Кој е “вистинскиот” партнер?

Добивај вести на Viber

После подолго време решив да земам неколку дена одмор и да посветам време на себе. Не дека бев некаде, оти со ситуацијава и не е баш за одење било каде, ама тие неколку денови ми беа потребни за да го намалам темпото со кое живеам. Верувам дека сите го имаат чувството на исцрпеност, кое е повеќе психички, отколку физички. Сета напнатост со која живееме, стравот, следењето на бројките на заболени, починати, ќе има вакцини (а ако има, кога ќе има), па разочараноста дека нема, надежта дека сето ова ќе заврши (а не завршува), ги премина сите граници на издржливост. Нејсе, после цела година мината во тескоба, во која мирисот на етанол ми ги покри сите други мириси, носењето маска ме направи да го заборавам и она малку знаење што го имав за како да се поднашминкам, а најмногу ме фрустрираше што ми ја снема слободата да можам да седнам некаде надвор со лаптопот и да пишувам, ми дојде моментот на презаситеност. Сакав да се наспијам, да минам повеќе време со ќерка ми, да си потонам во оној меур во кој се чувствував заштитено. Материјал имам дури за две нови книги, се зголемуваат страниците на word документот кој веќе си има и наслов, ама и тоа веќе не ми ја смируваше душата, знаејќи дека и да ги издадам сега, нема да е исто без оние преубави, топли промоции полни лица кои дишат со љубов, прегратки и муабетење. Се обезбедив со книги ( да не претерам, ама можеби имам 15-тина кои чекаат да бидат прочитани), на телефонот спуштив музика која ја сакам и конечно, стасав и до Netflix.

Знаете дека не гледам телевизија, а да не ми протрчаат низ фб вести или статуси, нема да знам што се случува околу мене. Ама Netflix-от ми е посебна љубов, особено кога ќе налетам на некој филм кој е (што би рекла ќерка ми) од “мое” време, па со сласт ќе го изгледам. Со сериите си имам малку проблем, особено со оние кои ќе ми се видат интересни, а имаат по 5, 6 и повеќе сезони, оти колку и да ми е голем ентузијазмот, се знам себе дека нема да издржам, односно дека ко зависник ќе квачам пред монитор дур не ми се потслоши. Затоа ги бирам на тепка оние кои се 1, максимум 2 сезони и тоа со по најмногу 10 епизоди во сезона, ама и да не е секоја епизода по повеќе од 45 минути. Ама мамицата нивна, ги прават последните епизоди такви, што се знае однапред дека ќе има продолжение, па ме копка што ќе биде понатаму. Скролам така по Netflix-от и застанувам на една серија што се вика The one! Потпрочитувам и ме заинтригира темата која говори за тоа дека е можно да се најде вистинската љубов врз основа на мечирање на ДНК. Нема да ви давам спојлери, ниту да ви ја прераскажувам, ама самата идеја за тоа дали би било можно компатибилноста на двајца да е резултат на генетскиот материјал кој сите си го носиме, ме замисли. И ај што ме замисли, туку и се запрашав дали играњето Бог за да се тврди со сигурност дека вашата сродна душа е токму некоја одредена особа со која никогаш не сте се сретнале е придобивка или проклетство. Беше опишано дека средбата на двајца кои се мечирани е како средба на луѓе кои иако првпат во животот се гледаат, имаат чувство на препознатливост. Да, баш така...како да се познаваат, си ги препознаваат мирисите и гаранцијата е дека им е “судено” да бидат заедно цел живот.

Се запрашав дали и колку навистина луѓето би имале храброст да го испробаат овој начин на наоѓање партнер во животот ако е некогаш возможен? За себе не сум сигурна дека наслепо би одела на оваа варијанта. Впрочем, наоѓањето на вистинскиот човек со кого секој од нас би сакал да го помине животот (според мене) не е само резултат на совршената комбинација на гени и нивната компатибилност. Од друга страна, на сите ни се има случено во даден момент да кликнеме со некоја особа или, од старт без никаква причина да почувствуваме потреба да се оддалечиме. Внатрешното чувство или интуицијата, за мене е клучна во влегување во односи со луѓе, без оглед дали се работи за пријатели, партнер или соработка. Па дополнително ова ми направи забуна за тоа каква е всушност нашата поврзаност со остатокот од светот, особено со оние кои првпат ги сретнуваме. Нели ви се има случено уште на првото “здраво” да почувствувате дека имате некаква конекција со некого? Муабетот да си почне спонтано, да нема застој, ако има тишина да не е онаа која е чудна и непријатна, да си имате заеднички теми, интереси, хуморот да ви е сличен и некогаш да ви се случува дури и да се разбирате без збор. Или обратно, некого едноставно не можете да го поднесете да биде во ваша близина, иако човекот ама баш ништо не ви сторил, ама ете, органски не го поднесувате или неговиот мирис ве одбива.

