Како се негува љубовта

Добивај вести на Viber

Насловот на колумнава не е баш соодветен за некој кој што е разведен скоро 14 години и не бил во врска одамна (не паметам од кога), но повод ми е 50 годишнината од брак на моите родители која беше во саботата. Не еднаш сме зборувале за тоа колку е тешко не само да се најде љубов, туку и истата да се задржи, одржи, негува и да остане жива после Х години. Не дека на оние кои ја имаат им било лесно низ годините да најдат решенија за проблемите, да најдат начин како да останат заедно и што е најважно, сето тоа да не е со меѓусебно малтретирање и отсуство на почит. Ги гледам моиве како после 50 години заедно се држат за рака додека шетаат по кејот на Охрид и не ми е јасно што се случило со нас (помладите) што на секоја кавга си се честиме со навреди, молк или разделби. Дали времето во кое живееме не’ прави да сме циници и да не сме способни да ги надминеме разликите. А не дека било секогаш мед и млеко и кај моиве. Имало расправии како што е тоа во секој однос кога двајца се заедно, ама ете, опстоиле заедно толку долго време. Не џабе старите имаат изрека (знаете дека многу си ги сакам нашите мудрости) а која вели “трпение-спасение”. Токму тоа трпение ги пеглало разликите меѓу двајца кои одлучиле да бидат заедно. Денес некако сите сме на крајот со нервите, избувнуваме и правиме драми онаму каде што може да се решат несогласувањата многу полесно и помеко. Тргнувам од себе и од навиката да сум сама. Сега дури не ни можам да се замислам во врска или брак, живеење заедно и делење на секојдневието со некого. И да, не е дека не сакам љубов, но ми се чини дека токму со ставот дека се’ можам сама, си ја ускратувам и си наоѓам оправдувања зошто ја немам. А не дека не можам сама, туку дека не сакам некогаш, но изгледа дека кај мене е посилен оној порив за сама да ги решавам сите работи кои се однесуваат на мене и мојата живеачка.

Баба ми имаше една девиза по која се водеше сиот живот, а која беше дека преку ден и да си ги извадиш очите со оној со кој што си, не смееш да си легнеш лут во постела. Е сега ова постелава има и повеќекратно значење кое не го разбирав како мала, ама сега ми е јасно што сакала да каже со тоа. Кога проблемите ќе се преселат и во спалната соба, тогаш веќе има поголем проблем меѓу двајца од една обична караница. “Казнувањето” со молк и одбивањето да се води љубов е една од најпогрешните одлуки за да се држи до себе и да му се покаже на партнерот дека нешто не’ навредило или повредило. Ај што не е паметно, туку и себе се ускратуваме од можеби најдобриот начин за ослободување од негативната енергија. И да сме на чисто, а без навреди, но факт е дека жените повеќе го практикуваат овој начин на казна, отколку мажите. Исто како што е факт дека ние жените сме поголеми љутаџики и знаеме да држиме инает кој е најмалку добар за нас, а после и за заедницата. Затоа, што и да правите, во спална соба се оди со прочистена глава и без гнев. Вртењето грб во креветот е вртење грб на целиот однос. Не велам дека сексот решава се’, но велам дека расчистувањето на недоразбирањата си имаат свое место и време, а тоа не е ноќе и не е во кревет.

Ќе се сложам дека модерново време и’ донесе на жената слобода да си каже јасно и гласно што не и’ се допаѓа и дека е тоа исправно и единствен начин како да имаме еден здрав и нормален однос. Премолчувањето е само одложување на проблемите и себезалажување дека нештата онака сами од себе ќе се решат. Веројатно балансот е најважен и одлика на мудрите парови. Да, ќе се расправаме оти не сме исти. Да, ќе си “вадиме очи” кога ќе си стапнеме на жуљ едни на други. Да, потребно е да си кажеме в лице се’ што не’ повредува, навредува, фрустрира, но тоа да е на начин на кој ќе ги подобриме нештата во иднина, а не да се создава јаз кој ќе е секој ден се’ поголем. Она што е голем проблем според она што го имам искусено и видено низ годиниве е кога партнерите се преправаат дека им е се’ потаман пред јавноста, за кога ќе останат сами ги симнат маските и си го покажат бесот. Воспитувањето дека е срамота да се покажува надвор дека нешто не е ок, прави само да создаваме погрешна слика и кај партнерот. Ако нешто ми засмета и го сметам за навреда пред друштво, ќе најдам начин да го соопштам тоа на партнерот, а не да се смешкам оти сме со луѓе за после тоа да избувнувам или да се лутам. Е, тој баланс тешко се учи, знам по себе и знам по паровите кои сум ги гледала. Па после се чудиме кога ќе дознаеме за некои дека се разделиле, а стално сме ги гледале насмеани во друштво, како се шегуваат, се надополнуваат. Токму тоа преправање резервирано за “што ќе кажат комшиите, пријателите и непознатите” знае да биде погубно за односот и да ја грицка љубовта дур еден ден некому не му пукне филмот и стави крај на шарадата.

