Картите веќе распродадени: Закажани 8 проекции на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во Берлин
Големото отворање на еден од најголемите јавни филмски фестивали во светот Берлинале е утре, а Берлин веќе недели наназад е во знакот на филмот, културата и традицијата на овој фестивал.
Фестивалот секоја година привлекува над 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари, а за филмската индустрија и медиумите, овие 11 денови во февруари се воедно и едни од најважните настани во годишниот календар.
На Булеварот на ѕвездите “Allee der Sterne” од минатата недела веќе се поставени и огласни табли со официјалниот постер на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а првата премиера ќе биде прикажана на 10 февруари од 16 часот пред повеќе од 1800 посетители меѓународна публика.
8 фестивалски проекции
Во текот на 11-те фестивалски денови, филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ доби вкупно 8 проекции, а билетите се веќе распродадени.
Првите се закажани уште пред официјалната премиера на 7-ми и 9-ти февруари, кои се ексклузивни затворени проекции организирани од страна на францускиот агент за продажба „Пирамид“ за заинтересираните купувачи, додека на денот на премиерата, 10-ти февруари, филмот прво ексклузивно ќе биде прикажан пред новинарите, по што ќе следи и официјалната прес-конференција со екипата на македонскиот претставник за Златната мечка.
Истиот ден, во 16 часот следи првата светска премиера во главната сала на Berlinale Palast, а пак следниот ден, на 11.02 се закажани две прикажувања, од 9:30 и од 18:15 часот, во огромната, фантастична сала Friedrichstadt-Palast, која има капацитет од 1900 седишта.
На 12.02, нашиот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан и во локалното кино “b-ware! Ladenkino”, во рамки на специјалните прикажувања “Berlinale Goes Kiez” кои имаат за цел да го доближат Берлинале до локалните уметнички кино сали во Берлин. На овој начин, Фестивалот им оддава почит на кино салите кои ја поддржуваат кино културата во текот на целата година. Во исто време, преку овие специјални прикажувања на публиката ѝ се дава можност да ја проследат селекцијата на Берлинале во нивната локална населба, но и да разменат мислења и коментари со авторите на филмот (Kiez на германски значи „населба“, „маало“).
Едно дополнително прикажување е закажано и на денот на затворање на фестивалот, на 17-ти февруари во “Haus der Berliner Festspiele”.
Повеќе за проекциите може да се погледне на следниот линк.
Мастер клас со Лабина и Теона Митевски
На 12-ти февруари со почеток од 14 часот, во HAU2 театарот, кој се смета за центар на светот на Талентите, сестрите Лабина и Теона Митевски ќе одржат и свој „Мастер клас“ во рамки на програмата “Berlinale Talents”.
Публиката ќе биде сочинета од вкупно 200 „таленти“ во филмската индустрија и останати филмски работници кои го следат Берлинале, а мастер класот ќе биде модериран од страна на прекрасниот филмски куратор Џамила Грандитс кој се приклучува од Виена специјално за овој настан.
Во однос на темата, мастер класот има за цел да фрли светлина на начините на кои нашата Теона Стругар Митевска ги развива своите филмови, а со оглед на тоа што публиката е сочинета од врвни професионалци, со публиката ќе се разговара и за многу специфични детали околу снимањето, мотивот и личната инспирација за филмот, но исто така ќе се презентираат и практични примери од најдобрите или најлошите случаи со кои се соочиле авторите, актерите и продуцентите во текот на својата работа.
Дополнително, на мастер класот ќе се дискутира и околу личните ставови на режисерката и продуцентката и нивните генерални мислења околу тоа како тие го третираат филмот: како алатка, или можеби оружје кое поттикнува социјални и политички предизвици и какви прашања би можеле да произлезат од тоа на едно многу повисоко ниво.
Среќно на Берлинале!
Нашата екипа заминува на Берлинале утре, а покрај режисерката Теона Стругар Митевска и продуцентката Лабина Митевска, на патот кон освојување на Златната мечка ќе оди и голем дел од екипата која работеше на филмот, како и дел од актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку.
На денот на премиерата, нашата екипа приредува и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе биде македонскиот бенд „Фолтин“.
До тогаш, да им посакаме голем успех, македонската публика ги стега палците за нив!