Како се сака Македонија

Добивај вести на Viber

Љубовта си носи одговорност и обврски. Горе-долу сите знаеме дека љубов која е само на збор а без дела, ем боли ем на долг рок носи само фрустрација и затапеност. Така, бараме не само да ни се симнуваат ѕвезди од небо со муабет колку сме најнајнај (да сме на чисто, на сите ни е убаво кога слушаме колку сме сакани), туку тоа да го почувствуваме, да бидеме сигурни во она што ни се кажува. Постапките- делата или го потврдуваат она што устата го кажува или нивното отсуство носи разочарување. Да се говори за љубовта е најлесната работа, бара само елоквентност и креативност. Да се докаже љубовта и да се стои зад неа не само кога има пеперутки во воздухот туку и кога нештата ќе кинисаат удолу, е можеби најтешкото во сето “те сакам”. Да се биде истраен во чувството, да се надминат сите предизвици и пречки е вистинскиот доказ за тоа колку сме способни да сакаме и колку некој е способен да не’ сака.

Мислите дека е поразлично кога е во прашање татковината? Мислите дека љубовта кон Македонија е (или треба да биде) поразлична од онаа која ја чувствуваме кон своите деца и/или партнери? Порано да ме прашавте ќе кажев дека е тоа возвишено чувство кое не се опишува или за кое не може да се направи споредба со љубов кон човек. Сега веќе не мислам така, напротив. Сега знам дека да си ја сакам татковината е исто како мојата љубов кон ќерка ми, во поглед на мојата одговорност или обврските кои ги имам. Кога децата ви се мали и се’ уште зависат од вас се грижите за нивната безбедност и сигурност, се грижите да се подмирени во секој поглед. Своите хедонизми ги ставате под контрола, знаејќи дека грижата која треба да ја дадете на детето не секогаш се совпаѓа со она што сакате да го направите со своето време или потреби. Така, нема сигурно да се доведете во позиција да ја загрозите благосостојбата на вашето чедо, без оглед колку во тој миг мислите дека ви треба време за себе или очајно ви е потребен сон. “Те сакам” не трпи “ама”, или сакате или не сакате. Нема простор за запирки или три точки, нема воопшто простор за размисла или двоумење. Дури и тогаш кога рожбите ќе пораснат и ќе си го тераат својот пат, останува тоа дека се грижиме или дека сме тука за се’ што треба.

„Не прашувај што може државата да направи за тебе, запрашај се што можеш ти да направиш за државата го кажал Кенеди и тоа не е само флоскула или дел од срцепарателен говор со кој се собираат поени при избори. Тоа треба да е врежано во кодот на секој од нас. А обично не е така, па државата (читајте Македонија) е виновна за тоа дека сме сиромашни, невработени, дека здравството и образованието ни се катастрофа, дека имаме мали плати, дека децата си заминуваат во странство. Тоа ви е исто како да му кажете на детето дека по дома само растура, а притоа да не сте му создале чувство за одговорност кон домот/својата соба/играчките, оти товарот на воспитувањето е на вашите плеќи. Македонија не е човек на кој ќе му се лутиме дека не не’ сака или дека не се грижи за нас, дека ги изневерил нашите очекувања и дека е себичен. Впрочем, дури и во една обична врска постои златно правило дека ако сами не се грижите за себе или дозволите да ги кренете сите четири угоре и да не работите на врската, таа ќе се распадне.

Како се сака Македонија?

Со оглед на тоа дека секоја држава е одраз на луѓето кои живеат во неа, можеби е редно да почнеме секој од својот дом или двор па нанадвор. Начинот на кој ќе сакате било што зависи од домашното воспитување. Да се биде чесен, да се биде работлив, да се биде човек. А тоа се учи од дома, не е нешто што ќе го научиме попатно, туку од примерот кој го гледаме првично од дома. Ако воспитувањето е во насока да се има обврска кон домот, да се третираат домашните со почит и разбирање нема двоумење дека така воспитаниот човек ќе има однос и кон државата во која живее. Или во превод, кога интересите на Македонија ќе бидат ставени пред интересите на одредени групи или поединци ќе може да зборуваме за љубов. Кога нема да има местење тендери, кога сите ќе плаќаат даноци, кога ќе се развие културата на тоа да се негува парчето земја кое го нарекуваме татковина. Поопасно од тоа човек да не е патриот е да се биде лажен патриот. Може да го вееме знамето по тераси, да носиме државни симболи на себе, да си ги плакнеме устите со “МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНИЈА”, а во исто време да плукаме по улици, да фрламе ѓубре насекаде, да си го изгубиме идентитетот, да го доискрадеме она што не стасал некој пред нас да го украде, да вработуваме кадри на места кои се сосем несоодветни и на кои однапред успехот ќе е осуден на пропаст.

Поделбата на наши и ваши, непотизам, отсуство на одговорност кон народот кој те донел на власт и кој верувал дека ќе има подобра иднина не е патриотизам па макар и се покривале за спиење со знамето. Оти знамето не е парче ткаенина во жолто-црвена боја, туку е чувство на имање обврска кон тоа што тоа знаме значи. И не зборувам сега за последниот инцидент на нашата претставничка на Евровизија (кој го сметам за несозреаност и непромисленост, можеби и младешка избрзаност под еуфорија), туку многу посуштински и подлабоко.

