Каде брзаш?!

Добивај вести на Viber

Памтам дека отсекогаш баба ми ми велеше да не брзам кога правам нешто, оти се губи лезетот. Од дете бев нестрплива и кога имав нешто да завршам секогаш бев фокусирана на тоа и зуев како мува без глава. Нит ми беше јасно она за лезетот, нит пак сакав да ми се разјасни. А таа и кога го правеше она слаткото од жолти сливи, чиј вкус уште ми е во устата, беше како времето да е застанато. Уживаше во сите детали, а оние кои имаат баби или кои памтат како се прави слатко од сливи, знаат што мака е. Цел еден процес, од вадење семки на секоја слива со безопасна, па потопување во вар, па полека варење, оти целиот шмек беше во тоа ем да е сварено, ем сливите да крцкаат, а притоа да не е шеќердисано. Ехееееее, тоа бараше и време и нерви, а особено посветеност и трпение. Како стареам полека сфаќам колку вистина има во тоа дека не е само да ги направиш работите, туку дека сепак треба да знаеш да уживаш во нив. Кога почнав интензивно да пишувам, низ времето си развив некои ритуали, во кои не само што уживам, туку можам и комплетно да се посветам на она што го правам во моментот. Седнување надвор со лаптоп, пијачка, слушалки на уши, без да му ја мислам на надворешниот свет.

Полека почнав да станувам свесна за тоа колку научивме да живееме и работиме набрзина, колку оној стрес да се завршат нештата што е можно поскоро, не’ има осакатено и направено да сме зависни од времето кое наводно го имаме на располагање, без да ни светне дека најчесто ние сме господари на тоа време. Она што најмногу ме изненади, беше дека дозволивме трката со минутите и секундите да ни влијаат и врз приватниот живот. Така, имаме се’ повеќе инстант пријателства и врски, кои често завршуваат и пред да започнат.

Зошто брзаме? Дали е можеби страв дека нешто ќе испуштиме да направиме во овој живот, па по цена на тоа да не го изуживаме, го правиме како да сме на трка на 100 м. Татко ми стално вика дека животот е маратон, особено кога ме гледа како трчкарам и жонглирам со сите обврски кои не само што ги имам реално, туку и доброволно си ги преземам врз себе. Научив дека не е важно само сработеното, туку и чувството на задоволство кога се прават нештата. Никој не може да купи време, ниту да го продолжи. Но, тоа не значи дека треба само да протрчаме низ животот, без притоа да градиме и спомени. Да ме прашате за годиниве наназад, има периоди на кои не можам да се сетам како сум ги минала. Оној стрес дека мора сега и одма, ме има изедено на моменти. Сега, со овој ум, малку поинаку правам. Можеби е тоа поспоро, ама барем се чувствувам себе во секој миг.

Истото го гледам околу себе. Се’ е набрзина, особено ме запрепасти колку е тоа застапено во меѓучовечките односи. Од “здраво” до “чао”, патот е дур да трепнеш, без онаа убава возбуда на запознавање, одење полека, откривање на другиот, магијата на исчекувањето. Инстант љубов, инстант секс...а ништо од тоа не останува во човек како убаво чувство, или чувство на исполнетост. “Дај ново дете” стана како добро утро, без луѓето да се припотресуваат. Не велам дека мора да има потресување, ама барем малку усул во сета таа бркотница и мешаница.

Знам дека ова звучи наивно и можеби смешно. Та нели никој не сака да си го губи времето. Ама па како ќе знаеме дал го губиме или не, ако не запознаеме некого. Леснотијата со која се доаѓа до “љубов” или секс стана замена за чувства. Имав една полемика за тоа дали чувствата се преценети, или можеби се поважни разумот и дразбите кои не’ возбудуваат. Мене некако сето тоа ми оди заедно, секако со тоа што во одредени моменти на кантарот ќе ми стежне едното, другото или третото, ама со истиот човек, а не со тројца различни. Дали стравот од стареење и смрт повеќе ни ги буди нагоните или ниските страсти, па компензираме со љубов која тоа не е, блискост која ја глумиме, посветеност која не постои. Брзањето е бегање од сопствената смртност. Веројатно некој за мене ќе рече дека не сум го изживеала животот со полни гради, бивајќи сама и без некој до мене. “Најди некој” е реченица која многу често ја слушам. Тоа ми иде ко да ќе одам на пазар, па ај да најдам од оние патлиџаните што се погодија за минатата манџа. Не се наоѓа некој туку така, особено ако не сте скроени за овој модерниов начин на живот. За мене да се најде некој е малку подолг процес од 3 муабети онлајн, две средби и завршување в кревет (“е затоа си сама”). Наоѓањето некој е како она погоре со слаткото од сливи, со посветување време, внимание, себе на опипување на пулсот на другиот и односот. Дали сум тешка? Да! И не само што сум тешка, туку сум и ужасно напорна со овие мои размислувања. Дали сум предмет на мајтап? Веројатно да! Дали можам да се сменам? Не! Можам да глумам дека разбирам оти се’ веќе функционира вака набрзина, ама па и тоа е губење време.

