Кажи зошто ме сакаш
Многу долго време не сакав да си признаам себе си дека не се сите
како мене. Дека не судат сите како мене, не сакаат како мене, не живеат како
мене. Во моментот кога ми светна дека, ало Ивана, сите луѓе се различни, и ако
ти некого сакаш заради некоја негова за тебе најважна карактерна особина, не
значи дека истото е возвратено назад. Веројатно тоа беше моментот на комплетно
созревање како личност, моментот кога престанав да очекувам од луѓето. Во
истиот тој момент ја видов вистината околу мене, зошто, колку, како и кога
некој ме сака.
Јас сум Ивана Кнез, веќе десет години наназад.
Предходно не бев. Предходно бев само Ивана, ранлива, сонлива, несигурна, буцка, исплашена, но упорна Ивана. Таа е се уште тука, таа е девојката која ме донесе до Ивана Кнез, но себично ја чувам за себе и само за оние кои ја заслужуваат. За жал, како изминува времето, се повеќе сфаќам дека целта на моето опкружување е близината со Кнез, да бидат видени со неа, да ја познаваат, да им биде пријател, да биде присутна на некое за нив важно случување. Важно им е како е облечена, дали сите ќе гледаат во нив, какви ќе бидат коментарите. Во многу наврати, комплетно неспремна за ова, се возев со таа игра. Дозволував да бидам покажана, да се пофалат со мене. Се до моментот на созревање, кој за среќа или за жал, не знам, кај мене задоцни. Од тој момент, сфатив дека нема да ја делам Ивана, дека е една.
И силна и кршлива, и слаба и дебела, и јавна личност и ќуфте стуткано во ќебе дома, и скоцкана од глава до пети и по пижами до продавница, и забавна и тажна, едноставно една обична жена која го живее сопствениот живот најдобро што умее во даден момент.
И од тој момент, туѓите добронамерни коментари воопшто не ми се значајни, времето од денот ми е строго поделено на мое и само мое, потребата за квалитет се појачува на секое поле од секојдневието и миговите поминати сама со себе ми се најзначајни за личен раст и развој. Имам време да читам, имам време сама да одам во кино или на ручек, и не ме плаши ништо од тоа. Често го имам споменувано ова осамување по колумниве. Веројатно затоа што гледам дека свесно се плашиме од истото, па од тој страв *да не завршам сам/а*, најчесто се завршува со погрешен партнер, погрешен пријател и воопшто погрешен склоп на луѓе околу тебе. Луѓе кои во нас бараат ѕвезди, површни односи за на коњопој, и погрешни моменти за раскажување.
А јас па некако инаетливо објавив војна на тој страв. Од тој момент на созревање, повеќе не барам потврда за мое постоење во никого, освен во себе. Не ми треба алкохол или дрога, за да ме смири, ниту пак за да ме расположи, не ми треба бесполезно излегување навечер само за да ми се брои и најмалку ми требаат отровни луѓе кои единствена корист која ја имаат е да ја покажат Ивана Кнез.
И да постојат и онакви кои те сакаат за тебе, тие вистинските ќе ги препознаеш лесно, тие те имаат пуштено уште од првиот момент на запознавање. Не те присилуваат, немаат потреба за тебе и немаат потреба да се пофалат со тебе. Најважно е да си тука, не е важно кога и како, не е важно дали ќе се слушнете или видите секој ден, не е важно дали ќе го именувате вашиот однос, тие се само тука за вас. Не ти го мерат успехот на работа, лајковите на инстаграм, килограмите на твојот задник, не им е важно колку партнери си сменил, каде ќе патуваш и зошто не со нив, туку со некој друг. И најважно, само ти си важен. Слободен и свој. И не се плашат од тебе. Не се плашат дали и како ќе те изгубат, затоа што се само свои. Со тебе се само уште подобри.
Вистината е една и единствена за сите нас. Само доживувањето е различно. Сите го сакаме истото, подобар квалитет за сопствениот живот. Но не секој умее да го побара, да се потруди за реализација на истиот. И затоа бараме помош во Љубовта, во соодносот со другиот. Тенка е границата на тие односи, тенок е конецот кој спојува две души, малку посилен ветер и може да се скине. Најчесто, затоа што едниот тегне секогаш повеќе. Во моментот кога двајца влечат со иста сила, иста намера и иста цел, кончето ќе стане челична стружина. И веќе од тој момент нема да е потребен. Но убаво е да се знае, дека го има.
Јас сум се уште Ивана Кнез, целам кон себе реализација и подобрување на мојата секојдневна околина. Верувам во процеси, верувам во моќта на единката и нејзиното влијание, од еден расипан заб знае да боли цела вилица. Ај да го поправиме тој едниот.
Се читаме следната недела.
П.С. Кога последне пат сте си купиле книга? Моја препорака, за вас помладите поготово, Сто Години Самотија, Габриел Гарсија Маркес.