Колку трае одболедувањето на љубовта

Добивај вести на Viber

Не сите се среќлии да можат да ја најдат својата сродна душа и да го поминат животот во хармонија. Оние на кои тоа им успеало, имале к’смет да не го минат пеколот на одболедувањето на љубовта, кој не само што е кај секој од нас со различен интензитет, туку зависи и од тоа на кои години се одболедува. Кога е човек помлад, оди полесно и со вљубување и со одљубување, а бога ми и одболедување. На повозрасни години, работите не одат баш лесно, можеби затоа што човек веќе и се уморува од разочарувања, па секој крах се доживува како неуспех кој стои подолго во душата. Некаде читав дека дури е и математички пресметано колку време боли прекинот и за колку човек застанува на нозе што е според мене (а не мора да сум во право) чиста глупост. Демек, ќе седнам со дигитрончето в рака и ќе помножам, поделам, одземам и соберам и тадаааааам, ќе се скријам во некоја дупка и ќе го чекам часот кога ќе речам “е па, толку беше, дојде времето кога ништо не ми е”.

Табиетот е оној кој не’ дефинира не само како влегуваме во некој однос, туку и како од него излегуваме или заздравуваме. Знам луѓе кои можат да се нурнат во љубов дур си рекол пиксла и со истата брзина и леснотија после раскинот си продолжуваат со животот. И не само што ги знам, туку и им се восхитувам, а и љубоморна сум. Јас додека не минам не низ 9, туку 12 кругови од пеколот, додека не преџвакам се’ до блуење, додека не изанализирам секоја постапка, збор и однесување не можам да си го најдам спокојот. Многу тупаџиски и непрактично, а да не зборувам колку е болно. На почетокот од самувањето е некако полесно, човек е збрлавен од лошите работи и само нив ги вергла низ умот, па повеќе доминира гневот. Ама вистинското патење почнува кога лутината ќе ја снема, а на нејзиното место доаѓа тагата. Е драги мои, тагата е убиствена оти во неа нема веќе “вол еден, тој на мене вака или онака”, туку се присетувате на сите убави мигови минати со “волот”. И полека сфаќате дека ќе треба да си го средите животот на кој сте навикнале додека сте биле заедно, а тоа не е ниту едноставно, ниту може да биде брзо. Па тука се ситуациите во кои се фаќате како не ви недостасува само физички или како љубовник, туку и како пријател со кого сте споделувале се’. Па ќе ви се случи некоја убава работа или некоја тешка за*банција и инстинктивно умот веднаш работи дека сакате да кажете, да споделите....ама веќе немате кому.

Кога доаѓа тагата, сите лоши спомени, фрустрации, сиот гнев и решеност дека е крај, полека ги снемува. И тогаш почнува оној пекол кој се вика преиспитување дали сме ја донеле вистинската одлука. Ми се има случувано сето ова за кое пишувам, па ќе ви кажам од лично искуство дека штом дошло до “збогум”, имало зошто. Не дека не сум се навраќала или не дека не сум имала прашалници дали сум избрзала или сум изреагирала премногу бурно, ама во суштина, познавајќи се себе сум знаела дека ако не тогаш, подоцна ќе било истото. И покрај сите овие сознанија, сум тагувала многу. Сум тагувала по љубовта како љубов, по онаа која сум ја дала и сум ја добила, по идејата каква требала да биде (да, очекувањата се секогаш присутни и тврдам дека секој од нас ги има тогаш кога има емоции) и по човекот кој бил присутен во мојот живот. Отсуството на оној со кој до вчера сум имала минато, сегашност и визија за иднината ми е болно и не ми поминувало како она погоре со пикслата. Напротив, до одредена точка само се влошувало додека не ја достасало својата кулминација. Многу самоконтрола ми требало за да не кажам тогаш “пупупу, не важи, одиме пак назад”, иако и тоа сум го минала. Врати се, па пак на истите глупости раскарај се, па повторно заминување...и тоа така додека веќе не му се потслоши на чоек, што од себе, што од ситуацијата во која сам себе се става.

Лек за тагата нема, за жал. Има начини како малку да се амортизира, дали со читање, дружење, гледање филмови, ама сепак што и да сум правела, сум си ја носела со себе. Не дека не сум можела да функционирам нормално, ама ја знаете онаа затапеност и меланхолија која ви шета во градите? Е тоа, тоа е таа тага од која нема бегање. Секој од нас ја има минато и секој си го знае начинот како малку од малку да ја ублажи. Единственото нешто во кое не верувам дека може да ја замени тагата е да се најде некој друг. Кога болката е тазе, на тој другиот можете само да му се посветите половично и да направите штета, да му го загорчите животот на некој кој не е ниту виновен, а и ниту должен да минува низ она што минувате вие затоа што вам не ви е добро. Времето (колку и да звучи излитело или клише) си има своја улога и е потребно за да можете повторно да застанете на нозе и да љубите. Греота е да земате некого на душа за да ја одигра улогата на “амортизер на болката”, притоа знаејќи дека сте емотивен крш и дека нема баш што да понудите. Времето кое ќе си го земете за да одболедувате некој кој се’ уште ви е присутен во мислите е можеби и единственото нешто што можете да го направите за себе. Недолечен чоек по дифолт разболува некој друг, а тоа не е баш некоја опција, башка е тотално нефер.

Сум била “начин” за одболедување. Прво, не сфаќав зошто се судирам со нечија промена во однесувањето, со она топло-ладно, со избувнувања кои биле пренагласени и сосем несоодветни за некој ситен проблем или недоразбирање, додека не излегло на површина дека другата страна си има нерасчистени работи со себе во однос на претходната врска. Секако дека односот уште незапочнат е осуден на пропаст, па не сум се ни обидувала да останам или да се “борам”, оти налет борбата ако имате работа со замислен противник кој се наоѓа во нечија глава.

Единствено ми останало културно и со разбирање да кажам чао, со надеж дека нема некоја друга да го крка за претходната. Ете, затоа сум против тоа да се влетува веднаш во врска кога ќе се прекине претходната. Сите си патиме заради исти работи, па затоа ако сум го јала стапот заради никого, не мора некој друг да го јаде заради моето избрзување да преболам.

Оставете си време без математички мерења и броење денови. Впрочем, најубаво е кога ќе оставите да зацелите без притисок дека е доста од тагата. Таа сама ќе си замине тогаш кога ќе и’ дојде време, сакале вие или не. Тогаш ќе почувствувате и олеснување и поинаку ќе дишете. Тогаш ќе бидете спремни да ја затворите вратата на минатото зад себе и да ја отворите онаа која е пред вас. Ако ја оставите отворена таа зад вас, а ја отворите таа пред вас, само ќе ве убие промаја, а лезет нема, оти кај и да е повторно ќе сте сами, ама овој пат и со грижа на совест дека некому сте му нанеле болка, а не заслужил...само бил на погрешно место во погрешно време.

Да сте ми живи и здрави, љубете повеќе и љубете квалитетно...не онака како што само вам ви е убаво, туку да му биде убаво и на оној наспроти вас.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Чудна е тагава по тебе

Спокојна и мека

Како удобна перница

Од која не ми се станува

Полна спомени кои ги дишам

И зборови кои ги издишувам

Та некако и свикнав

Свикнав на мирисот на загубата

Не обидувајќи се да те барам

Освен што ете, песни ти праќам

За да можам дел од себе да ти дадам

Чудна е тагава по тебе

Како мир да ми дава

Оти знам дека уште в срцево си ми

И дека умот накај тебе ми е

Та некако му иди ко заедно да сме

И тоа насмевка ми мами

Иако рацеве празни ми се

А телото по тебе ме дроби

И душава твојот глас го бара

Чудна ми е тагава по тебе

Нова, а сепак толку позната и моја

Како да си ја носам од времето

Кога не сум те знаела

И кога не си знаел дека постојам

Како омилениот џемпер

Кој на лактите излитен е

Ама никако да се решам в ѓубре да го фрлам

Или барем да го спакувам и настрана да го тргнам

На место на кое нема да го гледам

Знаеш?

Ја знаеш онаа тага

Која е по некој со кој во мислите

Три животи заедно си

А во овој ниту секунда не си го имал

Та си велам оти срцето памети

И душата никогаш не заборава

На оние со кои си се сретнал

Во некој друг свет

Во некој друг Универзум

И сте си биле ден и ноќ

Еден на друг утеха и радост

Можеби и најголема болка

Онаа од која човек од корен се менува

И која надве те дели

За еден дел од себе тебе да ти остане

А другиот дел нему му го даваш

Та сите животи отпосле го бараш

За да можеш повторно едно цело да бидеш

Како сега

Како сега кога тагава по тебе мириса на есен

И земја натопена од дожд

Како сега

Како сега кога тагава име има

И твоето го носи

Со љубов

Со мене во тебе

Собрана во неколку букви од твоето име