Компанија кај нас со „дадилки“ за децата на вработените

Модерното и динамично секојдневие се повеќе го наметнува прашањето како да се постигне балансот помеѓу деловниот и приватниот живот. Товарот е подеднакво тежок и за младите односно оние кои се скоро вработени,за оние со повеќе години работен стаж како и за оние кои се на високи и одговорни работни позиции. Сите се соочуваат со проблемот како да го раководат времето, обврските и да одлучат што е приоритет во нивниот живот. Но, секако поддршката од страна на работодавачите е од клучно значење бидејќи во тој случај може да се зачува спокојството и да се постигне максимална продуктивност.

Некои од компаниите веќе ги препознаа придобивките од безгрижни и задоволни вработени па смело се впуштаат во воведување програми кои обезбедуваат бенефиции со кои го зголемуваат задоволството на работното место. Една од компаниите е А1 Македонија која минатата година воведе флексибилно работење односно работење и надвор од канцеларија со што вработените можат да го почнат работниот ден во 10.00 часот наутро, а да го завршат во 15.00 часот односно во петок и до 14.00 часот но притоа на крајот од неделата да имаат вкупно 40 работни часа, додека со концептот Flexy place вработените можат повремено да работат од дома или од некоја друга локација. Една од најновите програми што А1 ја воведе е програмата “Летечки дадилки” со која на родителите овозможија згрижување на децата за време на зимскиот распуст односно во периодот кога родителите се најзагрижени каде да ги одведат своите деца. Во просториите на компанијата децата од 6 до 12 годишна возраст посетуваа едукативно – креативни работилници, а оние поголемите од 8до 14 години се стекна со дигитални вештини на Академијата на Семос. Се надеваме дека овој тренд за грижа и обезбедување услови за баланс помеѓу деловниот и приватниот живот ќе биде преземен и од другите субјекти на македонскиот пазар.