преку моите јавни ангажмани, настани, настапи освен на убавината да ставам акцент и на интелектот во смисол да не се запоставува тој дел. Потребно е постојано да се доизградуваме, со хуманост, со разни активности кза да бидеме комплетни како личности и однадвор и одвнатре.
* Нешто што те карактеризира надворешно, освен
убавината и грациозноста е и младоликоста. За Вера велат дека никогаш не се
менува. Како се негуваш, кои се твоите женски ритуали?
- Да, токму така, мислам дека се должи и на двете работи, на генетиката во моето семејство и од двете страни се младолики, а и се негувам. Но особено влијае мислам тој мој палав детски дух, во тело на жена, мајка, кој ми ја дава таа енергија, шарм, впечатливост и харизма. Моите ритуали за нега се речиси како кај секоја жена. Имам козметика која ја употребувам, чистење на лицето, разни маски, разни третмани за лице.
Милица Џаровска