Крајот не е толку блиску и ништо не е готово, а вакцините се далеку: Се огласи професорот Трајковски

Професорот по техничка механика, Дејан Трајковски со нов осврт за движењето на заболени од коронвирусот во земјава.

„На прв поглед, фазниот портрет I-T (реално активни наспроти вкупно случаи, зелената линија на првиот дијаграм) напредува правилно во насока на намалување на бројот на активните случаи, при минимален раст на бројот на вкупните случаи. Додуша, до Нова година тоа намалување беше толку стрмо, што изгледаше дека епидемијата ќе згасне со помалку од вкупно 100.000 случаи. Последниве денови повеќе не изгледа дека крајот е толку близу, а 100.000 случаи веројатно ќе надминеме. Да се потсетиме, крајот на епидемијата ќе дојде кога зелената линија ќе слезе до нула, а она место каде што ќе ја допре хоризонталната оска ќе биде вкупниот број на случаи за време на целата епидемија.

Ајде сега да фрлиме еден поинаков поглед на целата ситуација. Истиот фазен портрет I-T ќе го прикажеме во двојни логаритамски координати, на вториот дијаграм. Посакуваното сценарио (А) е во насока на црвената стрелка, односно со намалување на бројот на активните случаи до нула. Но, што ако епидемијата не го кажала последниот збор, туку ова е само дол на крајот од третиот бран, пред почетокот на наредниот бран, во насока на сината стрелка (B)? Епидемијата два пати се пробала надолу, но се одбивала од светловиолетовата линија на трендот и започнувала нов бран нагоре. Дали ова сценарио може да се повтори? Зелената линија како да покажува знаци на умор од спуштањето и полека започнува да се заоблува, а британскиот сој на вирусот можеби е веќе влезен во земјава и веќе тивко се шири.

Во наредните денови ќе набљудуваме дали зелената линија ќе ја пробие виолетовата линија на трендот и ќе продолжи кон А. Ако ова не се случи, туку се одбие нагоре, тоа би значело почеток на четвртиот бран во Македонија.

Ништо не е готово додека навистина не е готово, а вакцините се толку далеку...“, пишува професорот Трајковски во својата објава на Фејсбук.