Колку е “лесно” да си жена

Добивај вести на Viber

Сега можам само да пишам едно ИЧ и да се одјавам, нели? Жените ќе ме разберат 100%, мажите 50-50, впрочем како што е редот. Од каде да почнам, а да не испуштам нешто. Па вака...уште од раѓање, нашата облека е најчесто розова или црвена, нели дека бојата го определува полот на детето оти бебињата дури отпосле заличуваат на машки или женски. Јас пак, ко за инает ќерка ми ја облекував во сите бои (освен во розево) па често пати ми се случуваше кога ме застануваа за да видат, да коментираат “леле колку убав батко”. Потоа доаѓа на ред она дека ние по дифолт си играме со кукли, додека мене како вечен “синко”, многу ми беше мерак да си играм со пиштоли, особено еден со жолта дршка кој го крадев од комшијата Филип (кого го викав Чипип), а тој пустиот имаше нервни сломови од мене, оти игрите не ни беа дека е тој витез а јас принцезата, туку му ја рушев целата концепција со Ани четири пиштоља. И да не ја редам цела младост до ден денешен, оти земајќи ги предвид годиниве кои ги имам, немам намера да пишувам книга туку колумна.

Жените ја имаат обврската сиот живот да се докажуваат дополнително, токму поради фактот дека се жени и треба да го оправдаат (сосем непотребно) својот квалитет и во професиите кои се’ уште се сметаат за машки. Тој дополнителен напор, пропратен со вообичаените обврски да се биде совршена жена-мајка-љубовница-деловна жена-сопруга/партнер е исцрпувачки. Згора на се’, секогаш треба (а не треба) да изгледаме во топ форма, затоа што сме оптеретени, односно наметнато ни е да сме под притисок дека треба да изгледаме беспрекорно. Па шминка, козметички третмани, маникир и педикир...и кога ќе се свести чоек, денот одминал. И не дека сум премногу освестена жена, туку станувам мрза со тек на време, па одредени работи ги оставив зад себе. На пример, се шминкам само ко ќе ми дојде (читајте ретко и малку), на фризер одамна не сум била и заради коронава, па се шљакам дома сама и во косата сум ко грмушка. Козметичар не знам како изгледа, никогаш не сум била (тука се веќе гени и среќа во прашање), а да губам час или два во средување нокти немам намера. Со сета почит кон оние преубави дами кои си посветуваат внимание, сфатив дека човек треба да ужива во она што го прави, а не само да се измачува. Тоа најдобро го знае мојата фризерка која ме познава како дишам и кога одев, ме прашуваше од старт шо имам намера да правам за да го пресмета времето кое ќе е потребно (оти на неколку пати ми има текнато оти сакам “плавуша да будем”, што е катастрофа во комбинација со мојот тен, лик и карактер) и да ме предупреди на време. Значи, не седнувам дур не ми каже дека фризерајот ќе трае еден час, а секоја минута после тој час сум досадна ко вошка и на 10 секунди прашувам “уште колкуууууу”.

Веројатно е и табиет во прашање, но научив да си го почитувам мирот и времето и да не се потресувам ако не сум тип-топ. Многумина од вас ме виделе и без грам шминка, коса фатена лабаво и облечена како за по дома. Но, тоа сум јас и не сакам да продавам нешто што не сум или што се очекува од мене. Мојата одговорност кон вас што ме читате е да ме видите која сум преку она што го пишувам, да знаете дека јас сум една сосем обична жена со сите убавини и сра*а кои секој човек ги носи во и со себе. Поважно ми е да знаете дека патам и љубам како сите вас, дека имам стравови и желби, дека некогаш ме фаќа депресија. Впрочем, ако ви продавам совршена и лажна слика дека имам прекрасен живот без никакви проблеми, би ве лажела и вас и себе, а за еден пишувач тоа е најголемиот грев што може да го стори. Значи, убава сум си на себе не дека сум идеална, туку дека се сметам себе за добар човек. Тука завршуваат сите мои дилеми околу изгледот.

