Лабаво дечки, само лабаво!

Добивај вести на Viber

Никогаш не продавам ум за тоа како некој треба да живее и што треба да прави. Дури и тогаш кога ми идело нагонски да искритикувам нешто, се сепнувам и си велам “Ано, не е твоја работа. Нели се водиш по она дека не сакаш да ти се мешаат во животот, па следствено, не го прави тоа”. Искрено, никогаш не ме ни интересирало кој со кого е во врска, брак, кој се разведува, кој се швалерисува. Не ми било забавно да се бавам со тоа  дали е некој хомосексуалец, дали е верник, дали имал 5 деца или ниту едно. Не сум седнала да трачам со другарките кој со кого, зошто и како, оти сме имале поважни муабети. Поборник сум на слобода во живеачката и растеретеност од предрасуди од било кој вид, но....(секогаш има едно “но”) додека тоа не влијае врз животот или квалитетот на живеењето на останатите. Дури и ќерка ми на свои 14 години знае дека се’ што не предизвикува зло на другите е дозволено.

Оваа увертира е обид малку да си го скротам бесот што го почувствував изминативе денови, предизвикано од нашата позната “лабаво бе брат” теорија за животот. Ај што се занимаваме со чипирањето на Гејтс и теориите на заговор дека не постои вирусот и дека сето ова е само завера (па баш кон нас, оти нели ние сме најважни на светов!) сосем игнорирајќи го фактот дека секој ден имаме минимум по 4 или 5 починати лица кои не се бројка или статистика оти зад нив има цели ужалени семејства, туку ова прераснува веќе во садизам. Не ми е гајле дали верувате во постоењето на вирусот, не ми е гајле дали се пазите и дали не носите маски, ама и те како ми е гајле ако такви неодговорни шетате околу и загрозувате луѓе. Стана нормално ние што се држиме до препораките да сме исмевани дека сме плашливи, убедувани дека сме експериментални глувци, да сме гледани попреку ако кажеме дека се плашиме за себе и за семејствата. Во услови кога светот се соочува со нешто што не е ставено под контрола, јас одбрав да бидам внимателна. Да, носам маска, држам дистанца, носам и етанол со себе. Да, смејте се ама мене реално ми е страв за себе, ќерка ми и родителите со кои мора да се гледам бидејќи цела фамилија сме толку, 4 души. Страв ми е затоа што кога пред 2 месеци татко ми имаше бронхопневмонија, почувствував што значи беспомошно да чекаш за двата резултати да покажат дека е негативен на корона, за да може воопшто да се почне со некаква терапија. Страв ми е затоа што знам дека во овој хаос во кој ни е здравствениот систем одамна, одењето по доктори сега е отежнато.

И додека лепевме сликички од медицински лица со маски и траги од маските по нивните лица, како спијат по подови и како немаат врме да се видат со најблиските за да собереме лајкови, првата прилика ја искористивме да им се намо*авме на сиот труд и пожртвуваност, оти нам ни е смачено од седење дома. Каква е бре таа себичност и таа дрскост со која се расфрлате со слики по социјалниве мрежи? Која е таа самоувереност со која се гордеете во вакви услови? А не дека треба многу, само неколку едноставни работи за да функционираме колку-толку нормално. Како не помислувате на тоа дека додека постирате слики и видеа во кои урлате на сиот глас пеејќи и гушкајќи се со сите, истите тие слики ги гледаат и оние кои утре можеби ќе мора да ве лечат и заради вас да работат во 2 смени. Јас да сум, прво ќе ви ја залепам една преку уста, па потоа ќе ве лекувам! Не ви е срам? Не ви е жал? Преку глава сте ми со себичноста на која сте горди и дрско ја покажувате наоколу. На другите не им се излегува? Епа еве, да ве просветлам...иако знам дека и на напишаново само ќе ме опцуете и ќе си терате понатаму како досега. Сите сакаме како порано. И не, не ми се носи маска како моден детал, не ми се допаѓа што не можам да си ги гушнам другарките и не ми се допаѓа што во позадина на умов цело време ми клука тоа дека мора да пазам. Пред точно две недели беше промоцијата на новиот албум на Биба Додева. Како што Биба знае да направи атмосфера, ретко кој знае. Како што таа знае да ги распее и разигра сите, ретко кој знае. Ама, Биба ја стокми промоцијата по сите тертипи за да се запази протоколот. Мерење температура, носење маски и столчињата на дистанца. Беше полно, ама беше безбедно. Беше со грижа кон сите кои бевме поканети, затоа што во овие времиња грижата и наклонетоста не се покажува со гушкања и чалами.

