Калиопи ми е една од најблиските во животот: Искрено интервју со Васил Зафирчев

Добивај вести на Viber

Улогата на Марио во „Преспав“ веќе четири сезони по ред го прави омилен кај сите генерации. Но Васил Зафирчев не е само  лажниот готвач и будист, другарот на Јелена од Драчево и партнерот на Тони. Во интервјуто за Женски магазин, актерот зборува за тетарските улоги на кои е најгорд, за најголемата тинејџерска беља коja ja направил, за блискоста со Калиопи и за тоа колку во моментов е емотивно исполнет и вљубен. Зафирчев е еден од оние соговорници со кои разговорот е уживање.

* Неодамна наполни 40 години. Како го прослави јубилејниот роденден, што е она што си го посака а не ти се остварило до сега?

- Четвртата декада од животот означува полна животна зрелост и носи значајна промена, особено во внатрешното чувствување, доживување и разбирање на светот и животот воопшто. Фаза во која нема сомнежи и неодговорени прашања, туку јасно спознание за суштината и значењето, за мисијата, но и за вистинските можности.

Јубилејниот 40-ти роденден го прославив сосема спонтано, во кругот на најблиските пријатели, а си посакав само добро здравје, за да можам и понатаму да го правам она што ме исполнува и што ме прави среќен.

Како Горан претставата во „Сара"

*Многумина зрелоста ја поврзуваат со сериозноста. Што е за тебе зрелост, колку се чувствуваш зрел на овие години, и има ли дел од тебе во кој сè уште си дете?

- Сериозноста во постапките, однесувањето и изборите кои ги правиме произлегуваат од зрелоста. А зрелоста пак доаѓа од одговорноста која ја превземаме за себе и за другите. Мојот пристап кон важните луѓе, настани и случувања во животот секогаш бил сериозен, бидејќи секогаш до крај сум ја преземал личната одговорност за тоа. Во мојот случај, тоа е прашање на природа, но и на домашно воспитување.

И покрај одговорноста која со себе ја носи животот, како уметник особено ми е важна комуникацијата со детето во мене. И таа врска секогаш ја одржувам жива, зошто ме потсетува на вистината за тоа кој сум, каков сум и кој е мојот животен пат.

* Какво детство имаше во својот роден Велес, по кои најубави нешта ќе го паметиш?

- Имав убаво, спокојно и безгрижно детство во родниот Велес, кој во тоа време беше еден од најуспешните и најпросперитетните индустриски развиени градови во тогашна Југославија. Наследив добро домашно воспитување од родителите и семејството и смерници за вистинските вредности во животот. Во најубаво сеќавање ги имам бескрајните детски игри низ велешките маала, во Дворови, на Мегдан или Црна Џамија, возбудливите авантури на Вршник и Костурница, возењето со велосипед до Езерото Младост, пливањето на Вардар или пак по вировите на Бабуна и Тополка, дружењата со врсниците од другите градови низ детските летувалишта и зимувалишта во Македонија, како и долгите летни одмори со родителите на Јадранот на кои запознав пријатели од цела Европа, а со дел од нив и денес одржувам комуникација. 

Како Морис во „Одам на лов"

* Која е налудата детска или тинејџерска беља што си ја направил?

- Бев хиперактивно и темпераментно дете, секогаш желно за игра и нова авантура. Еднаш како помал скокнав со чадор од терасата на нашата семејна куќа, инспириран од фантастичниот лик на инспектор Мамли од цртаниот филм. Подоцна, при една од посетите на баба ми и дедо ми по мајка во Штип, пропаднав во реката лизгајќи се со кнки по мразот. Па сè до првата мала сообраќајна незгода со мотор во најлудите тинејџерски денови.

* Имам чувство дека пред улогата на Марио во ситкомот „Преспав“, луѓето те доживуваа како премногу сериозен, а покрај Марио ја покажа и својата духовита страна. Каков е вистинскиот Васил?

- Мојата духовита страна добро ја знае публиката кој доаѓа во театар и која покрај во драмските улоги имала можност да ме гледа и во многуте комични остварувања. Меѓу нив улогата на Марио е секако најекспонирана, токму заради моќта на телевизијата како медиум.

Но без оглед на тоа како ме доживува публиката, јас сум во суштина едноставен човек. Секогаш отворен, искрен и чесен во односите со другите и до крај одговорен и посветен во професијата.

* Каков си кога ќе се налутиш, сакаш ли и ти понекогаш да „заглавиш“ до рано наутро, да се напиеш некоја чашка повеќе, да се впуштиш во некоја адреналинска авантура?

