Коки Јанков: Се појавив на „Макфест“ поради споменот на Дуле

Поминаа цели 25 години откако за првпат ја слушнавме песната „Виолина и гитара“ од авторите Валентино Скендеровски и Александра Митевски, која е веќе евергрин.

Ја испејаа тогаш дебитантите, Дуле и Коки, на свој терен, во својот роден град Штип, на „Макфест“, фестивалот на кој како деца оделе да ја ѕиркаат големата сцена, сонувајќи дека еден ден ќе застанат на неа.

Никола Јанков- Коки повторно се појави на „Макфест“, кој се одржа изминатиотв викенд. Виолината веќе осум години е без гитарата, а појавувањето на Коки на „Макфест“ без Дуле симболично се поклопува со осумгодишнината од смртта на Душан Љубисављевиќ, кој почина на 23 септември во 2013 година.

Коки беше дел од настапот на Дејан Тасев, со кој вели дека е близок.


-Па само и „Макфест“ остана, реално за поп музика..“, ни изјави Коки по настапот.

-Супер е, новата локација даде можност за поголема слобода, движење околу сцена, ресторан-кој сака да нарача нешто.. Мене ми се допадна“, ни рече Коки. Фестивалот кој годинава се одржа по 36 пат, поради протоколите за заштита, втора година по ред се случуваше на отворено, на локацијата „Аква бела ресорт“.

Коки е ветеран на „Макфест“ и вели: „Убаво е чуството така, од страна гледаш нови луѓе, генерации, со желба да испеат, да остават впечаток. Ако, така треба. За настапот, Дејан Тасев испеа негова песна, а сме блиски, па во аранжманот ставивме виолина, се собравме на сцена за поддршка и излезе добро“, ни рече Коки.

-Поминаа 25 години од „Виолина и гитара“. Тоа беше во 2006 година.. Затоа и сакав да се појавам на некој начин поради Дуле, ја доделив и наградата за дебитант која носи наслов по Душан Љубисављевиќ“, ни рече Коки.

Во 2018 година, на петгодишнината од смртта на Дуле, тој се потсети на својот другар за Женски магазин:

„ Многу претстави и филмови поминале пред моите очи и во мојата душа, во овој живот. Жанрот бил различен. Од комедија, до хорор, до љубовна драма. По 20 и повеќе години заедно, по можеби околу 250 настапи во годината во просек, и по 5 години откако Дуле не е меѓу нас, што човек може да каже во една реченица? Ништо, а можеби и многу. Дали дуото Дуле и Коки постои? Јас би рекол ДА. Затоа што сѐ уште слушам во публиката како луѓето извикуваат: „Марама“, ако може“, „Виолина и гитара“, „Колку треба да се плати“. Ги бараат. Е, некој треба да ги испее тие песни по настапи. Тоа сум јас, заедно со таа публика“, ни раскажа Коки. Виолинистот вели дека му е тешко во тие моменти, но песните треба да живеат, поради Дуле. 

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски