Како да се храниме во време на пандемија: Ана Антовска, м-р по нутриционизам
Нема определен вид намирници кои влијаат во превенција од корона вирусот. Ана Антовска, дипл. нутриционист и м-р по нутриционизам, вработена во Аџибадем Систина, посочува дека исхраната треба да биде разновидна, а со тоа да се внесе потребниот оптимален внес на основните нутриенти.
* Корона пандемијата повторно зема голем замав, постојано се зголемува бројот на заболени пациенти. Колку исхраната за време на болеста е битна?
- Исхраната игра исклучително важна улога во подигнувањето на имунитетот. Имено, за да се има јак имунитет здравиот начин на исхрана треба да биде составен дел од начинот на живот, не само во време на пандемија, туку секогаш. Имунитетот не може магично да се зајакне со практикување на здрави навики во тек на краток временски период, тој се гради долго време, и важно е да се зачува.
* Не можеме да издвоиме една или две намирници кои како волшебно стапче ќе ни го подигнат имунитетот кој е најбитен при борба со вируси. Постојат ли сознанија кои намирници можат да помогнат во борба против корона вирусот?
- Нема определен вид намирници кои влијаат во превенција од корона вирусот. Исхраната треба да биде разновидна, а со тоа да се внесе потребниот оптимален внес на основните нутриенти.
Пробиотските култури задолжителни во исхраната
* Пради губитокот на мирис и вкус, луѓето немаат апетит: Кај нив не се поставува прашањарте што да јадат, туку е најважно да јадат. Како да се стимулира апетитот?
- Тешко е да се внесува храна кога има отсуство на сетилото за мирис и вкус. Единствен начин да се стимулира апетитот е редовното внесување на помали оброци во текот на денот, претнециозно, се со цел враќање на енергијата на организмот, при што ќе се оневозможи нарушување на крвната слика.
* Како да изгледа менито на болните од корона?
- Исхраната кај заболените од Ковид 19 треба да биде адаптирана според состојбата на личноста. Но, генерално треба да се внесува свежо овошје и зеленчук, како и термички обработен зеленчук, риба, немасно месо, домашни супи, нерафинирани растителни масла, да се избегнува сончогледовото. Може да се киристат маслиновото масло, маслото од семки од гројзе кое е најпогодно за термичка обработка, бидејќи има висока точка на чадење, како и кокосовото масло. Пробиотските култури задолжително треба да бидат присутни во исхраната, кои се внесуваат преку ферментирани млечни производи, кисело млеко, јогурт, кефир, како и ферментиран зеленук, кисела зелка. Но, оние кои имаат покачен крвен притисок треба да внимаваат со внесот на солта, која е особено застапена кај киселата зелка. Од исхраната да се исклучи белото брашно и месните преработки, секаков вид на пакувана храна. Се препорачува внес на леб од целозрнести житарки, како и тестенини од истите, но во лимитирани количини.Организмот задолжително да се хидрира со внес на најмалку 1,5 л негазирана вода, како и цедени сокови од цитрусно овошје , секако до две чаши дневно , разредени со 50% вода. Поедниците кои земаат редовна антихипертензивна терапија, треба да го исклучат цитронот од исхраната, бидејќи истиот го инхибира нејзиното дејство. За љубителите на млечните производи ги препорачувам козјите.
Во пост- ковид периодот да се продолжи со внесување на здрава храна
* Меѓу народот се шири размислувањето дека за време на болеста треба да се јаде само храна во бела боја? Кој е вашиот став?
- Тоа тврдење не е точно. Бела храна се дава само кај пациентни кои имаат мелена, крвава столица и тоа исклучително во болнички услови, под надзор на лекар.
* Луѓето кои прележале Ковид, најчесто се жалат дека при секоја поголема активност чувствуваат замор, тешкотиии при дишење и кашлање. Каква храна се препорачува за да ја вратат силата?
- Во пост- ковид периодот треба да се продолжи со внесување на здрава храна, истата онаа која ја опишав погоре.
* Моментно популарно е смудито. Што треба да содржи здраво смуди?
- Смудито преставува одличен начин за внес на минерали, витамини и растителни влакна, а при тоа да не се надмине потребниот калорски внес. Но , секако ова важи доколку правилно се комбинираат намирниците и ако се внимава на нивната количина. Приготвувањето на смудито како и на секој оброк треба да биде индивидуален, согласно потребите на поединецот и неговата здравствена состојба.
-1/2 шолја замрзнато шумско овошје
-1/2 банана
-дланка сирови бадеми
-две супени лажици чиа семе, кое се додава на крајот без да се бледнира.
-200 мл кокосова вода или бадемово млеко
-100 мл вода
* Што опфаќа вашиот опсег на работа?
Вработена сум во Аџибадем Систина од 2013 година, на работна позија - нутриционист.
Работам со хоспитализираните пациенти. Занив изготвувам индивидулана исхрана по назнамка од ординариус, а воедно одговорна сум за севкупната исхрана која ја добиваат додека се кај нас.Исто така работам и со надворешни клиенти/пациенти, при што изготвувам индивидуални хигиено- диететски протоколи за намалување на телесна тежина, за покачување на телесна тежина. Правам диетотерапија за пациенти согласно нивната здравствна состојба, при интолеранции и алергии на храна, кај пацинети со проблеми во дигестивниот тракт, бремени жени, кардиолошки пацинети. Потоа кај пациенти со дијабетес, тиоридни проблеми и слично.
Соња Алексоска Неделковска