- Ретко се лутам и не умеам да држам лутина. Конфликтите и недоразбирањата настојувам да ги решавам по мирен пат, низ отворен разговор и искрена комуникација. Сакам дружби во кафеани, иако заради ангажманите ретко имам прилика да уживам во тоа. Со убаво друштво знам и да се напијам чашка повеќе, да заиграм и да запеам. Ги сакам и адреналнските авантури, но ги избегнувам заради професијата и опасноста од физички повреди.

И покрај сите карактерни несогласувања, јас и Марио сме добри пријатели.- Васил како Марио во „Преспав"

* Луѓето, врзувајќи се за ликовите кои ги толкуваат актерите знаат и самите актери да ги поврзуваат со ликот кој го глумат. Марио е лажен готвач, манипулатор, но во суштина не е лоша личност и искрено е вљубен во Тони. Има ли некои делови од карактерот на Марио кои ги наоѓаш и кај себеси?

- И двајцата сме вегетаријанци, ги сакаме животните и сме поборници за нивен хуман третман. И јас и Марио практикуваме јога и медитација и не привлекува Истокот. И на двајцата омилена земја ни е Италија. И покрај сите карактерни несогласувања, јас и Марио сме добри пријатели.

* Со Калиопи останавте добри пријатели по разводот. Колку често сега имате време да се видите, како изгледаат вашите дружења по секојдневието кое го делевте?

- Со Калиопи отсекогаш сме биле пред сè добри пријатели. И секогаш не врзувал искрен однос и меѓусебно почитување. Таа ми е една од најблиските во животот. Се гледаме онолку колку што ни дозволуваат професионалните ангажмани, отсуства и патувања. Но секогаш се радуваме на можноста за заедничка средба или дружење, на кои покрај разговорот, уживаме во готвењето и убавата храна.

* Што научи од бракот со Калиопи и воопшто од неа како личност, која е најдобрата карактерна особина што најмногу ја цениш кај неа?

- Научив дека животот е вечна сегашност. Едно големо овде и едно, долго, долго сега. Токму затоа со неа сме секогаш сега и овде еден за друг. Искреноста, талентот и алтруизмот ме фасцинираат кај неа.

* Дали си во моментов емотивно исполнет и вљубен?

- Секогаш сум емотивно исполнет и вљубен. Вљубен во луѓе, настани и нешта. Во животот и неговата убавина. Во пространствата кои допрва треба да се откриваат.

Во улогата на Агамемнон во „Кралските копилиња"

* Во кои актуелни претстави играш во Велешкиот театар, и кои нови можеш да ги најавиш?

- Играм во неколку претстави од тековниот репертоар, како што се: „Тоалет за дами“, „Кралските копилиња“, „Црвенкапа“, „Одам на лов“. Меѓу најновите продукции на кои работев се и „Сестрите Прозорови“ во која ја потпишувам режијата и праизведбата на „Сара“ во која ја толкувам улогата на Горан.

* На која твоја улога си најгорд?

- Ги има повеќе. Од драмските улоги би ги издвоил Спиноза и Онегин. А од авторските проекти и истражувања, улогите во „Пијанистот“ и „Дневникот на Хулиганот“.

* Се сеќаваш ли на твојот прв јавен актерски настап, каков беше и каде?

- Првиот актерски настап ми беше во 1995 година на тогашната младинска сцена на Театарот “Џинот“ во Велес, во претставата „Лонг Плеј“ од Горан Стефановски во режија на Јордан Витанов. Ги играв улогите на Риле и Хаким. Бев крајно посветен и одговорен во извршувањето на актерските задачи и бескрајно уживав во дадената можност да учам, создавам и играм театар.

Во Велешкиот театар го игра Волкот во „Црвенкапа“

* Го гледаше ли „Медена земја“, каков впечаток ти остави филмот, и воопшто кои домашни филмови ти се допаднаа последниов период ?

- Филмот е прекрасен. Пред сѐ, заради универзалноста на темата и пораката, но и заради специјалниот уметнички пристап, особено во фотографијата. Не случајно неговото значење и вредност беа препознати насекаде во светот, а со двете номинации за „Оскар“ испиша историски успех за нашата земја. Моите најискрени честитки и благодарност за тоа до целата екипа на филмот.

Без оглед на моето лично доживување, се радувам на секој нов македонски филм. Ценам дека ги имаме сите предуслови и неопходниот креативен и творечки потенцијал да создаваме автентична кинематографија која ќе биде секогаш препознатлива и надвор.

* Имаш ли желба да заиграш и на филм, каква улога посакуваш?

- Филмот ме освои со специфичноста на актерската постапка во процесот на созадавање. Посакувам улоги со длабоки и силни приказни, но и режисери со свој авторски ракопис.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива