Ќе пеам на фестивалот во Валандово, но нема да преминам во народната музика: Ламбе Алабаковски

По враќањето од Америка, Ламбе Алабаковски првиот јавен настап пред македонската публика ќе го има на „Фолк Фест Валандово“, кој ќе се одржи на 5 јуни (недела). Пејачот вели дека настанот е вистински момент да се претстави и со фолк нумера.

- Народната музика, едноставно е во гените на македонскиот народ. Така што апсолутно не станува збор за премин во фолкери. Имајќи предвид дека песната е напишана од врвни еминентни и докажани музичари,кон кои имам голема почит, Миле Барбаровски кој ги направи музиката и аранжманот и Ѓорѓи Барбаровски кој го напиша текстот. одлучив дека сега е вистинскиот момент да се направи и сними песната “Нема Збогум”. 

Миле Барбаровски  ги има напишано сите големи хитови кои и денес се слушаат како “Заветна” на Пепи Бавтировски, ” Дали чекаш стара мајчице “на Гоце Арнаудов и многу други песни. Дел од нив ги имам испеано на концертни настани и на тв- емисии. Планирам од пред десет години еден проект, но секогаш треба многу љубов и добар план за да се оствари сето тоа. Засега не би откривал повеќе.Што е наше ќе си дојде ,велат постарите – потенцира Алабаковски.

Годинешното фестивалско издание ќе има една натпреварувачка вечер, на која ќе бидат претставени 23 новосоздадени фолк композиции.

Изборот на победничка песна ќе го одлучува присутната публика во фестивалската сала „Јанко Узунов“ и стручно жири. Директор на фестивалот е , Живоин Глишиќ. Водителскиот тандем ќе го сочинуваат Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев,

Во ревијалниот дел од фестивалската вечер, свој настап ќе има доајенката на македонската фолк песна, Блага Петреска.

Како најава на фестивалската програма, на 3 и 4 јуни, на градскиот плоштад во Валандово ќе настапат Горан и Ленче Кукиќ, Александар и Дац, Владо Јаневски и „Љубојна“, како реномирани изведувачи од македонската сцена.

*С.А.Н