Искрено, ниту разбирам, ниту можам да разберам. Не е мое да делам ум, скраја да е да осудувам или да се прекрстувам и кажувам на секое “пупупу”, ама сериозно, дека ми е јасно, не ми е. Не сакам и нема да брзам онаму каде што ми се чувствата влог, не сум спремна на тој луксуз да преџвакувам судир со себе, по цена да не се биде сам. Ми се чини дека токму заради таа трка со времето и брзањето, има се’ повеќе осамени луѓе кои се најмалку сами. Или ако сакате, може и обратно....се’ повеќе парови, меѓу кои зјае празнина и кои не се добри ниту сами за себе, ниту во односот кој е бесмислен.

Застаната сум меѓу две времиња, меѓу два начини на живот. Од една страна, живот кој го памтам од времето на баба ми и дедо ми, исполнет со суштина....и овој на кој сум сведок, полн форма. Суштината стана потценета, формата преценета, а јас и таквите ко мене-непоправливи љубители на романтиката, сме како паднати од друга планета. Не знам дали она што го сакам е премногу во денешно време, дали е барање погача преку леб, исто како што не знам дали ова другово е ок. Ама знам што можам, што сакам и што е најважно, точно знам што не сакам, па макар скапала сама.

Не брзам никаде, расчистив дека ќе го живеам она што ми доаѓа однатре без да се терам себе да бидам нешто што не сум. Не сакам да брзам за кога еден ден ко ќе застанам, зад себе видам само замачкано минато, без луѓе кои навистина ми оставиле белег во животот и ми дефинирале некој период, а и мене во него.

Имала време или не да го живеам она што го сакам, ќе го живеам по мое дур ми е шкртнато и без да се чувствувам како да не припаѓам тука. Нема да припаѓам само онаму каде што разводнетоста станува начин на живот кој не го чувствувам за свој. Но, сепак најважно е да припаѓате во она време и на она место каде што ќе бидете спокојни и свои, па макар тоа било и во вашите 4 ѕида...сами. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

престануваш да го есапиш времето

и да го ишкаш како здодевна мува

која си ги одмива крилата во твојот чај од нане

и почнуваш наместо секунди, бакнежи да броиш

минутите ги мериш во џарење еден во друг

а часовите во здивови

и се фаќаш себеси дека некако ти олеснува

кога во таа бесполезна трка со „уште колку ти останало“

наеднаш и без предупредување застануваш

ги собуваш патиките и грациозно

(со замавнување на косата) велиш

„фала многу, доста ми беше,

одам да се погушкам сега“

па заминуваш без да се завртиш

патем ги газиш стрелките на часовникот

кој во тебе чука од раѓање

и ниту живот те интересира

ниту пак смртта ја есапиш

едноставно го тераш моментот

добар или лош, сеедно

по ѓаволите, каков и да е – твој е

па некако сѐ ти врви инаку

слушаш појасно

и видот поарен ти е

(иако носиш диоптрија)

а башка и светнуваш некако

како полирано сребро на кое сјајот му се вратил

оти сеедно ти е и ништо веќе не есапиш

ниту на душа си клаваш

па дишеш за да се надишеш сѐ

што во младоста си пропуштила

и љубиш за да се изнаљубиш, срцето да си го

наполниш

и престануваш умот да си го труеш

и да се зацрнуваш со мисли

па тераш на песна

ма тераш со тамбураши и вино

со љубов во градите

и неговиот лик пред тебе

му го чуваш срцето до своето

и знаеш дека сте една паричка со две лица

та на смртта в очи ѝ се смееш

дур му ставаш бакшиш на музичарот

оти среќна си

и ништо повеќе не есапиш

освен себе покрај него

и него покрај тебе

сега и тука

сега и тука