Кога дивите ги избркаа питомите
Домашното воспитување е темел на еден човек.
Џабе наука, џабе интелигенција, џабе се’ ако од
дома не си го носиме она што е стожерот на целото наше битисување. Во не толку
дамнешни времиња, се знаеше што е тежина на зборот и дека тој вреди повеќе од сите
договори и анекси, па стисокот на раката имаше моќ поголема од сите страници на
кои ставаме потписи. Во не толку дамнешно време, се знаеше вредноста на “те/ве молам”, “благодарам” и “прости ми”. За
жал, денешниве модерни времиња ги изместија критериумите и вредностите за она
што е добро и исправно. Придобивките ги знаеме, светот е на дланка со
интернетот, можностите се поголеми, изборот не е сведен само на или/или. Но,
што станува со онаа, другата страна на паричката која е сосем спротивна од
лажниот сјај и велелепноста на новото време. Неколку пати досега имам пишувано
за мојата носталгичност по оние чудни времиња кога имаше некаков ред, имаше
милост и сомилост, имаше човечност. Сето мое тажење по тоа време си го припишував
на тоа дека е нормално со годините човек да станува покрут на промените и да го
фаќа копнеж по минатото. Па после си реков...чекај бре Ано, па немаш 80+ за да
се присеќаш на “старите добри времиња”. Сфатив дека мојата носталгија или болка не е врзана
со годиниве кои ги имам, туку со она што го гледам на секој чекор и кое знае да
ми направи јазол во утробава од нелагодност.
Патам по луѓе чии вредности не се врзани со инстант успеси, муабети кои не се полни соперништво за тоа кој е помоќен или побогат. Моќта и парите се категорија која е минлива и многу менлива. Доволно е само едноноќие за да се преврти се’ наопаку и оној кој бил горе, да тресне удолу и обратно. Поентата е во тоа дека луѓето чии вредности се дека со труд и напорна работа се оди нагоре, колку и да доживеат неуспех, имаат солидна основа за да застанат на нозе. Но, она што ме плаши е дека оние другите кои со малку труд и уште помалку работа, а полни финти, кривини и манипулации се во се’ поголем број. Каде згрешивме? Оти ова е веќе грешка на целокупното општество и луѓето во него. Ние дозволивме да пркнат Итар Пејовците и да донесат нови вредности, кои не се ниту вредности. Дозволивме да се намножат тие кои се премногу гласни без причина и да воспостават нови правила на игра. Да, времето кога дивите едноставно дојдоа и се наметнаа, а со тоа ги избркаа питомите, не чука на нашата врата, туку е длабоко навлезено насекаде.
А питомите молчат. Молчат оти не се воспитани и учени да бидат конфликтни личности. Дури стана дискутабилно дали ние кои си ги воспитуваме децата по наш терк да се учтиви, благородни, емпатични, ја правиме најголемата грешка во животот. Некогаш се прашувам дали ќерка ми ќе има некаков бенефит од тоа што пренесувам вредности кои во денешно време се за потсмев. Се прашувам дали детето еден ден ќе си рече дека сум ја упропастила оти не сум ја научила да биде себична, дрска, насилна. Колкумина од вас сте доживеале да си ги видите децата кои се вратиле од училиште расплакани и разочарани од настани во кои ги препознавате игрите од вашите соседи, претпоставени, колеги? Колкумина од вас сте помислиле “што му правам на детево што во ова сурово време го учам на чесност”?
А од друга страна, како да си ги воспитуваме децата поинаку од она што го знаеме и практикуваме? Одговор немам, за жал. Само се надевам дека Нина ќе ми прости, ако во животот добие повеќе удари отколку галење заради тоа што сум ја учела да биде добра личност.
И да, цвета дрскоста, манипулацијата, суровоста, грубоста. Да се биде насилен во денешно време е престиж. Па така, секој кој е доволно дрзок, ќе се наметне во општеството. Закани наместо “ве молам”, дрскост наместо “благодарам”, насилство наместо “извини”. Па ќе се чудиме зошто порталите и главните вести се преполни со информации за тоа дека некоја будала малтретира толпа луѓе во автобус, зошто некоја друга будала претепала некого во продавница. И она што е најинтересно е дека уствари сите тие кои се насилници многу лесно би биле кренати на клоци од побројните од нив во автобусот или маркетот, ама очигледно дека токму тоа воспитување кое вели да се избегнуваат конфликтни ситуации е во нивна корист. Потоа, истите тие ќе формираат семејство во кое е сосем извесно како ќе си ги третираат брачните партнери и како ќе ги воспитаат децата. Знаете, тоа е исто како со целава приказна со ковидов. Прво е еден, па тој еден ќе пренесе на тројца, секој од тие тројца на други....и отиде контролата.
