Колку се познаваме едни со други?

Добивај вести на Viber

Велат дека човек сам не го бива. Велат дека секогаш треба да имаш барем неколкумина покрај себе, за арно и за лошо. Ако мене ме прашате, јас верувам дека секој од нас на својот пат има стекнато сродни души со кои се чувствува слободно и среќно. И таквите луѓе се чуваат како очите во глава, оти се ретки и незаменливи. Тие, таквите се есенцијата на нашето битисување оти сé доаѓа во животот. Тоа се оние алтан-луѓе кои знаат да се радуваат на вашата среќа и успех, тоа се тие малкумина кои кога ќе забегате ќе ве застанат и ќе ве прашаат “на каде имаш кинисано, знаеш ли?”. Тоа се тие скапоцени души кои никогаш нема да ви кажат “ти реков?” кога ќе ја оплескате (а сте добиле совет токму од нив да внимавате што правите), туку само ќе го подметнат рамото за да се исплачете и да ви олесни. Сродните луѓе кои како по правило не ни се род и не се љубовно врзани за нас, се некогаш повеќе потребни дури и од леб и вода. Нема поубаво чувство од тоа да знаете дека и кога сте горе но и долу, тие ве гледаат исто, оти сте дел од нив.

Вистинските пријатели се сé повеќе реткост во времето во кое живееме. Често сум имала прилика да видам како (навидум) големи пријателства изумираат ако не се искрени и ако се водат од некои затскриени мотиви. Знам луѓе кои останале сами оти се развеле, им починал сопругот или сопругата, доживеале крах на професионален план (па веќе никој нема ќар од нив) или им се случила болест. Дел од ова сум го искусила и на своја кожа, особено после разводот и кога татко ми се разболе од канцер пред многу години. И тогаш, во тие мигови кога ви се чини дека не само што сте го допреле дното туку сте отишле и една педа подолу, завртете се околу себе и ќе имате прекрасно јасна слика кои ви биле сродни и кои се покрај вас без оглед во какви ла*на пливате. Во тие мигови сфаќате дека голем дел од дружбите за кои сте можеле да се заколнете дека биле врв на пријателство, се всушност само ветар и магла која ви била продавана на сметка на љубов.

Никој никого не познава 100%. Секогаш кога ќе слушнам “абе го/ја знам како дише”, ми доаѓа да превртам со очи. Не, не знаете никој како дише и што му е во главата. Како интроверт и човек кој си ги преживува сите трауми во себе, знам дека во суштина вистинските пријателства се со луѓето кои ќе знаат да ви го почитуваат моментот кога не сакате да зборувате за нешто или кога сакате да се изолирате. Имам луѓе со кои не сум се слушнала извесно време, со кои не сум се видела одамна но за кои знам дека се тука, дека сум ги одбрала да ми бидат семејство. Има луѓе кои дури и ми го забораваат роденденот, ама за кои знам дека ако барем се посомневаат дека не сум како што треба, ќе се нацртаат пред мојата врата. И ова го научив низ годините, дека формата на пријателството е нула во споредба со суштината, која ако ја нема тогаш нема ништо. Кусури не фаќам за технички работи, не бројам кој кому се јавил последен, не ми треба да ми паметат датуми на раѓање или имендени. Доволно ми е да знам дека први ќе пружат рака во оган за да ме извлечат оттаму и да знаат дека треба само да трепнат за да сум покрај нив.

Уште нешто што научив низ годините е дека ич не е важно колку долго познавате некого за да си дозволите да имате доверба и да му го ставите својот живот на дланка. Знам дека ова звучи грубо, но еве и зошто ви го кажувам баш вака, соголено и незавиткано во целофан и машничка. Деновиве читав за скандалот кој ја крена Франција на нозе и кој е во центарот на сите медиуми. Не знам дали знаете и колку сте информирани, па еве накратко. Се работи за 71-годишна жена која била заедно со својот сопруг околу 50 години, а кој во период од десет години константно ја дрогирал и ја силувал, па дури и викал други мажи да се изживуваат врз неа, снимајќи го чинот. Како жена, како човек, како емпат, ова длабоко ме потресе од многу причини. Прво, некако се погоди да го гледам филмот Blink twice, кој ја има истата тематика но претставено од друг агол. Порано изреката “абе да не ставаат дрога во пијачките” беше дури и несреќно користено како некаква си шега. Кога ќе се вратам назад, паметам дека пред да почнам да излегувам (кога бев уште тинејџерка), моите ми беа дури и здодевни со она нивното “да не земаш пијачка од никого”, “гледај да ти го отворат сокот пред тебе”, “ако одиш во тоалет, а не си допила да си нарачаш друг пијалок”. Тогаш ужасно ме нервираа, оти нели, во младоста сите мислиме дека знаеме сé за животот или дека тие такви некакви лоши работи им се случуваат на некои други. Така, сега кога веќе ќерка ми излегува, јас сум таа која ги повторува истите работи кои ми ги кажувале моите.

Како жена која многу држи до својот интегритет и слобода, ужасно ми е кога ќе слушам муабети дека штом е жената во брак не може да е силувана. Каква ноторна глупост! Па бракот не е штембил дека мора и треба да сте стално на копче за да ви се води љубов кога ќе му се присака на партнерот, а не е ниту гаранција дека мажот треба да си го добие следувањето по секоја цена. (При самото пишување на ова, ми се наткрева желудникот). И кога читав за гнасата од маж кој кажува оправдувања од типот дека не сакала секс со него, па дека не сакала да учествува во секс игри со менување партнери и дека имала излети надвор од бракот, ми се блуеше. И пазете, не се работи за луѓе кои тукушто се запознале па ќе речете оти секое ново познанство си носи ризик. Се работи за двајца кои биле заедно пет децении и тоа навидум е некаков знак дека се знаат и познаваат? Очигледно дека таа не знаела ама баш ништо за него, па си велам која е гаранцијата дека било кој од нас реално знае навистина сé за луѓето со кои е опкружен? Згора на сé, беше шокантна изјавата од градоначалникот на градот во кој се случувало силувањето кој изјавил дека “сепак, никој не е убиен”! За мене, нарушување на интегритет, слобода на избор, силување и понижување е и те како рамно на чин на убиство, оти ја убиваат душата.

Пак ќе речам, нивото на едукација на жените за нивните права мора да се зголеми. Бидете досадни до бесвест кога се во прашање вашите деца за да имаат на ум дека светот е една огромна џунгла во која има опасности на секој чекор. Научете ги дека секогаш мора да имаат во себе барем 1% сомнеж кој може да им спаси глава во некои ситуации, дека луѓето се поголеми ѕверови од ѕверовите, дека мора да внимаваат на себе. Научете ги дека треба да ги земат предвид сите знаци кои укажуваат на некаква опасност, дека не смеат да дозволат емоциите да им се над разумот, особено кога се во прашање нивното здравје, безбедност и живот. Можеби нема гаранција дека ќе успеат да се поштедат себеси од сите замки со кои ќе се среќаваат попатно, ама нивно е да дадат сé од себе за да се заштитат. Учете ги и научете ги дека секое инсистирање од пријатели или партнер да прават нешто што не сакаат или што се коси со нивните етички или морални начела, е црвено светло. Кажете им дека во секој однос ако нема почит и разбирање за нивните потреби и желби, тоа значи дека треба да си заминат. Баталете ги сите муабети и предрасуди за тоа што ќе кажат комшиите, светот, роднините. Вашата обврска е да ги спремите за живот, со сите убости и го*неници кои тој ги носи.

И да, ако приметите знаци на било какво злоставување или ако ви кажат дека се злоставувани, реагирајте одма и без сомнеж. За жал, во оваа средина во која живееме виктимизација на жртвата е вообичаена работа оти секој има мислење за сé...дури не му дојде на глава. Ќерка ми е единствената особа на светот за која сум спремна да сторам буквално сé за да се чувствува безбедно и за која ќе горам ако било кој чачне во нејзиното психофизичко здравје. Токму заради тоа, секогаш и’ велам да се грижи за себе барем трошка повеќе од она колку се грижам јас за неа. На крајот од денот, сакам да знае да одбере секогаш што е најдобро за неа, дури и тогаш кога тоа нема да е по мој ќеиф, или дури и ако не можам да ја разберам заради генерацискиот јаз.

Внимавајте на себе, оти ако вие не го правите тоа нема кој друг да го направи наместо вас. И секогаш кога ќе бидете спремни да сечете рака за некого убедувајќи се себеси дека целосно го познавате човекот, нека ви текне дека секој од нас има демони, ама дека не секој од нас знае како да ги контролира.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Сé иди во животот

Од арно до лошо

Од смеа до солзи

Од убост до кошмар

Од ден светнат како од сонце огреан

До ноќ поцрна од небо пред олуја

Та човек мудрост во себе да има

И да знае како да се чува

За да не го однесе матната

Оти кој во неа влегол

Никојпат ист не излегол

Сé иди во животот

Од думи бисерни

До мисли полни кал

Од спокој во кој душата одмора

До потреси од кои тлото под нозе се изместува

Од музика која носи напред

До бучава од која главата прска

Та човек да знае како да се чува

И како себеси да се сочува

Оти еден му е животот

И еден век секој од нас врви

Сé иди во животот

Од горе и угоре да си

Та мислиш оти светот под нозе ти е

До долу и удолу да потонеш

Чиниш потоп врз тебе се урнисал

Од мирис на среќа кој опива

До реа на пораз кој убива

Та да си мудар

Барем малку од малку

За главата секојпат над вода да ти е

Оти во длабокото умор фаќа

Сé иди во животот

И сé заминува

Или барем некако одминува

Ама лузните остануваат

И некои не минуваат како на кутре

Туку остануваат да крварат

Колку и да мислиш оти си ги залечил

Та само што коричка ќе фатат озгора

Пак ќе почнат да жежат и болат

И само подлабоки стануваат

Како тагата која навјасува

Сé иди во животот

И не прашува дали спремен си

Или дали сакаш нешто да проживееш

Туку доаѓа и удира со сета сила

Носи и распарчува

Та после земи и состави се повторно

Ич да не се откажуваш

И колку и сила да немаш

Пак на себе да си дојдеш

И пак да научиш да се смееш

Оти ете...сé иди и сé одминува во животот