Децата учат од нас, било да е наученото арно или лошо. Децата се рефлексија на родителите и на секој кој попатно го сретнуваат низ животот. Немањето однос кон знамето, кое патем речено не беше знаме туку како што тоа го кажа една моја блиска пријателка е рекламен материјал, кој после било какви настани секако го наоѓаме по земја) е немање однос кон државата која стои зад тоа знаме. И ако веќе сме расположени да распнуваме некого, да почнеме од себе па пошироко.

Лекција број 1: не се плука и не се фрла смет по улици, оти никој не е должен да ни ги чисти плуканиците или ѓубрето, па ни изметот од милениците или фрлените пелени од нашите деца. Од “Не биди ѓубре” велат дека иако она што го прават е од добра волја, им се случува да ги повикаат да им го исчистат ѓубрето на станарите од пред некоја зграда. Да, тоа е само еден пример за тоа дека не сме кадарни да се грижиме за просторот кој е дел од државава и дека секогаш чекаме некој друг да го среди нередот наместо да засукаме ракави. Само нека ви текне што сторивме од Охрид и од сите наши природни убавини.

Лекција број 2: даноци дечки, даноци. Секој е должен да плаќа данок, а не да се натпреваруваме кој ќе е покреативен во тоа да ги скрие или намали. Даноци кои нема да се плаќаат селективно, оти некому му е страв да зачекори во општини каде што како да не постои поимот данок. Даноци кои ќе ги плаќа секој граѓанин и кои ќе значат казна ако не се платат, без оглед дали граѓанинот е од оваа или онаа националност, главна фаца во политиката или братучед на некој кој е многу важен.

Лекција број 3: соодветно санкционирање на секоја постапка која е спротивна на законот или интересите на Македонија (или во превод) квалитетно судство во кое нема заташкување на докази, предмети, мистериозно исчезнување на документи. Еднаква правда и еднаква казна која соодветствува на стореното дело, односно, гревот на крадење 10 ќебапи оти некој умирал од глад нема да биде поголем од гревот на згазено дете/убиство/кражба на милиони/мито/корупција.

Лекција број 4: солидарност и хуманост секаде каде што е тоа потребно, односно, кога политичарите ќе си ги сместат задниците на кожените столчиња, да водат сметка за оние кои на изборите ги заокружиле нивните имиња. Не може одредена група која е блиска до власта да биде секогаш богата или да ги има сите привилегии, додека “обичниот” народ ќе си ја чука главата од ѕид како да преживее од 1-ви до 1-ви, ќе се поболува заради извршители или ќе страда заради неправди.

Зборувајте ми за патриотизам, ама тивко и полека...зборувајте ми за патриотизам со факти и со должна почит и одговорност. Зборувајте ми за патриотизам со кажани дела и покажана љубов кон Македонија. Има една убава изрека која вели “од дрвото не се гледа шумата”. Отстапете 3 чекори наназад за да ја видите шумата, оти секој од нас е по едно дрво во неа. А дрвото си има корен, ако го сосечете, нема да има ниту шума.

Да сте ми живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Коренот си го сосековме

Ко улави

Ко да не знаеме оти без корен

Ниту дрво бива

Ниту птица има каде гнездо да загнезди

Та фативме секирите в раце

И удри, мавај, в земја копај

Минатото и иднината голи ги оставивме

Како дете сираче без мајка остаено

Коренот си го сосековме

Од пусти срам од опинците

Кои не така одамна

Нашите баби и дедовци ги носеле

И вода в стомна од чешма полнеле

Ама куќите полни им биле

И за секого парче леб под вршник испечен имало

Чаша топло млеко и збор ко мед

За млекото да го заблажи

Коренот

Коренот си го запустивме

И семката насила си ја заборавивме

Презимето си го сотревме

На селата грбот им го завртивме

На земјата која живот дава в лице и’ плукнавме

Та сите демек градски деца се стокмивме

И со гумиче претците ги избришавме

Им се потсмеваме на опинците

Дур плускавци од кондури носиме

И ништо не есапиме

А најмалку она што треба

Ко аманет на децата да им го оставиме

Коренот....коренот да го чуваат

За да знаат како мириса свежо изорана земја

И каков е звукот на житото што шумоли на ветрот

За да го знаат вкусот на водата од бунар изваена

И тежината на носијата на младата невеста

Сета со срма навезена и парички пришиени

Страста на тапанот на Тешкото

И леснотијата во градите од слободата

За свој да се биде, свој да се остане

Корените си ги сосековме

Чиниш ништо полесно од тоа нема

Како така да треба

Како така пишано да ни било

Пусто дрво наше

Со корен кревок, раскрвавен

Кутро дрво наше

Со корен кој едвај живурка

Во надеж оти умот ќе ни дојди

И оти чаре некакво ќе му најдиме

Ќе ни простат ли некогаш децата за алчноста

И за дрскоста наша со која ги осудивме

Иднина да имаат без минато

И минато изгазено со истите тие чевли

Кои ко железни окови ги носиме

И во кои нозете од бол не си ги чувствуваме

Ќе ни прости ли

Ќе ни прости ли дрвото за гревот

Од кој на рацете крв и солзи имаме

А за кој никогаш прошка не побаравме