КОВИД-19: Изолација и имитација на животот
Наставниците предаваат пред камера, децата гледаат дома. Стриминг образование. Со оваа онлајн настава, која почна вчера, Србија смета дека ќе обезбеди континуитет на школската година во услови на севкупната изолација за спречување на натамошното ширење на коронавирусот. Сличен потфат веќе практикува и Хрватска.
Кај нас не е така. Но, МТВ се сети да ја врати на програма веројатно најпопуларната серија од ваква едукативно- забавна природа кај нас, „Бушавата азбука“.
Новиот начин на живот што го наложи нашето речиси сеопфатно „ставање на оф“, секојдневно создава практики кои досега ни биле непознати или некористени.
Стримингот од прес-конференциите на министерот Венко Филипче ги ослободи ТВ-снимателите од неопходноста да присуствуваат на овие настани, нужно зачестени во овој период.
Музеите се затворени, ама Археолошкиот музеј почна да објавува едукативни видеа со аудио-нарација и со знаковен јазик за експонати од нивната збирка. Почнаа викендов со објаснување на керамичката икона „Давидов псалм“ која датира од 5/6 век.
Со претставување на делото „Портрет“ од британскиот сликар Дејвид Хокни, еден од најпознатите живи уметници на светот, Музејот на современата уметност во Скопје фаќа чекор со светскиот тренд на онлајн-презентација на дела од музејските колекции ширум светот.
Зашто, уметност е да се преживее – изолацијата.
Во услови на суспендирани јавни собири естрадата смисли стриминг-концерти. Седиш дома и слушаш концерт – во живо. Сефте на оваа практика синоќа и направија Панчо и Андреј од ДНК, облечени во маици со пораката „Биди кул, седи дома“, и Драган Спасов-Дац и Александар Митевски од седенката со Бојана Скендеровски. Пијачките си беа - на куќата.
Кумановскиот театар од вчера постави снимки од детските претстави на својот јутуб канал, за да им понуди едукативна и забавна содржина на најмладите додека се на непланиран распуст поради мерките за заштита од коронавирусот. Емитувањето започна вчера во претставата „Волшебникот од Оз“.
Сево ова звучи како имитација на животот, но тоа е големата отстапка што неопходно мора да се преземе поради реалната закана од новиот вирус. Поголемата опасност е ова практика да ни се допадне и да продолжи да се применува - и по престанувањето на актуелната изолација.
Јасна Франговска