КЕНТАУР-ДАЛИ ПОБРЗО СЕ ШИРИ И ДАЛИ ГО ИЗБЕГНУВА ИМУНИТЕТОТ: Некои земји почнаа да ги враќаат мерките
Во Македонија веќе има над 2.000 активни случаи на корона вирусот по големиот скок на бројот на новозаразени со Ковид-19, а Комисијата за заразни болести веќе најави дека утре ќе има состанок на којшто ќе се дискутира за епидемиолошката состојба. Засега нема најави за враќање на антиковид мерките, иако експертската јавност, посебно во Европа е загрижена за ширењето на новата субваријанта на Омикрон, односно за појавата на Кентаур кој во Индија станува доминантен, а оттаму се префрли и на европско тло.
Во разговор за Фактор, проф. д-р Никола Пановски вели дека се уште нема ништо конкретно во однос на тоа колку побрзо се шири оваа подваријанта и колку успешно го заобиколува имунитетот.
-Нема нешто дефинитивно кога станува збор за новата субваријанта на Омикорн. Се уште не може да се каже дали Кентаурот побрзо се шири и дали го заобиколува стекнатиот имунитет. Но, во моментов оваа подваријанта е „од интерес“, односно се следи. Нема индиции во однос на тоа дека ќе направи сериозни проблеми како што беше делта варијантата, која исто така дојде од Индија. Кентаур таму станува доминантен, бидејќи субваријантата БА.5 не успеа да се рашири во големи размери. Инаку, кај нас смртноста во моментов е под еден промил, додека во Кина и во Австралија на пример, каде што имаше најстроги локдауни, смртноста од Ковид е многу поголема, вирусот си го наплати своето. Едноставно немаат имунитет, вакцините се покажаа како неефикасни, односно не го спречуваат заразувањето, не го спречуваат ширењето на болеста. А таму процентот на вакцинирани е дури 97 отсто, посочува микробиологот Пановски.