Лаф-муабет со Иво Ранѓеловиќ: Бостон е виновен за мојот карактер, култура и знаење, а Лондон - таму го „купив“ култот кон јадењето бургер
Неговите размислувања ќе ви се допаднат сигурно, како и елоквентноста чиј гранд е повеќе од забележлив. Со таков манир е и нарацијата, следствено. Независно дали го читате или слушате, гледате на ТВ, коментарите на Иво Ранѓеловиќ се наместо, буквално секогаш - глобалната политика му е специјалност, првенствено меѓународните односи за кои се школувал во САД и во Англија, во тамошните угледни школи, т.е. факултети, а приправничкиот или практикантскиот стаж во Британскиот парламент е особено важен кога се работи за бекграундот на политикологот чија моментална преокупација е градежништвото.
Муабетевме за сешто, вклучително и за неговите патувања, сосема неизбежно. Всушност, Иво Ранѓеловиќ го запознавме и поинаку, од различна перспектива што е и крајна цел на овој и на другите, останатите лаф-муабети со нашите соговорници - разонодата - опуштено, без каква било напнатост.
ММ: Јавноста Ве познава меѓу другото и како редовен коментатор на глобалната политика, меѓународните односи. Пишувате и колумни. Всушност, политикологијата е Вашиот фах, попрецизно аналитиката. Ќе ги одбегнеме таквите прашања бидејќи целта не ни е да ја оптоваруваме читателската публика дополнително, туку да ја разонодиме. Но, се чини дека неизбежен е муабетот за политизирањето на буквално сѐ, вклучувајќи ја и пандемијата. Зошто е така? Можеме ли конечно да се опуштиме и како? Политиката ни стана опсесија, неизбежно и политичарите.
И. Р.: Некако комотно се осетив во вашиот вовед кој ме наслови коментатор на глобална политика. Сигурно не сум експерт, но и поимот аналитичар тешко го апсорбирам. Она што е сигурно е дека уживам во политиката, наука која се испостави како најудобно место за моите мисли и чувства. Уживам и во нејзината неегзакност која секогаш подава рака за нова идеја. И покрај тоа што применувањето на политичките парадигми често знае да создаде хаос, во политичката мисла хаосот е всушност систем.
Но, во моментот кога политиката ја перципирате како идејна матрица, тогаш настанува проблем. Секој може да си дозволи да „разбира“ политика, да ја вреднува и интегрира по свој вкус, да манипулира. Така политиката стана најразвиена стопанска гранка во Македонија, а партиите најголеми работодавци. Генералната причина за политиката да се постулира како колективна опсесија е неспособноста на нашето општество да фати чекор со времето (читај: реалноста). Лажицата која нѐ меша надолу по оваа спирала е всушност масовната некултура и отсуството на вредносно-културниот систем. Таквите општества најчесто гледаат вина во политиката, а спас во религијата. Сѐ додека е така, тешко ќе се опуштиме. А, лекот? Лекот е пред нас. Сѐ започнува со домашното воспитание, продолжува со однос кон околината (да не уринираш по скали, да не кршиш клупи и лифтови, да кажеш добар ден итн.), потоа се развива свеста за потреба од институции, еволуира во култ кон државата, но и природата, за да заврши со достоинствен животен век. Колку и да звучи едноставно, едноставноста е најтешкиот сегмент на животот. Целото интервју со Иво Ранѓеловиќ прочитајте го на Машки Магазин.