Она што најмногу ме плаши е дека немаме механизми за да се спречи тоа. Некако сите кои доаѓаат на власт се успиваат и како да е нивното завршено. Не е дечки, задниците ви се во фотељи не за да ги одмарате, туку да ги испотите и да направите да имаме подостоинствен живот. Со децении имаме проблеми кои со секоја смена на власта не се решаваат.
Да ви кажам за групирањата на неколкумина во ГТЦ кои дишат лепак и знаат да бидат насилни е смешно, нели? Па вие тоа го знаете одамна.
Да ви кажува некој друг дека има банди кои се однесуваат како државава да им е оставена од татко им и дека тероризираат луѓе со ноќни трки низ Козле е смешно, нели? Оти и тоа го знаете.
Да ви посочиме ли дека е смешно да ги казнувате оние кои со 4 трепкачи застанале кај пазарот (оти да се испазари е потреба!), а прогледувате низ прсти на оние кои малку подолу на Партизанска со часови си ги оставаат автомобилите за да си тераат ќефови и да пијат кафиња надвор? Ма знаете и тоа.
Да ви нацртам дека кога сум сама во кола НЕМА да носам маска оти ем е глупаво, ем ми се замаглуваат очилата, па можам некоја белја да направам? Или и тоа знаете!
Да ви кажеме ли дека да си на власт или (о)позиција не значи дека сте попаметни или имате поголеми привилегии, оти ве плаќаат токму оние кои ги потценувате со својата дрскост да се фотографирате без маски, собрани и насмеани? Па да, секако дека го знаете и тоа.
Ма знаете се’...и едните и другите. И најсмешно е дека со секоја смена и едните и другите го критикувате она на што сте замижувале дур сте биле со газињата удобно сместени на меки, кожени седишта во велелепни канцеларии. Што би рекла баба ми, ама онаа од Прилеп (Бог да ја прости), ајвани!
Дивите секогаш ги бркаат питомите, се изживуваат врз нив, ги газат, ги тормозат, им се потсмеваат. Но, она што дивите не го знаат или не сакаат да размислуваат за тоа е дека нема поголем бунтовник од питом човек кому ќе му одземете чест и достоинство. Таквите креваат револуции (кои немате право политички да си ги припишувате на себе), таквите менуваат работи од корен, таквите го движат светот. Оти питомите не се будали, не се плашливи, не се за греота. Тие се едноставно само добро воспитани и со манири кои вие не само што не можете да ги имате, туку и не ги разбирате. А питомиот човек злато вреди, оти е работлив и оти зад себе ќе остави свет во кој ќе нема суровост.
Да сте ми живи и здрави сите вие питоми луѓе кои се’ уште ме држите во убедување дека може да има поубаво утре од денешниот ден во кое дивиот дивее и царува.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Натежна светот
Од тагата на оние чии плеќи
Од туѓите злодела стенкаат
Од звуците на лелекот на оние
Кои за ронки човечност проплакаа
Од бојата на крвта на оние
Чија самотија во дрвен сандак завршува
Натежна светот
Од песната на оние
Кои без глас останаа
Од воздишките на оние
Кои спокојот ниту во сон го наоѓаат
Од зборовите ненапишани на оние
Кои сакаа за добрината да зборуваат
Натежна светот
Од ѕверови во кожа човечка
Чии песјаци загризуваат во честа
Од оние чија пружена рака
Завршува со удар во срцето
Од јадови завиткани во светликава хартија
Подарени од оние кои за милост не знаат
Натежна...НЕ!
Му натежнавме на светот
Како аздисана толпа која усул нема
Та гази се’ пред себе
И остава пустош ко чума зад себе
Полни злоба и суета тешка
Та удираме со нозете по земја
Ко премногу разгалени деца
Кога не ќе им го дадеш она
Што во мигот го посакале
Од беснотилак и лошотилак
Му натежнавме на светот
Го искасапивме
Наопаку го превртевме
И душата низ нос му ја извадивме
И нема ден во кој барем едно зло
Дивите меѓу нас не го сториле
И нема ден во кој барем еден од питомите
Удар од камшик не го жигосал
Оти натежна светот од оние
Кои диви ги нарекуваат
Кои ниту Бог признаваат
Ниту Љубов живеат
Натежнал светот од тежината
На дивите кои се накотија
Оти ними и телата и душите
Ко црна земја тешки им се
Натежнати на светов
И врз добрината на питомиот човек
Кој изумира
Кој одумира
Под тежината на неправдата