Кога го видов циклама фустанот, знаев дека е вистински и повпечатлив: Миланка Рашиќ и Весна Станковска за стилот на фестивалот „Браќа Манаки“
Миланка Рашиќ блесна како водителка на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, носејќи неколку уникатни креации со кои привлче внимание на публиката, и на социјалните мрежи.
На отварањето, таа облече долг фустан во циклама боја, а за затварањето, се реши за црно-бела комбинација на боите.
За стилот на Миланка, во Битола разговаравме со Весна Станковска, сопственичка на бутикот „Ермитаж“ која ја облече Миланка, но и сите девојки од целиот тим задолжен за организација на фестивалот.
- Преку призмата на модата сакавме да додадеме уште публицитет на фестивалот „Браќа Манаки“, секако покрај оној што го има поради извонредната филмска програма и гости – ни раскажа Станковска.
- Ги стилизиравме скоро сите девојки од целиот тим задолжен за организација на фестивалот, како и водителката Миланка Рашиќ. Сакавме да ја пренесеме пораката дека и со нашиот изглед на Црвениот тепих даваме слика за тоа колку го почитуваме фестивалот. Така нашата идеја воведе дрес код кој го испочитуваа филмските работници и организаторите на фестивалот. Му благодарам на директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски кој веднаш ја поддржа оваа идеја. Соработката ја започнавме минатата година кога се погриживме за изгледот на актерката Тамара Ристоска која го водеше отворањето на фестивалот“, додаде таа.
Тамара Ристовска, и годинава беше дел од фестивалот, како гостинка и дел од актерската екипа на македонскиот филм „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.
Миланка пак, детално ни раскажа за изборот на фустаните, осбено за изборот на впечатливиот модел во циклама боја, на отварањето.
- За свеченото отворање, Весна прво даде предлог да носам фустан во црна боја, но јас знам дека силни бои се повпечатливи за пред камера – вели Миланка Рашиќ. Кога го видов фустанот во циклама боја, знаев дека е вистинскиот. Ни се допадна на двете и потоа многу брзо ги избравме и другите фустани што ги носев. Некои беа поелегантни, некои поромантични, некои трендовски. Имав многу појавувања како водителка на сцената во текот на осумте фестивалски дена, како и на премиерите на македонските филмови и на свеченото затворање.
Среќна сум што бев повторно дел од фестивалот „Браќа Манаки“. Битола живееше за филмот, целиот град зрачеше со автентична убавина, обоен со фестивалски шмек, битолчани гостопримливи, а фестивалскиот тим фантастичен! Исто така, снимавме секојдневно со екипата на Македонската Телевизија и наскоро ќе се емитуваат неколку емисии за фестивалот“, вели Миланка за Женски магазин.
- Годинава со мојата сестра Офелија, со која заедно работиме, одлучивме посериозно да се вклучиме и да бидеме еден од фестивалските спонзори. Причината е нашата длабока почит кон делото на браќата Манаки и традицијата на фестивалот во Битола. Многу ми е драго што синот на Милтон Манаки, Леонид, во една прилика ми раскажа за пријателството со мојот татко, кој му помагал и се залагал за него. Затоа многу би сакала и ние со сестра ми, да дадеме придонес кон фестивалот во рамките на нашите можности“, додаде Весна Станковска.
Таа се сеќава дека таа и сестра ѝ, љубовта кон модата ја преточиле во работата со нивниот уникатен мал бутик, кој е создаден пред 27 години од уметникот Таки Кота. Таа раскажува дека поради неговиот силен уметнички печат, просторот и ден денес се разликува од другите и е единствен по изглед и по стил.
Кога станува збор за ексклузивните парчиња облека, на нив отсекогаш приоритет им бил квалитетот на материјалите и уникатноста на моделите.
За изгледот на Миланка Рашиќ, Станковска коментира:
- Уште при првата средба знаевме дека сме на добар пат за успешна соработка, затоа што таа точно знае кои бои и креации ѝ прилегаат. Таа беше водителка на Црвениот килим на свеченото отворање и правеше интервјуа со гостите на фестивалот. Се сложивме за розе циклама фустан кој ѝ стоеше преубаво и тоа беше полн погодок. Холивудски гламур на фестивалот! Соработката одеше одлично, бидејќи таа е непосредна, мила, многу реална, навистина прекрасна. Од друга страна, ние имаме големо искуство и знаевме да предложиме парчиња кои ја отсликуваат нејзината личност и карактер. Најважно е што знае да ги носи“, изјави Весна Станковска за Миланка.
Нивни модели носеше и актерката Маја Андоновска Илијевски, инаку сестра на пејачот и автор Димитар Андоновски. која беше водителка на свеченото отворање, како и дамите кои беа задолжени за протокол, превод и организација на фестивалот.
- Би рекла дека дрес кодот беше смарт кежуал / smart casual со изразена нота на елеганција. Со фината облека му давате на значење на настанот на кој присуствувате, но и на себеси, бидејќи и вие треба да го имате чувството на возвишеност што го дава уметноста“, ни раскажа Станковска за стилот на фестивалот кој годинава го имаше своето 43-то издание.
Милица Џаровска
Фото: Сашо Ставрев