Како настанал хитот „За многу години Македонци“?

Добивај вести на Viber

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов

„ЉУБОВ ГОЛЕМА“ (ВИОЛЕТА ТОМОВСКА И НАУМ ПЕТРЕСКИ)

Наменски рефрен, дело на еден од основоположниците на македонската забавна музика, легендарниот Димитар Масевски. Тој е автор на музиката и на текстот, а аранжманот го потпиша Милан Завков. Песната премиерно е изведена во ТВ-емисија по повод Референдумот за самостојност и независност.

- Секогаш одбирав квалитетни интерпретатори за моите нумери. Првата песна што Виолета Томовска ја испеа негде во 1960 година е моја тема. Најдоброто од сите машки вокали на нашата сцена е собрано во гласот на Наум. Таа песна ја напишав за мојата земја, снимена е наменски за денот на нашето осамостојување. Оттогаш почна да се пее по свадби и за новогодишни забави. Вистината за човекот е преку делата што како наследство им ги подарува на генерациите – подвлече во една прилика Масевски.

Неговото творештво опфаќа околу петстотини композиции од кои многу станаа евергрини. Во историјата на македонската забавна песна, меѓу другото, ќе остане забележан со песната „Последна Солза“ во интерпретација на БлагаВидецкако прва песна испеана на македонски јазик на Југословенската забавна сцена. Автор е и на првата детска песна на македонски јазик „Рингишпил“. Компонираше музика за ТВ- филмови и драми, театарски проекти и претстави за деца. Почина на 23 мај 2015 година.