Кога се кажува “не” и “збогум”

Добивај вести на Viber

Долго време имав проблем со кажување “не“ и “збогум”, или, ставање точка на односи кои не ми се убави. Кога велам убави, мислам на она да не се чувствувам своја, среќна и спокојна. И тука воопшто не се задржувам само на љубовни односи, туку и на службени, пријателски, па и површни. Научена да сум стрплива со луѓето станав хаотична, во смисла дека се вовлекував во релации од кои ми беше мачно. А човечкото тело е чудна машинерија, веднаш препознава кога нешто не ни прија на душата и својот револт го искажува преку главоболки, оној чуден и тап бол во стомакот, несоница или прекумерно јадење. Јас ги имам буквално сите набројани кога сакам да си го надмудрам внатрешното чувство или да го замолчам кога не сакам да се соочам дека во некој однос патам и не ми е како што треба. Па едно време се прашував зошто во име на лажна почит или куртоазија, си ги учиме и децата на нешто што само ќе им создава товар низ животот. Уметноста на кажувањето НЕ и ЗБОГУМ е токму во ослободувањето да сме заглавени во релации од кои само назадуваме. Учев полека и болно дека да се одбие човек не значи дека сум лоша или злобна, туку дека го имам правото да се борам за себе и она што го чувствувам. Во секој однос влегувам целосно, без задршка, без мерење на грамови. Или те сакам, или не те сакам, тоа е. Не можам да те сакам денес оти ми одиш по ќефот, ама утре наеднаш да те отсакам оти има работи кои не ми биле по ќеф. Но, она што ме измачуваше беше дека токму оние кои не сум ги сакала, па и сум немала дури ниту почит кон нив, сум дозволила да да ми наметнат чувство на кривица, па сум се трудела и отповеќе да сум фина со нив.

Да се каже НЕ, СТОП, ЗБОГУМ е одлика на човек кој држи до себе и не трпи секакви и сечии гомненици. Но, најинтересно е дека повеќе трпение имаме со оние однадвор, отколку со оние кои ни се навистина блиски и дел од животот. Кога ќерка ми ќе претера, знам многу сериозно да кажам дека не ми се допаѓа тоа што го прави или зборува, па дури и да сум поостра. Но, порано кога некој ќе ми газеше по нервите, бев како амеба и прифаќав буквално се’, само за да не сум во конфликт. Блуеници! Кој тоа кажал и каде пишува дека конфликтот е израз на недостиг на домашно воспитување? Зарем домашното воспитување учи да сме сунѓери кои ќе впиваат секакви отрови од сите околу нас. Зарем она што го учиме од дома всушност не’ прави подоцна во животот несреќни и незадоволни. Чуму ни е тогаш мислата и гласот ако не артикулираме дека НЕ-не ми е убаво кога се однесуваш вака или онака, НЕ-не сакам дури ниту заради тебе да го правам ова и ова. Па јас детето не го терам да биде адаптирано и да прави работи што не ги сака, не па да дозволам некој подоцна низ животот да и’ наметнува чувство дека не е добар човек ако не прифаќа да и’ се сервира се’ и сешто. Затоа, уште од мала ја научив дека мора да го кажува своето мислење и став, па дури и тогаш кога мисли дека со тоа ќе ме налути или навреди. Ќе дискутираме, ќе се надмудруваме, па дури и ќе се расправаме...ама не да учи да собира фрустрации во себе и да е крајно незадоволна.

Децата го гледаат она што го правиме и сакале ние или не, учат токму од нас. Џабе е да јадам гурабии дека треба вака или онака, ако примерот кој што го давам со моите постапки е сосем спротивен од она што го дрдорам како навиена. И почнав да се менувам, судирајќи се прво со себе и корените на она што ми било всадено со децении. Прво морав да се навикнам дека НЕ е мојата слобода, додека премолчувањето е затвор во кој седам држејќи ги в раце клучевите од мојата ќелија, а притоа не правејќи ништо. Ок, не си лош човек Ано ако не прифатиш да си она што другите сакаат да го видат во тебе или ако те замислуваат поинаку. Е да, ама тоа беше потешко да се направи отколку вака да се напише. Затоа почнав со бебешки чекори и поставувајќи си прашања, на кои си давав одговори:

-Дали со твоето НЕ навредуваш некого? НЕ

-Дали со твоето НЕ му одземаш некому право на избор? НЕ

-Дали со твоето НЕ му ја одземаш некому слободата? НЕ

Па каде е тогаш проблемот?

Проблемот беше дека откако ќе ги навикнете луѓето околу себе да им служите како вреќа за боксирање или самовила која исполнува желби, секоја промена значи отпор и бунтување од нивна страна. Замислете дека сте спремале ручек цел живот без оглед дали ви било до готвење или не, дали сте биле болни или депресивни. И наеднаш еден ден велите “дечки, денес нема ручек, снаоѓајте се, јас сум уморна и сакам да легнам, да гледам серија и да спијам”. Се разбира дека има реакции, но да се разбереме. Не се домашните виновни што сте ги свикнале така, виновни сте вие што во секоја ситуација и секакви услови сте ги научиле дека вие можете се’. Овој пример го дадов за пластично да објаснам дека она што ќе потиснувате за да излезете во пресрет на сите околу, еден ден кога ќе решите да менувате нешто во себе, ќе ви се удри од глава. Е сега, реакциите можат да бидат секакви. Од ОК, до ама јас сум гладен/гладна, па да се игра на карта вина, сожалување итн. Е вака е и во емотивните односи. Кога премолчувате се’ што не ви се допаѓа и сте “фини”, тогаш еден ден кога ќе ви пукне филмот вие ќе бидете виновни, оти не сте кажале веднаш кога нешто не ви се допаднало. Па ќе имате обвинувања дека сте се смениле, дека не сте добра личност. Јас ја разбирам и другата страна која наеднаш добива поинаков третман од вообичаениот и секако дека од петни жили ќе се обидат да ја вратат назад личноста која секогаш им одела по задникот.

Разбирам, ама не се сложувам. Заради психофизичкото здравје на луѓето кои се меки до степен да ги обликувате ко глина, ете не се сложувам. Не мора секогаш да прифаќате се’, нели? Не е ниту здраво по вас да е така. Па не сте бунар без дно, не сте вреќа за ѓубре. Луѓе сте со свои потреби и желби, лимити и капацитети кои не се бескрајни. Не чекајте да ви прелее чашата за да ги поставите работите на свое место.

Кажете НЕ секогаш кога нешто не сакате да правите или кога ве тераат да сте она што не сте.

Кажете ЗБОГУМ на сите оние кои едноставно не можат да разберат дека вашата добрина и човечност не служат за да се опуштат до толку за да бидете повредувани или навредувани.

Кажете НЕ САКАМ секој пат кога во вас нешто ќе се побуни.

Кажете НЕ МОЖАМ секогаш кога навистина не можете да сторите она што е спротивно на вашите желби или принципи.

Менталното здравје е во неколку волшебни зборчиња со кои ќе доживеете ослободување од сето она што ве притиска или ви прави да ви е неубаво. Никој од нас не е тука за да се запостави себе во името на туѓите потреби, кои патем речено, некогаш се чист хир или беснотилак.

Сакам да сте свои, оти тоа е најважно за еден човек да е во мир со себе. Сакам да сте храбри за да изборите за сопствената слобода и правото на избор да одбиете да сте роб било кому.

Учам и јас заедно со вас, се преиспитувам и онаму каде што сум сега застаната, кога ќе се завртам назад си велам “Ано, ако твоето НЕ е некому проблем, тогаш твоето ДА не го ни заслужува”.

Да сте ми живи и здрави, чувајте се.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да викниш

Гласот да ти се чуе

Зборот да ти се памти

Да си кажеш се’

На душата што ти лежи

Оти душата молк не трпи

Ниту да збира ко бунар

Отрови на неа да се таложат

Ко во филџанот талог од црно кафе

Затоа да викниш

Секој пат до небо да свикаш

Кога си обесправена

Кога знаеш дека убаво не ти е

Кога некој ќе сака да те згази

И кога сама себе се газиш

Оти ниту еден човек

На овој свет роден не е

За туѓи поганлаци да трпи

Ниту некому покорен да биди

Да се поболува и бол да има

Да викниш

Секој пат кога убаво не ти е

Кога себе заради друг се губиш

И во темница талкаш

Удирајќи се од својата немоќ

НЕ да кажеш

И себе да се сакаш

И тело и срце здрави да ти бидат

Без грижа и страв

Оти не си нешто

Што некој друг сака во тебе да гледа

ЗБОГУМ да изустиш

И назад да не се вртиш

Секој еден пат

Кога некој на добрината ќе ти плукни

И кога за потсмев твојата мекост ќе ја има

Да викаш

Да се избориш за својата среќа

И во неа спокојот да си го чуваш

Како храм во кој ќе се помолиш

И во кој ќе си одмориш

Оти ништо не вреди повеќе

Од твојата насмевка и сјајот во очи

И никој не вреди повеќе

Од твојот мирен сон

И мирната рака во која трепет нема

Да викаш

И да ги чуеш оние кои викаат

Кои помош бараат свои да останат

Оти ништо немаш

Ако гласот го изгубиш

И главата наведната ти е

Ништо не ќе имаш

Ако станеш сенка на своите желби

Без глас

Без збор

Без себе