Куќата ја претворив во тврдина за никој да не ми пречи: Интервју со Владо Јаневски
Кога не работи е сосема повлечен од јавноста, во својата куќа која ја нарекува тврдина, во маалото кое го опеа во еден од своите хитови. За Чаир, во истата песна, Владо Јаневски раскажа дека често е досадно место. Но, за него очигледно не е, затоа што откако изјави дека со жените завшрил, вели дека научил како да му биде забавно самиот со себе. Кога има повод, како концертот со кој ќе слави 25 години кариера на 16 март во ВИП Арената, тој е медиумски активен и отворен за муабет. Трачевите постојано го следат и вели дека не го допираат ниту има потреба да ги демантира, затоа што вистината понекогаш и не е битна. Има многу приказни кои се врзуваат за Владо во изминативе години, а дел од нив откри во интервјуто за Женски магазин.
* Крие ли интересна приказна создавањето на новата песна, „Откако си негова“ и како ќе се промовира на хрватскиот пазар, со оглед на тоа дека е работена на два јазика?
- Секоја песна мора да има своја почетна мисла поврзана со личност или настан, милион идеи треперат во воздухот секој ден и околу секого. Прашање е само на чие рамо ќе слета инспирацијата и дали сопственикот на рамото ќе је препознае како вредна за од неа да се роди нешто вредно. Мене тоа ми се случи едно неделно попладне крај Треска при еден излет на Матка...И, ете песна. Хрватската верзија ќе им ја презентираме ним наскоро.
* Како ти поминува времето во подготовка на концертот на 16 март?
- Според природата на професијата, ако закажеш концерт со самото тоа се прави листа на обврски во неделите пред настанот: ТВ и радио емисии, пишани интервјуа, снимање и промоција на спот, прес конференција, средби со промотерот и техничкиот персонал, проби со бендот. 101 работа треба да се заврши, но навикнат сум и не ми е тешко.
* Што правиш кога немаш ангажмани и настапи?
- Ништо, што помалку тоа подобро. Се кријам во мојата куќа во Чаир која ја претворив во мала тврдина за никој да не ми пречи. Всушност, другите ја викаат тврдина бидејќи има електрични капии, безбедносни камери и слично, ама јас си ја викам оаза. Тука ми е најубаво, бидејќи одамна научив да ми биде забавно самиот со себе.
* Имаше впечатлив настап на Златна Бубамара на популарноста кога наградата за животно дело му ја врачи на Григор Копров. Какви спомени те врзуваат за соработката со него?
- Чувствував долг да го искористам доделувањето на наградата за да им предочам на сите колку е Копров голем и како лик и како композитор. Факт е дека многу пејачи профитирале од неговите песни, јас сакав јасно и гласно да признаам колку ме задолжил мене со тоа што најубавите песни во мојот каталог ми ги напишал токму тој.
* Кои ти се најдрагите спомени за овие 25 години на сцената, ќе споделиш ли дел од нив на концертот?
- Концертот на 16 март е прилика да испееме што повеќе песни таа вечер, во Скопје настапувам најретко и сакам да им се оддолжам со што повеќе музика и општа веселба. Јас не сум тип на изведувач како на пример Балашевиќ и не знам толку интересно да раскажувам. Затоа помалку ќе зборуваме а повеќе ќе свириме.
* Вера Мештеровиќ е главна актерка во новиот спот. Што мислиш, ќе почнат ли медиумите и чаршијата да те врзуваат и со неа како и со другите девојки од спотовите и зошто никогаш не демaнтираш ако тие написи не се вистинити?
- Секој треба да си го работи своето: пејачот да сними песна и спот, да отпее концерт а потоа е ред на чаршијата да реши што и како ќе си прави занимација со јавните личности. Нема лутиш, кој ја избрал оваа професија нема право да се лути кога ќе го озборуваат. А вистината ионака никому не му е битна.
Вера Мештеровиќ е главна улога во спотот за песната „Откако си негова“ кој се промовира денеска, а е во режија на Дарио Јанковиќ
* Кои се најнеубавите работи што си ги слушнал за себе си и што мислиш зошто толку си им интересен на луѓето и во позитивен но и во негативен контекст?
- На народот му треба вентил, дневен трач за со кафе за да си ја разбие монотонијата на секојдневната рутина и да се оттргне бар на момент од грижите. За тоа служат трачевите и со помош на таблоидите, порталите и социјалните мрежи се таргетираат познати пејачи, спортисти, политичари... Тој што сака да ги побива и демантира трачевите не ќе да е баш мудар и подобро да си најде друга професија кај што нема да го чепкаат, хахаха.
Милица Џаровска
Фото: Стефан Рахјл, официјален Инстаграм профил на Владо Јаневски