Како куршум ме погоди веста дека украинската војска принудно го сруши мостот што го градев со македонските стручњаци: Иван Ивановски 20 години работи во Киев

Работа, дружба, задоволство од делата и успехот што го остварил на територијата на Република Украина во изминативе 20 години се запишани во професионалното портфолио на Иван Ивановски, градежен инженер. Бил раководител на проект УА + 380 6, а со македонските стручњаци реновирале и засилиле повеќе од 16 км мостовска конструкција на меѓународните патишта.

Ивановски моментно е во Македонија, а секојдневието му е исполнето со разочарување и грижа за пријателите и соработниците во Украина, со кои постојано е во контакт.

- Во периодот од 2003 година до крајот на 2021 година македонската компанија Алијанс Инженеринг-МК беше присутна на територијата на Република Украина. Обновивме, реновиравме и засиливме повеќе од 16 км мостовска конструкција на меѓународни патишта М 06 Киев-Чоп, М 06 Киев- Одеса, М 03 Киев-Харкив, М 01 Киев –Четнигив. Видна и неопходна беше нашата помош во Киев. Вредните наши работници ги санираа мостовите на Одески Плоштад, Големата разврска на булевар Науки, надвозникот на Метро станица Нивки, Надпатникот на булевар Иван Лебце, големата разврска на булевар Гната Јуриј. За посебно внимание е успехот на Мостот Метро преку реката Дњепар на Русановска Протока – вели Ивановски на почетокот од нашиот разговор и дополнува дека градежната сезона со оглед на временските услови ја завршиле во декември 2021 година, но не и работните обврски. 

-Се вративме за новогодишните и божикните празници во своите родни краишта за да ги прославиме со најблиските. Нашите планови беа повторно да одиме во Украина и да ги завршиме започнатите активности со Азербејџанската компанија Азвирт. Но, плановите секогаш не се остваруваат. Почетокот на војната во братска Украина за среќа не затекна дома – открива тој. 

Создадов блиски пријателства во Украина

Посебно тежок ден за него бил 25 февруари, кога украинската војска со цел да спречи преминот на руската војска од страна на Белорусија, го сруши мостот на меѓународниот пат Киев-Чоп на 21+140 Км, во село Стојанка. 

- Го срушија првото поле од страна на Киев и тоа од двете страни. Таа вест ме погоди како куршум. Мостот беше постоечки со нарушена стабилност и со мала пропусна моќ. Извршивме засилување на мостот и проширување со изградба на широки тротоари од двете страни за потребите на шампионатот кој се одржуваше во Украина и Полска 2012 година. Направивме репрезентативен објект како лице за влез во Киев од Европа. Објектот има шест полиња.Всушност тоа е мост од прва категорија. Има лев мост со 4 траки и десен мост со 4 траки – вели Ивановски кој работел во сите области во Украина меќу кои Закарпатска, Киевска, Ровињска, Житомирска, Одеска, Полтавска, Чернигивска, Черкаска и Волинска. 

- Создадовме не само соработници, туку и лични пријатели, другари со кои фамилијарно се дружиме. Доаѓаа и во Македонија. Постојано контактирам со нив. Сите се во моментов на безбедно место, но надвор од своите домови, од Киев. На мојот пријател, другар, соработник Александар Валентиновиќ му беа потребни повеќе од 18 часа од Василкив, да стигне во Лвов со своето семејство. Мојот близок соработник и другар Иван Сидоренко се засолни кај своите родители во селото Бобрик, недалеку од Киев,  неколку километри од воената база во Бровари која ја гранатираа. Сите домови во селото се барикадирани, шетаат дежурни стражи, за да ги штитат од неизвесни диверзанти – открива Ивановски.

Потресни сведоштва на другарите

Потресна е судбината на неговата колешка, другарка и прв соработник Татјана Кузнецова. Во немирите во 2014 година во Донецката област, кога беше прогласена НДР, таа со својот брат и семејството нашла засолниште во околината на Киев. 

- Изнајмија стан и се вработија во Киев. Нивната мајка остана на територијата на самопрогласената НДР да го чува домот, имотот и се што со векови го создавале. Информациите пред овој конфликт биле страшни. Започнало евакуирање на населението на територија на Русија. Загрижената мајка решила да се самоорганизира и стигнала кај своите блиски во Киев. Судбината сакала да бидат сите заедно, но за жал на територија каде се доживува пекол. Не се кае што дошла, секојдневно е со своите. После секоја воздушна тревога се во блиското скривалиште. Се снабдиле со намирници за секојдневни потреби - открива Ивановски. 

Големо пријателство го врзува и со семејството Кот и со Наталија Иванова која во секоја прилика ги штити правата на Македонците во Украина.

- Крапивко Александар сопственик на Фирмата Гранит Украина во Киев, рекетирањето на Киев го затекна во болница. Сопругата и синот успеаа да го извадат и заедно да се засолнат на побезбедно место на страната на Черкаси. Потресно е патештвествието на порнешниот украински амбасадор во Македонија, господинот Ростислав. Познавач на Македонија вистински професионалец ,човек со големо срце. Нему му беше потребно повеќе од 24 часа да го напушти Киев и со своето семејство детето и сопругата, која е од Скопје, да стигне во родниот Ужгурод, кадешто во моментов се чувствува безбедно.Се слушнавме кога патуваше , беше многу возбуден. Но, по пристигнување веќе поинаку комуницира- вели Ивановски.


Соња Алексоска Неделковска

Фото: приватна архива

ГАЛЕРИЈА: