Кармата е кучка

Добивај вести на Viber

Имам теорија дека се’ во животот функционира како Јин и Јанг (не, не мислам на заедничката колумна што ја имаме со Божо во Машки магазин), туку дека во универзумот се’ е поврзано на начин на кој е претставено со таа едноставна слика на бело и црно, со по една црна точка во белото и бела точка во црното. Јас сум непоправлив оптимист кога се луѓе во прашање и верувам дека секој може да се смени на подобро, дека треба само желба за да истрае и доволно љубов. Никогаш не сум можела да прифатам дека нештата се непроменливи, односно, убедена сум дека тоа е само изговор за човек да не си го испоти задникот. Впрочем, силата во секој од нас е доволно моќна и голема за да ги направи и невозможните нешта не само возможни, туку и лесни за достигнување. Единствена единица мерка за да се сменам во/за нешто ми е колку навистина тоа го сакам и посакувам. Ако нешто не ми е по ќеф, тогаш ќе се тегнам, па ќе одложувам, за на крај да се откажам, но доколку сум фиксирана на нешто, е тогаш знам да бидам крајно сконцентрирана додека не го натокмам како што сакам.

Што е она што не’ тера напред, да се менуваме и усовршуваме, а што е она што не’ уназадува? Отсуството на вистинскиот мотив, можеби и анемичнава ситуација во која сме веќе скоро 9 месеци, некако сите не’ направи меланхолични, успорени, апатични. Но, не треба да се заборави дека се’ си има свој крај...и арното и лошото. Па, одењето напред нека е поспоро, нека е полека, ама нека не запира. Сепак, не сме моќни да ја менуваме природата, но можеме тоа да го правиме за себе. Учењето да се биде подобар човек е макотрпен процес кој започнува од дома, домашното воспитување и начинот на кој сме биле сакани како деца. Секое дете кое е растено во средина исполнета со љубов (сеедно дали со еден или двајца родители) се учи да живее со љубов во себе која ја споделува со другите. Сите кои растеле во средина во која родителите или блиските им биле “со крстот на чело” израснуваат во луѓе кои се токму онакви какви што им биле како пример оние околу нив. Но, сепак на крај секој од нас одбира како ќе живее, оти до одредена возраст на нас има влијание само семејството, но потоа израснуваме во самостојни личности кои секојдневно одбираат како ќе постапуваат за било што. А јас ако во нешто верувам (освен љубов), тоа е кармата.

Балансот во универзумот во моите очи функционира некако вака...секоја лоша мисла и дело, не само што се враќаат како бумеранг, туку оставаат и траги врз нашето здравје, физички и ментално. Секоја лоша мисла е труење на умот за да расте коров во него. Секоја лоша мисла испраќа невидлива порака и предизвикува ланец од мисли и дела кои не само што не се добри за луѓето околу нас, туку и за самиот испраќач. Не џабе старите велеле дека нема поголема клетва од онаа која ќе ја изусти некој кому зло е направено “да се враќа на најмилото”. Е сега, јас во клетви не верувам, ама од искуство и од она што сум гледала, слушала околу мене, ја сфаќам поентата на кажаното. Кармата не би ја имала својата сила доколку би била само во рамките на секој од нас. Сепак, сите ние горе-долу знаеме кога ги преминуваме границите и спремни сме на последиците. Она што го кажав погоре дека човек се менува, сега само ќе го надополнам со следново. Човекот најмногу, најбрзо, најчесто се менува само под влијание на две работи. Голема љубов или голема болка се тектонски потреси кои можат од корен да сменат секого од нас. А болката е најголема тогаш кога ќе ја почувствуваме за своите најдраги и најблиски.

Секогаш пред да направам нешто, малку подзастанувам и помислувам како истата постапка би ја доживеала доколку ја искусат моите најдраги, ќерка ми, родителите и тие неколку луѓе кои ми се во душата. Затоа не можам да се изначудам кога луѓе едноставно без око да им трепне, ќе испоизнакажат или испонаправат се’ и сешто, без да помислат дека тоа истото може да им се случи на членовите на нивното семејство. Кај нас има една пракса нашироко распространета да се озборува и да се лепат етикети. Така, имаме “леле, што ги снајде комшиите, синот им е хомосексуалец”, “абе слушна дека онаа од трети станала распуштеница, мажот ја оставил”, “ене, фина фамилија ама детето има некоја болест, нешто не е ко што треба”, “ќерка им е спонзоруша, сите зборуваат” и да не одам понатаму, доволно ми се потслоши и со напишаново.