Ви ја презирам дрскоста, затоа што сте сурови. Не водите сметка дека ако фатите нешто, ќе го раширите наоколу. Побогу, па децата не ни одат физички на училиште за да спречиме ширење на зараза. Но, не е до децата....до вас големите е. А децата се одговорни токму онолку колку што гледаат дека сте вие. Жал ми е за оние сопственици на кафани и кафулиња кои строго се придржуваа до протоколите и кои заради вас кои мислите дека сте попаметни од сите и дозволивте вашите локали да станат нови кластери, ќе мора повторно да ги сносат последиците. Жал ми е што оние кои се со осет, ќе треба да ја плаќаат цената на вашата дрскост. Жал ми е што заради вашата алчност, ќе треба да се забранат настани чии организатори до детали водеа сметка за здравјето на посетителите. И жал ми е за ова...што упорно ве толерираме и ве толерираат и властите. Откако по само неколку вечери аздисување се наполнивте со пари, не е греда и да ве затворат, нели? Доволно ли е голем ќарот за да носите можеби некого на душа? И да, дали истите вие добивте пари од државата за да ги плаќате вработените додека беше кризата (од буџетот кој го полниме сите), за истите тие вработени да ги изложите сега на ризик во вашите “елитни” кафичи?

И смачено ми е заради вашата неодговорност и девизата “еднаш се живее”, сите да го плаќаме цехот. И не ми е гајле дали сте на власт, дали се знаете со луѓе од власта, дали имате братучеди, најдобри другари или познаници кои можат да ви прогледаат низ прсти. Стасавме под 1.800 заболени, а сега стасавме да сме дневно со по 200 заболени. Само затоа што вам не ви се почитувале мерките и ви дошло да се забавувате без да помислите што тоа значи за сите околу вас. Не ви се чудам на умот, ви се чудам само на себичноста и на леснотијата со која плукате по сите нас. Повторно ќе има рестриктивни мерки кои ќе се одразат и на оние кои не аздисуваа. Повторно ќе има рестриктивни мерки и за граѓаните кои беа одговорни и за кафанџиите кои беа внимателни. Повторно ќе се сведеме на тоа дека властите се за некого мајка, за некого маќеа. И повторно се вративме на почетокот, само што сега е есен и е време кога секоја настинка можеби е само настинка, ама можеби и не е. Но, не е важно тоа....важно е дека вие убаво си поминавте деновиве, судејќи по фотките и видеата кои ги видовме сите. Така што, џабе бришевте отпосле.

Ќе завршев како вообичаено, со она да сте живи и здрави ама не ми оди некако. Повеќе би ми легнало...да не’ чува Универзумот од сопствената глупоштина.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Во есен тагата добива

Златно-црвена нијанса

Со мек отсјај на влажен бакнеж

И мирис на печени костени

Втиснат меѓу две вдишувања

На здивот од љубениот

Некогаш

Некогаш пак знае да потсетува

На компот од дуњи и суви сливи

Со парчиња лимон и лажица мед

Чија пареа ми ги замаглува наочарите

Низ кои светот ми изгледа скоро убав

Додека сликата повторно не се избистри

Во есен сите чекори

Имаат дождливи отисоци

Та носени од ветрот

Се лепат на нечиј прозорец

Наоѓајќи си дом

До следното големо чистење

Кога неславно умираат

Во есен спомените  го врват својот пат

Кој се’ пократок станува

И се дават во ноќите кои се’ подолги се

Додека еден ден сосем не исчезнат

Во есен сакам да ги проголтам

Сите неизговорени зборови

И ненапишани песни

Да ги изџвакам како парче месо

Точно 32 пати пред да завршат во мојата утроба

Залажувајќи се бесрамно  дека полесно ќе е

Во есен го дишам сеќавањето  на твоите прегратки

Оти ти си веќе далеку си

А мојата постела одамна е празна

Ти некаде ја живееш сегашноста

Јас заборавена во времето седам

Меѓу два листа испишани зборови

И парчиња среќа кои лежат во куфер

Без никаков ред натрупани

Во есен трагам по изгубените соништа

Барам трошки мир

Копнеам по љубовен неспокој

Секоја есен нешто во мене умира

И душата ми занемува во магливите утра

Кои мирисаат на смог и чад од запалени насмевки

Во есен не сум твоја

Не сум своја

Во есен сум само уморна сенка од љубовна илузија