Е сега, благодарение на болештинава која ни ги измести животите и не’ затвори дома, се соочив со мојата вечна болка која не беше толку изразена кога шетав повеќе и воопшто, кога бев поактивна. Знаете на што мислам, нели? Целулит и свадбарки. Не е за паничење (барем не се’ уште), ама можам да замислам на што ќе личам до пролет, бљак. И не е толку до изгледот, колку што ми пречи и ме нервира. Наместо сето тоа да оди рамномерно, на пример во градите...кај мене се таложи на задникот и бутовите. Знам дека скоро секоја втора жена го има истиот проблем, кој не е толку врзан со тежината, туку со она дека сите имаме некоја слаба точка. Мојата е целулитот. Имам другарка која ме намами да одам под она сукалото, кое модерно се викало мадеротерапија. Ќе легнете скоро голи и игра сукалото, кое го разбива целулитот. Стално се шегувам со неа и и’ велам дека ако ме здоболи, ќе ја плеснам по рака, особено што сум позната како човек кој нема толеранција на физичка болка (за емотивна сум експерт), па на сред породување реков дека ако не ми стават спинална, ќе ја демолирам болницата. Бруки, знам...ама навистина мислам дека ако не мора да се трпи болка, не треба чоек да се измачува. И така, Љиља моја го натера атеистот-мене да се помоли во себе и да бидам искрена, си стоеше на зборот. Рака алтан, башка духовита, а најголем мотив ми е кога ќе видам како изгледа (исто годиште сме, постара е од мене само 4 часа) а има тело на кое би и’ позавиделе девојки. И што е најубаво, на неа ќе видите брчки-смејалчиња, што е само доказ дека не е се’ во сечење кожа и месо.

Посветеното време за себе е најважното време за секоја жена. Да, тука е семејството, работата, пријателите, но мора да најдете време во кое најважни ќе бидете ВИЕ. Дали ќе е тоа за читање, пешачење, мадеро, шминкер, фризер, сеедно. Времето за себе е она време во кое вие ќе си бидете на чисто со себе дека тој час, два, три сте вие најважни на светот. Дури и ќерка ми знае дека кога ќе речам “Нина, исто ко да не сум дома” е време кога треба да ме остави да го правам она што го сакам. И да, функционираме, оти батериите кои треба да ги наполнам правејќи нешто што е исклучиво врзано за мене, ме прават и подобра мајка. Не сте лоши жени, сопруги и мајки ако се грижите за себе, на начин на кој сте си свои. Напротив, секоја жена која е исполнета и среќна го дава најдоброто од себе на сите полиња. Не се замарајте ако комшиката прави поубави пити, или ако онаа од 6-ти влез е секогаш средена до совршенство. Вашата совршеност лежи токму во она дека сте вие-ВИЕ, какви и да сте.

Затоа, во ова време кога ич не е лесно да се биде жена бидете жена која ќе е задоволна со себе, без грижа на совест дека не сте идеален жонглер со сите обврски кои ви ги носи денот. Нема поубава жена од среќна и спокојна жена, која дише со мир и задоволство. Кога ќе се сакате себе, оставате простор да ве сакаат и сите наоколу.

Да сте ми живи и здрави дами и господа. Убавината е во секоја од нас, да се научиме да уживаме во неа, дури и тогаш кога сме во косите како седела за птици и со нокти кои не виделе лак со години.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат оти лесно е жена да си

Спастрена секогаш

Дури и тогаш кога душата ти цвили

И солзите однатре ти лијат

Та си ги поткасуваш усните

За да не вреснеш до небо

Кога чекориш ко светот твој да е

На потпетици од кои стапалата те вијат

И тело исправено

Дури и тогаш кога ти иди да се свиткаш

И така ноќта да ја минеш

Никој освен жена

Не знае како е жена да си

Кога од сите болки

Треба насмевка да исткаеш

Со плачот јадењето да го посолиш

Од снагата живот да извадиш

И за него повеќе од за себе да се грижиш

Та велат оти лесно е жена да бидеш

Оти шминката бледилото го крие

И црните кругови околу очите

Кои од наспаност не се

Та се чини оти најлесно е

Кога на раѓање женски плач се слуша

Оти ниту една од нас

Нема да заплаче пред туѓи очи

Туку болката ќе ја џвака во себе

И ќе ја исплука тогаш

Кога во самотија ќе се завитка

Без ниту еднаш да заофка

Или да се пожали некому на глас

Велат

Велат дека жена е лесно да се биде

И оти жените низ векот полесно врват

Небаре патот со рози ни е послан

И на него ниту едно камче нема

А јас знам

Знам по сите жени кои на мојот пат застанале

Дека силата нивна е поголема

Од кревкоста на нивните тела

И благоста која во себе ја носат

И дека плеќите од железо им се

Ама срцата меки ко памук

Ко облак бел на сино и чисто небо

Велат оти жена да си

Не е ништо особено

Ниту дека е тешко во наши чевли да се оди

Ама знам

Како што знае и секоја од нас

Дека најголемиот благослов и клетва е

Кога женско дете в куќа ќе се роди

Оти нејзината среќа лежи во туѓата

И дека од себе ќе земе

За на другите да им даде

Со сета леснотија

Во таа тежина жена да е

Жена да биде