Кои жени имаат поголем ризик од депресија во периоменопауза: Возраста може да влијае на ова
Кои жени се изложени на висок ризик за депресија во перименопауза и менопауза - еве што покажуваат научните истражувања.
Естрогените имаат невропротективно и антидепресивно дејство. За време на перименопаузата, кога нивото на естроген флуктуира, а потоа значително се намалува, жените може да искусат широк спектар на симптоми: од физички симптоми, како што се ноќно потење и топли бранови, нарушувања на спиењето, промени во тежината и апетитот, до проблеми со когнитивното функционирање. Може да има и промени во менталното здравје, како што се ненадејни промени во расположението, анксиозност и зголемен ризик од депресија.
Различни студии покажуваат дека симптомите на депресија кај жените се почести за време на менопаузата отколку во периодот пред менопаузата. Во Студијата за расположение и циклус на Харвард, беше испитана поврзаноста помеѓу транзицијата во менопауза и првиот почеток на депресија. Истражувањето е следено кај жени кои се во период на перименопауза (од 36 до 45 години), без претходна историја на лекување на депресија, во согласност со промените на физичкото ниво со кои се соочуваат жените во оваа животна возраст.
Жените без историја на депресија кои влегле во перименопауза имале двојно поголем ризик да развијат депресивни симптоми во споредба со жените кои останале во предменопауза, покажа опсервацијата. Ризикот за депресија бил малку поголем кај жените кои пријавиле непријатни физички симптоми на менопауза, а исто така бил зголемен и кај жените кои доживеале негативни животни настани во овој период.
Жените со историја на депресија пред менопаузата се поподложни на депресија за време на менопаузата. Студијата за здравјето на жените спроведе истражување на 443 жени кои имале искуство со депресија, истражувањето ги следело нивните симптоми при влегување во менопауза, односно на возраст од 42 до 52 години. Во текот на 13 години на проспективно следење, студијата покажа дека 39% од жените доживеале епизоди на депресија.
Заклучокот е дека некои жени може да ја доживеат својата прва епизода на депресија за време на перименопаузата, но повеќето жени со перименопаузална депресија имаат историја на депресија.
Како поттик за депресија во перименопауза се издвојува возраста, односно возраста кога започнува процесот на менопауза кај жената. Истражувачите забележале дека жените кои доживеале природна менопауза подоцна во животот имале помал ризик да доживеат постменопаузална депресија отколку жените кои влегле во менопауза на порана возраст. За секое двегодишно зголемување на возраста во менопауза, стапките на депресија се намалуваат за 5%. Жените кои доживеале менопауза на возраст од 40 или подоцна имале околу половина помала веројатност да доживеат депресија отколку жените кои доживеале предвремена менопауза.
Покрај гореспоменатите непријатни физички симптоми на перименопауза и менопауза кои можат да влијаат на квалитетот на животот и порано влегување во менопауза, финансиските тешкотии, детската траума, неодамнешните тешки животни настани, осаменоста и ниската социјална поддршка, исто така, се појавуваат како предизвикувачи на депресија кај жените во средна возраст.
При првите симптоми на депресија, неопходно е да се јавите кај стручно лице за помош.
Извор: Сенса