И еве, решението за да се заштеди време, нерви, разочарување лежи во една капка крв, плунка, влакно од коса. Испраќате примерок и хооооооп, стасуваат резултати дека вашата втора половина живее Богу иза леџа, дека е мажена/женет со чопор деца...и? Или варијанта 2....вие сте женети/мажени, во складен брак, со дом, деца, убави моменти и ви стасува известување дека всушност живеете во илузија дека сте среќни, оти тој што сте го одбрале не е мечиран со вашата ДНК. Оти да се разбереме, не е дека нешто ви фали во врската или бракот што сте го испробале тоа чудото со мечирање, туку факт е дека во природата на човекот е да биде љубопитен и да се почеша таму кај што некогаш и не го чеша. Или ко што би рекле западњаците “Curiosity killed the cat”. И што сега? Ќе соберете храброст да се сретнете или само ќе се изнасмеете? Ќе ризикувате да го срушите она што сте го изградиле со партнерот, заради тоа што технологијата ќе ви каже “а, не...тој/таа не е за тебе. Еве ти идеален партнер, сервиран ко во ексклузивна кафеана, со аперитив, главно јадење и вкусен десерт” или воопшто нема ни да се обидете да си ставате трн во здрава нога?

Сфатив дека серијата изобилува со милион вакви прашања на кои не можете да дадете едноставен одговор со ДА или НЕ. Сфатив дека всушност отвара едно многу посуштинско прашање, а тоа е...зошто секогаш бараме повеќе од она што го имаме покрај себе? Зошто сме опседнати со совршенство, кое и самите не го поседуваме? Наоѓањето партнер е лесно, ама наоѓањето партнер со кого ќе имате чувство дека сте стасале дома, е најтешкото нешто. А во партнерскиот однос никогаш не е сѐ идеално. Ќе се расправате за многу работи, од ситници до крупни нешта кои или ќе ја зацврстат врската или ќе дојде до крах. Да, можеби нема да ви се допаѓа дека партнерот ви произведува чудни звуци додека спие или дека остава неред зад себе, ама па од друга страна, неговата или нејзината прегратка е лековита и ви помага секогаш кога имате проблем. Партнерскиот однос не е само хемијата меѓу двајца. Таа само помага да се одбереме, ама не е клучна за да останеме заедно. Сум имала хемија со човек со кој не сум можела 2 реда муабет да направам а да не се искараме и искасаме ко кучиња. Некако поважно (барем на овие години) ми е покрај хемијата, да имаме меѓусебно разбирање за разликите, да си ги негуваме сличните интереси, да си ги почитуваме расположенијата и секогаш, без исклучок да ни е на ум дека сме се одбрале еден со друг и дека имало зошто е тоа така.

Некако не ми се допаѓа идејата да го скратувам или насилно прекинувам процесот на запознавање, брусење, трудот кој носи компромис и прифаќање. Всушност сите овие работи само го зацврстуваат односот меѓу двајцата, ги прави да чувствуваат заедништво во градењето на кулата наречена врска или брак. И да бидам искрена, совршениот или вистинскиот си го чувствуваме во душата и срцето. Тие знаат подобро од разумот или од таму некоја си машина дали сум спокојна и среќна онаму каде што сум, со тој со кој што сум.

Како и да е, изгледајте ја серијата доколку имате време и желба. Мене само ми се потврди сознанието дека никогаш работите не се идеални, колку и да изгледаат така. На крајот од денот, секој од нас внатре во себе знае...знае сѐ, а најмногу дали и колку е среќен со себе и со особата со која ја дели постелата.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Тој и таа

вовлечени во игра од умови

и заплеткани желби

страст еден по друг

и копнеж од кој како река

истекува сиот нивни бол

заслепени од моментот

во кој тој во нејзините очи се џари

а таа го голта секој негов збор.

Тој и таа

како грне и капаче

еден во друг пикнати

со прстите во утробата

на оној другиот заплеткани

та се мирисаат

и без да се допрат

еден од друг воздух земаат

дур ненаситно не се надишат.

Тој и таа

како огледало во кое

секој во другиот се огледува

и мориња од премолчени стравови

подготвени да препливаат

за во поинаков свет да се најдат

во дом кој како од песок

еден за друг го градат

без на приливот да помислат.

Тој

и таа

со душите сретнати во друг живот

та во овој само повторно се препознаваат

и еден кон друг се приближуваат

како отсекогаш едно да биле

во некое друго време

кога некогаш се љубеле

и не се заситиле.

Тој

подготвен кожата за неа да ја соголи.

Таа

подготвена за него повторно да се роди.

Тој и таа

во свет кој не познава граници

и во кој пишано им било

еден на друг да налетаат

со надеж дека нема да се изгубат.

Тој и таа

тие, љубов моја,

тие двајца го живеат

она што за нас јас го пишувам

и ниту ти – тој си

и ниту јас – таа ќе бидам

оти нам вака не ни било чкртнато.

Ете, само к’смет да се најдеме сме имале

без да ни се насмее небото

за да се изживееме.

Ти – тој.

Јас – таа.

Секој сам по сам

во неколку испишани редови.

Сами и осамени.