Кучка како карактерна особина

Добивај вести на Viber

Bitch, is a slang word for a person—usually a woman—who is belligerent, unreasonable, malicious, a control freak, rudely intrusive or aggressive.“- Wikipedia

Колку пати ве нарекле кучка? Мене, многу. И по правило, секогаш кога некому не му е нешто по ќеф. Но, за да правиме муабет понатаму, прво треба да разграничиме што е кучка. До овој момент, јас сум имала прилика да видам дека постојат 2 мотиви на лепење на овој епитет. Првиот е кога жената си е по природа злобничка, а вториот е кога жената не им оди по задникот на другите. И во двата случаи, главната улога ја има жената која е нарекувана со ова име. И да се разбереме, не е дека ние жените сме цвеќе за мирисање. Имаме разни испади, некогаш од “онака”, па ПМС, па климакс, па од што имаме причина. И не дека е сето ова оправдување, оти сепак, она што не’ разликува од останатиот жив свет е дека како човечки битија имаме разум и свест за да си ги контролираме постапките. Но, нема жена која не била “бичи” кога била во ПМС. Напротив, некогаш ПМС-от го чекаме како дожд после суша за да си се олесниме за се’ што ни се насобрало од претходниот мензис па наваму.

Но, не ми е намерата да го разгледувам овој аспект, оти само ќе се вртиме во круг. Да- хормони, да-нервоза, да-блаблабла. Би се задржала на оној другиот момент, а тоа е моментот на влегување во таборот на кучки заради причини кои опфаќаат други видувања. Сум имала прилика дури и да слушнам кога некоја била нарекувана кучка, затоа што (според мене сосем исправно) не дозволила да биде манипулирана од било кој аспект. Така, кучка е онаа која одбива да се дружи и да прави лице на оние за кои знае дека ја озборуваат зад грб, кучка е таа која што не ви прогледува низ прсти кога имате авантури надвор од врската или бракот, кучка е онаа другарка на вашата девојка или жена која јасно ви покажала со однесувањето дека е спремна за својата сестра по душа да ви го откине половиот орган ако ја повредите или си играте мајтап. Кучка е онаа која живее сама (оти нели тоа е недозволиво) и онаа која ви одговара на пораките за кафе (читај секс) дека ќе е пресреќна да ви ја запознае поубавата половина. Се разбира, кучки се и оние кои ќе ви истресат во лице дека статусот на мажена е само форма која може, ама и не мора да има суштина или онаа која имала храброст (за разлика од некои) да стави точка на токсична врска и да продолжи сама, надвор од стадото.

Кучка е онаа која (наводно) е виновна за распадот на нечија врска или брак, оти мажулињата се мали деца па таа го прелажала, го извлекла од дома и го направила пастув.

Кучка е и онаа која на своите додворувачи ќе им стави јасно и гласно до знаење дека нејзиниот живот не зависи од нивниот повик, покана за вечера и/или воопшто, нивното присуство во нејзиниот живот. Понатаму, кучки се жените кои сами одат во кафеана или во друштво на жени, па имате муабет од типот “таа да чинела би седела со некој на маса”, или (доколку се повеќе жени) “види ги исфрустрираните, гарант никој немал желба да има секс со нив, па се однесуваат вака”.

Како кучки се спомнувани и оние жени, а што е најстрашно тоа доаѓа од други жени, кои се способни, свои, борбени и кои јасно и гласно имаат став за што и да се прашани (па и за она што не се, а сакале да се произнесат). Овој вид на “кучки” се често нарекувани и феминистки, кои по правило мора да се машкоданки, со небричени нозе и да имаат мустаќи (ова последново и знае некогаш да промакне, не велам не...а и нозете, нејсе). Од кучки, знам и за такви кои бираат со кого ќе излезат и кои се нарекувани уште и пребирџики, кои (нормално) од многу бирање на крај ќе останат или сами или ќе ги бираат (на ова секогаш превртувам со очи).

За да се истакне навредливиот момент на овој израз, често пати се употребува и за одредени ситуации кои се неубави, стресни или полни неправда. Така, некогаш животот е кучка (life is a bitch) или кармата дека е кучка (karma is a bitch), што би значело дека животот и кармата кога не одат онака како што сме ги замислиле, не чинат. Никому тогаш не му текнува дека и животот, па и кармата не се нешто од небо дадени, туку дека во многу нешта и наврати зависат од нас и нашите постапки. Но, секако дека е полесно да го окарактеризираме животот или кармата како кучки, отколку да ги земеме работите во свои раце и да смениме нешто. Поради таа немоќ, секогаш имаме кого да обвиниме, а најчесто тоа се нештата кои е најболно да се сменат, па ете...

Во жаргонот на тинејџерите (оти имам една од нив дома), чудно, ама терминот “bitch” (не кучка, туку баш на англиски) има двојно, а сосем спротивно значење. Првото е кога некоја се прави важна и се “флекса” (кој не напише речник за родители со овие тин изрази, еве на!) а вториот е као демек COOL (како што беше она кога во израз на најголема љубов ќерка ми ми рече “бич мајка....ама моја бич”, па којзнае каков ми бил изразот на лицето кога прсна да се смее).

Зошто токму за кучките?

Па еве зошто...

1.  Затоа што голем дел од “кучките” кои мислат со своја глава и не даваат да бидат лажени, прелажани или манипулирани се мои другарки кои на мравка не газат, ама знаат да држат до себе и она во што веруваат.

2.  Затоа што жените кои знаат да седнат сами во кафеана, кафич и да се ок со себе се жени кои немаат страв од самотија и кои уживаат во себе...ве сакам.

3.  Затоа што оние кои се нарекувани кучки се и жени кои немале лесен живот и кои одбрале да се борат сами, наместо да дозволат да се продадат за живот во кој можеби нема да се грижат за финансиите, ама затоа никогаш нема да се имаат себеси.

Да сте ми живи и здрави...и слободно бидете кучки, ако тоа значи дека сте слободни, свои и свесни за се’ околу себе. Само немојте да сте лоши луѓе, оти лошотилакот нема пол ниту род.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

озборувачки
љубопитни
љубоморни
завидливи
премногу гласни
премногу тивки
дебели
слаби
несигурни
премногу сигурни
ЖЕНИ
секакви
оние кои освојуваат со тело
оние во чиј глас свила напипуваш
такви во чии очи запливуваш
во чии усни се загледуваш
со кратки и бунтовни коси
со долги слапови по грбовите
облечени по најнова мода
пренаоблечени
со малку крпчиња на себе
ЖЕНИ
плачливи
па оние кои никогаш солза не пуштаат
насмеани
и такви кои се секогаш намрштени во челата
внимателно нашминкани
и оние со лица на кои има само детски крем
налакирани во ноктите
и машкоданки со кратко потсечени нокти
силни како карпи
и меки како јоргани
ЖЕНИ
вљубени
одљубени
осветољубиви
љубени
оставани
излажани
прељубнички
извитоперени
повредени
навредени
ЖЕНИ
сите исти сме
кога љубиме
и од љубов боледуваме
ЖЕНИ
ти
јас
онаа
оваа
секоја од нас
секоја во нас
ЖЕНИ