Со ова сите вие се соочувате, па и не само со ова туку и со уште поинвентивни коментари, осуди, покажувања со прст. А кармата само седи отстрана и чека да овие паметните кои имаат голема уста за озборување, да им ја одмие со сапун. Да, можеби нечие дете е хомосексуалец, ама па кој гарантира дека вашето нема да биде или можеби внучето нема да стане. Впрочем, од кога е важно дали е некој хомосексуалец или не, кога живееме во време кога има се’ помалку добри луѓе!

Да, еве како распуштеница повеќе од 13 години имам прашање и до оние кои имаат синови и до оние кои имаат ќерки. А што ако вашето синче се вљуби во распуштеница и сака да го мине животот со неа? Ќе се откажете од него?

Или вие кои имате ќерки-принцези по дома...да не ви ги дале од болница после породување со гаранција дека никогаш нема да станат распуштеници!

Шепкањето за нечие дете дали има некаква физичка или ментална болест е само по себе грев. Секое, ама баш секое дете е дар од Господ или Универзумот (кој во што верува. ТОЧКА!

И за последното во врска со “спонзорушите”...ич да не ви чуе дали се или не, додека немате вие обврска да им ги плаќате сметките. Нос во туѓ живот не се пика, оти може да останете без него.

Пред да отворите уста и да ја испоганите со лошотилак, малограѓанштина и злоба нека ви текне дека нема само баланс во универзумот, туку и во секој од нас. Она што ќе го исплукате, ќе ви биде вратено право в лице. Оти така некако бива секогаш. А некогаш плукнатото в лице, ќе е плукнато врз вашите деца. И тогаш ќе ве боли најмногу.

Кармата е кучка, така велат. А јас велам дека кармата е најмалку кучка, а најмногу коректор на нашиот табиет и мислите кои ги имаме. Верувам дека не само што постои, туку е и нужно да ја има за да се свестуваме одвреме навреме и да видиме кои сме, што сме и каде сме тргнале со умовите.

Да сте ми живи и здрави...и памтете дека убавите мисли и добрите дела чинат малку, а носат многу. Лошите мисли и лошите дела чинат многу, а ќе ви донесат само немир во душите и лоша карма која можеби ќе ја отплаќаат генерации после вас.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Си отвораме рани во душите

Со посветеност која е зачудувачка

Исто како на времето  деца дур бевме

Кога отворавме чоколадни бонбони

Внимателно исправувајќи ги светкавите фолии

За кои глумевме дека од злато или сребро се

Си отвораме рани во душите

Како во оние младешки години

Кога писма од љубените отворавме

Со мешавина од страв и страст

За да го пронајдеме копнежот

Скриен помеѓу две мастилави и замачкани букви

Си отвораме рани во душата

Како флаша скапо и пенливо вино

Кое ќе ги исполни кристалните чаши

Чиј ѕвон долго ќе одекнува после здравицата

Кажана во име на љубовта

Од која опиени ќе сме и пред да го испиеме

Си отвораме рани на душата

Како што мажот ги отвора вратите од автомобилот

Пред жената која сака да ја импресионира

Вдишувајќи го нејзиниот мирис

Задржувајќи го здивот длабоко и силно

За да ја запамети со сите сетила

Си отвораме рани на душата

Онака како што женката во една жена

Се отвора за во себе да го прими саканиот

Со сласт од која траги во постелата остава

Низ неколку воздишки искажани желби

И исцртани кругови на неговите плеќи

Ги отворивме раните

Едни со други се искасапивме

Со сјај во очите и насмев на усните

Како да правиме нешто што е забавно

Нешто што со љубов ни ги грее телата

Или со среќа ни ги пои умовите

Ете така

Како што некогаш сите убави нешта

Со полни гради ги живеевме

Така сега знаеме само рецки да си ставаме

И непреврзани да ги оставаме

И сол врз нив да тураме

За уште повеќе да боли и да пече

Дур во осама раните ни зјаат

Од кои болката е само тишина во која се давиме

Толку длабоко што спас нема

Ги отворивме...

Си ги отворивме раните

И од нив сите мечти ги исцедивме

Заедно со надежта

Заедно со иднината