Софија Куновска, Наталија Теодосиевска и Тамара Ристовска со уникатната облека издоминираа на сцената на фестивалот „Манаки“ (ФОТО)
Никој во салата на Домот на културата сношти во Битола не остана рамнодушен по прокецијата на македонскиот филм „Мими“, кој имаше проекција во состав на 43. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
По прокцијата, Миланка Рашиќ на сцената ги најави актерите на филмот. Издоминираа трите убави актерки, Наталија Теодосиева која ја игра Мими, Тамара Ристовска како Сара и Софија Куновска- игра епизодна улога на професорка на факултет.
Едностани но шик и впечатливи, сите три актерки избраа уникатна облека за настанот. Тамара облече краток и припиен фустан со рамни сандали, Наталија црн краток фустан ирозови сандали со високи потпетици, а Софија Куновска се појави во црн топ и пантолони.
Куновска, која е поранешна пратеничка, важи за една од најубавите жени во јавниот живот кај нас, и секогаш е облечена во склад со пригодата.
Наталија Теодосиевска, со улогата во филмот „Врба“ доби награда за најдобра главна женска улога на интернационалниот филмски фестивал за независни филмови, „Across the globe“, и за најдобра споредна улога на фестивалот во Атина на „Маратонскиот филмски фестивал“.
Со впечатливата улога на Мими Наталија е на пат да освојува уште награди. Она што филмот го прави побогат е и улогата на Сара, млада мајка која е малтретирана од мажот, а ја глуми Тамара Ристовска.
- Тамара ми помогна да го изградам ликот на Мими. И јас како и таа сум дојдена од мал град во Скопје“, изјави Теодосиевска за својата улога.
Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара - млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има - мајчинството.
Улогите во „Мими“ освен Наталија и Тамара ги толкуваат: Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други. Дел од оваа екипа беше присутна на проекцијата во Битола сношти.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса - шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.
М.Џаровска