Како пораснав покрај ќерка ми

Добивај вести на Viber

Знаев дека ќе имам ќерка, не прашувајте како. Едноставно знаев. Во моето семејство женските деца се благослов и среќа, иако сите сме нарекувани “сине”. Јас бев првото дете што се роди и од страната на мајка ми и од таткова страна, прво па женско. Уште од мала своеглава, своја, дивтар и во свет кој сама си го создадов. Сиот живот идејата за дете, мое дете, ми беше далечна но имав претчувство (или интуиција) дека кога ќе дојде моментот и моето чедо ќе биде девојче. По сите тогашни мерила и некакви си медицински критериуми, имав таканаречена геријатриска бременостна 34, скоро 35 години. Демек, над 30 години женското тело е веќе старо за раѓање. Среќа што оттогаш се сменија работите а и медицината отиде понапред, па денешните жени и девојки не ги оптеретуваат со тоа дека “мора” да родат кога се помлади. Да се биде мајка на било која возраст си има свои предности и недостатоци. Еве, на мои години жените се веќе и баби, а ние по дома утре ќе го прославиме полнолетството на Нина. Да, цели 18 години откако го слушнав докторот како рече “машала, ова пораснато се роди, спремно за во прво одделение”. И така беше, се роди со 4 килограми и со поглед кој беше директно фиксиран на мене како да ме скенира дали добро си ја одбрала мајка си.

Се сеќавам на секој миг откако е родена до ден-денес. На сите плачки, доење по цела ноќ, никнати заби, температури, првиот кикот и кажаното “мам” (ја мрзеше да кажува цели зборови). Се сеќавам на напрченото муце додека редеше сложувалки како да решава тежок математички проблем со невидена леснотија и фокусираност. Се сеќавам на сите непроспиени ноќи во кои меревме температура, две епизоди со лежење во болница и страотно добро го паметам чувството на парализираност и немоќ кое ме обземаше кога на рачето имаше игли за инфузија. Но, најмногу се сеќавам на тоа како и во какво детерастеше, а сега е веќе возрасна личност,оформена. Нежна, емпатична, своја и голем инает кога е убедена дека е во право. Растеше таа, ама растев и јас покрај неа. И кога велам дека растев, ич не мислам на годините. Растев поинаку, растев како човек и мајка, како личност која многу принципи и сфаќања ги смени само затоа што имав со кого и од кого да учам. 

Паметам сé, дури и се чудев колку ми се изостри интуицијата покрај неа. Знаев однапред кога ќе се разболува, ми требаше само малку време да дефинирам дека чувството на немир и страв се предзнак дека нешто нема да е ок. Знаев по дишењето во спиење дали ќе трчаме следниот ден за правење крвна слика и прегледи. Пред очи ми е сликата кога за првпат ја оставив  во градинка (ганда) и кога плачев како магарица пред врата додека го слушав нејзиниот плач и зборовите “Ана, вати се” (ви кажав дека кратеше зборови). Ме викаше Ан, а после и Ана оти ги слушаше баба и дедо како ме ословуваат, па почна со “мам” за конечно да дојдеме до мама. До денешен ден си велам дека е нормално што кога посака да се враќа сама од училиште, се криевме со баба и дедо (стратешки распоредени) по влезови од згради и грмушки, само за да се уверам дека моето непрестано зборување за тоа како се преминува улица е научено напамет.

И еве нé сега. Таа е веќе девојка, мојата најголема љубов, болка, страв, гордост и спокој. Јас сум троа повозрасна, со повеќе брчки, истите стравови за неа но и неизмерно среќна кога гледам каков човек станала. Го користам секој миг да ја гњавам со гушкање, кое ми го дозволува само кога е расположена. Научив дека нема со деца кога мене ми се сака нешто, туку дека и од мали се со интегритет кој не смее да се потценува или да се игнорира. Научив дека не е добра мајка онаа која дозволува сé што сака детето, туку онаа која ќе умее да направи баланс меѓу желбите на детето и реалните потреби, оти не секогаш она што го сакаат е добро за нивната безбедност и здравје. Научив да комуницирам кротко, да премолчувам и да сум стрплива колку што никогаш не сум ни замислувала дека можам да бидам. Научив дека да се биде мајка е како да се влегува во еден сосем нов и непознат свет во кој владеат други правила на игра. Научив да давам ветар во грб и тогаш кога немам сила ниту за себе, кога сум преморена или безволна. Чудо е како заборавате на сé што ве мачи кога е во прашање детето. За првпат во мојот живот почувствував што значи безусловна љубов и поддршка. Нема не можам, не сакам, не знам. Едноставно, наоѓате начин и воља за сé.

Создадов однос со детето во кој не ми е срам ни шубе да прашам дали има нешто што не и’ се допаѓа кај мене. Впрочем, тоа е начинот за да станам и јас подобар човек. И слушам, слушам и она што не ми допаѓа и се потсетувам дека треба (колку и да ми доаѓа некогаш бурно да изреагирам) да сопрам и да избројам до 10 (па и повеќе), оти сепак имала доверба во мене да ми го каже и она за што знае дека можам да се налутам. 