Ви имам кажано за една статија која сум ја читала (чинам беше во Женски Магазин) во која кога прашале еден возрасен брачен пар која била тајната на нивниот брак што се одржал над 50 години, со насмев рекле дека во нивно време кога се расипувале работите ги поправале, а не ги фрлале. Каква вистина е ова! И не само што е вистина, туку е и мудрост која била лепак во односот меѓу нив. Борбата да се одржи односот, да се поправат расипаните работи, да не фрлат во ветер годините минати заедно е борба и за себе, не само за бракот, а особено ако знаете дека сте си ја нашле сродната душа. Она што не’“изеде” последниве деценија и кусур се и социјалните мрежи каде имате шведска маса на потенцијални партнери кои изгледаат супер и кул, оти никој на социјални мрежи не е она што е во приватен живот. Па си мислите дека она што е до вас е неинтересно, оти има таму некој или некоја која е позабавна или со кој/а имате многу повеќе заеднички работи отколку со оние кои се до вас. Работава “туѓата трева е секогаш позелена”, а никој не помислува дека сечија трева си бара нега, одржување и работа.

Нејсе, муабетот ми беше дека инстант љубовите не ги бива, исто како што не е исто да јадете сендвич од некаде или домашно зготвена храна на која сте посветиле време и сте ја зачиниле по свој вкус. Не бива ниту однос без работа и труд, во кој двајцата ќе мислат на НАС, секако без да се заборават себе како индивидуи во тој однос. Ако го имате, вложете максимум напор и задржете го. Ако го немате, не бидете ко мене туку отворете се и љубовта ќе си дојде. А кога веќе ќе дојде, не ја испуштајте од раце, оти тешко се наоѓа.

А јас само ќе им посакам на моиве да прослават уште многу години заедно и да се крепат еден со друг како што тоа го правеле изминативе 50 години наназад. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Тој и таа

вовлечени во игра од умови

и заплеткани желби

страст еден по друг

и копнеж од кој како река

истекува сиот нивни бол

заслепени од моментот

во кој тој во нејзините очи се џари

а таа го голта секој негов збор.

Тој и таа

како грне и капаче

еден во друг пикнати

со прстите во утробата

на оној другиот заплеткани

та се мирисаат

и без да се допрат

еден од друг воздух земаат

дур ненаситно не се надишат.

Тој и таа

како огледало во кое

секој во другиот се огледува

и мориња од премолчени стравови

подготвени да препливаат

за во поинаков свет да се најдат

во дом кој како од песок

еден за друг го градат

без на приливот да помислат.

Тој

и таа

со душите сретнати во друг живот

та во овој само повторно се препознаваат

и еден кон друг се приближуваат

како отсекогаш едно да биле

во некое друго време

кога некогаш се љубеле

и не се заситиле.

Тој

подготвен кожата за неа да ја соголи.

Таа

подготвена за него повторно да се роди.

Тој и таа

во свет кој не познава граници

и во кој пишано им било

еден на друг да налетаат

со надеж дека нема да се изгубат.

Тој и таа

тие, љубов моја,

тие двајца го живеат

она што за нас јас го пишувам

и ниту ти – тој си

и ниту јас – таа ќе бидам

оти нам вака не ни било чкртнато.

Ете, само к’смет да се најдеме сме имале

без да ни се насмее небото

за да се изживееме.

Ти – тој.

Јас – таа.

Секој сам по сам

во неколку испишани редови.

Сами и осамени.