Ќе се обидеме да го вратиме Врчак на сцена: ДНК слават јубилеј со концерт, трубачка песна и легендарни ликови во спотот
Дуото ДНК или Панчо и Андреј слават 20 годишен јубилеј, и ќе го одбележат со концерт, на 3 декември во Арената „Борис Трајковски“. Панчо и Андреј на денешната прес конференција најавија многу нови нешта, а една од нив е дека е можно Раде Врчаковски- Врчак да има камбек, токму на нивниот концерт.
- На концертот ќе има многу гости, но нема да откриваме детали, нема да биде интересно ако сега кажеме сè “, рече Панчо. На нашето прашање: Дали е можно дел од гостите да биде и Врчак со оглед на тоа дека им е долгогодишен пријател и соработник, тој одговори:
- Имаме сè подготвено за неговиот настап, неговите песни, матриците. Разговаравме со Врчак, а дали ќе дојде, зависи од него, и ќе ве известиме навреме“.
Интересна е и цената на билетите, која почунива од 200 денари, а Андреј и Панчо кажаа дека сакаат, во ова кризно време сите да можат да си дозволат да дојдат на нивниот концерт.
- Ако едно четиричлено семејство треба да даде 800 денари за нашиот концертм, и тоа во денешно време е многу. Да можеа спонзорите да го покријат цел концерт, ние ширум би ги отвориле вратите за целата публика“, изјави Панчо.
Почнувајќи од понеделник, 13.6 точно напладне сè до 2. 7 повторно напладне цените на билетите ќе бидат следни: ВИП 800 денари, ВИП коњопој 800 денари, фан пит 200 денари, седење трибини 350. Од 2 јули, цените се различни, од 350 за фан пит, до 1.000 за ВИП и ВИП коњопој.
- Јас сум поскромен во зборувањето од Панчо, но ние од самиот старт постоиме и функционираме за нашата публика, и ова е еден мал дел од она што им го должиме“, рече Андреј.
На настанот беше промовиран и новиот спот и песна на ДНК, „Ако утре ме нема„. Ова е најоригиналната песна на ДНК досега, а спотот е сниман како една кафеанска дружба, со познати лица, легенди, еснаф луѓе како што рече Андреј.
И оваа тема е дело на веќе стандардната екипа – Панчо и Лазар Цветкоски, овој пат засилена од Џамбо Агушев, кој замеша прсти во аранжманот. Видеото, пак, чија премиера, се случи на прес-конференцијата, е работено со Кристијан Теодоров, режија и камера, и Владимир Митревски -Ѓуле, монтажа и боја.
Миле Кузмановски, Наум Петрески кој со синот беше дојден на промоцијата, Тони Михајловски, неговоиот син Александар, Васко Тодоров, Јанко Илковски, се дел од овој спот за кој Панчо и Андреј рекоа дека е сниман без сцанрио.
- Сите овие легенди без проблем прифатија да ни гостуваат“, рече Андреј, а Панчо низ насмевка додаде дека снимајќи го спотот за прв пат пробал прасечко печено месо.
М.Џаровска
Фото: В.Тануровски