Нина сине и ќере (оти си моето СЕ’), нека ти е среќно полнолетството. Мајка има неколку работи да ти каже...лажам, имам многу работи да ти кажам ама за тоа ќе ми требаат барем 3-4 колумни. Сепак, ќе скратам и ќе го сведам на ова:

Да се грижиш за себе онака како што знаеш да се грижиш за сите околу тебе. Не се ставај себеси во втор план од скромност, направи баланс во кој ќе се сакаш и себе и другите, оти само со љубов кон себе ќе откриеш љубов и за останатите.

Не се откажувај од своите соништа дури ни тогаш кога ти изгледаат далечни или невозможни. Универзумот знае и умее да ги нареди работите за да ти дојде на тацна тоа што го посакуваш.

Да вложуваш во своето знаење и образование и тогаш кога мислиш дека сé знаеш, оти на 18 сите сме мислеле дека сме најмудри. Не застанувај никогаш и не се колебај да продолжиш да одиш напред, кон она што си го зацртала.

Собери малку, ама саглам луѓе околу себе со кои ќе имаш взаемна почит и љубов. Чувај си ги тие со кои ќе почувствуваш сродност, непроценливо богатство се.

Љуби со цело срце, ама чувај си го оти не е мала работа да ти е скршено. Колку и да сакам да те поштедам од тоа, знам дека не можам...а и не сакам, оти така ќенаучиш како да се заштитиш во иднина.

Најди задоволство во сé што правиш, оти налет живеачката без хедонизам ама и без разум. Не се јаде сé што лета, ама па и не се живее во стаклено звоно.

Бегај подалеку од простотилак и малограѓанштина, озборувања и лошотилак. Светот знае да биде погано, но и преубавоместо. Од тебе зависи во кои води ќе пливаш.

Никогаш да не заборавиш дека што и да те мачи и што и да ти се случува, секогаш имаш каде да дојдеш. Додека сум жива, ќе имаш од мене помош и поддршка, без осудување и без обвинување.

Проблемите решавај ги со ладна глава, не џабе беше напишана мудроста во Василиса Прекрасна дека утрото е помудро од вечерта. Отспиј и после одлучувај.

Да не се плашиш да си го кажуваш мислењето и никогаш, ама никогаш да не се снебиваш да кажеш НЕ кога ќе се почувствуваш загрозена.

Да бидеш горда на себе, на тоа што си жена и да не дозволиш некој да те убеди во тоа дека нешто не знаеш или не можеш само затоа што си женско.

Верувај на делата, не на зборовите. Тие се убави за слушање, ама од нив фајде нема ако не се поткрепени со дела.

Простувај и не биди горделива за да побараш прошка. Но, внимавај кому и што простуваш оти не е сé за давање прошка. Не го врти и другиот образ, оти ќе се разочараш колку брзо и лесно ќе те удрат и по него.

Да не даваш никој да крене рака на тебе и да не се залажуваш дека љубомората и посесивноста се знаци на љубов. Тие се нељубов од најтежок вид кој најдолго и најболно се памети. 

Да се бориш за оние жени кои не можат да се изборат за себе и да не заборавиш дека ти е должност да застанеш зад нив, оти низ животот ќе налеташ на многу кои се на колена. Застани и дај им рака да станат.

И најважното...биди среќна и во мир со себе за сите избори кои ќе ги направиш. Твојата среќа е најважното нешто. Мајка ќе е тука за да го навалиш грбот кога ќе ти треба одмор и да збереш сила за напред.

Те сакам отаде сите мерила и граници за љубов, биди жива и здрава, биди своја. 

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ти си мојата сила

За чекорот да ми е цврст

Тогаш кога патот е нерамен

И кога на него се сопнувам

Чунки секој камен-препрека

Полесно се врви со мислата за тебе

Ти си мојата сила

Кога телото ми е слабо

И кога колената ми треперат

Та само еден твој поглед

И повторно плеќите ми се исправаат

Како да нема товар врз нив кој влече удолу

Ти си мојата сила

Кога небото стежнува

Кога громови на земја паѓаат

И само еден твој збор е доволен

За да знам дека не постои невреме

Кое сомнеж во мене ќе разбуди

Ти си мојата сила

Тогаш кога сила немам ниту за себе

И кога ми се чини оти снагата

Како од гума ми е сета сторена

И наеднаш како челик станувам

Кој не се витка од никого и ништо

Ти си мојата сила

Мојата верба во подобро утре

Мојот начин да се живее

И умешноста да се преживее

И тогаш кога животот е немилосрден

И кога мава од сите страни

Ти си мојата сила

Мојот здив кој длабоко го земам

Мојата прва и последна мисла

Кога денот се раѓа и ноќта кога доаѓа

Мојата надеж дека сонцето не ќе згасне

И тогаш кога црна темница е надвор

Ти...

Ти си сé што секогаш посакував

Помудра од мене

Поумна од мене

И нема поголема радост

Од таа кога гледам оти своја си

Колку и јас моја да те нарекувам

Ти си мојата сила

Моето вчера

Моето денес

Моето утре

Без да те стискам до себе

И без да те гушам со себе

Ти си моите крила

Кои ги раширив без страв

За да те оставам да бидеш она што сакаш

(за Нина)