Let’s talk about sex baby: Ако се дотеруваш, извади го од тебе најскриениот женствен жар кој те прави онаа која си
Изминатава недела бев дел од еден настан каде имав чест да бидат дел од соговорниците на тема сексот денес. Многу ми е жал што времето беше прекратко за таа тема, поготово затоа што во моментов се наоѓаме во состојба на некоја тежинска вага која никако да превагне дали се што е на социјални медиуми треба да е голо или облечено. Моменталните светски и локални звезди заработуваат основано на порно филм, моментална голотија која кога ќе се прекрие со соодветна гардероба добива на куповна тежина или едноставно само со сексуални провокации.
Повеќето од нив без вистинска културна тежина, едноставно само постојат и заработуваат илјадници на карта на силикони, деколтиња, задници, филери и роба поврзана со нивната порнографија. Па така не ме ни чуди што поголемиот дел од масата поготово помладата публика се соблака на еден два три без воопшто да размисли зошто и како. Од една страна фршти инстаграм со голи тела натегнати во врвки, а од друга страна десет години наназад не можам да најдам манекенка која сака да се слика за веш додека таргет за мажачка е девојка која нема инстаграм. Попатно нели додека ја бараме таа девојка онануваме на се што е прохлепо и преголо. И го осудуваме истото. Ги кривам старлетиве, инфлуенсеркиве и јавна естрада, да се разбереме јас сум една од првите што се соблече овде. Од оваа перспектива не ми требаше можев да поминам и без. Но во тој момент била вистинска одлука, едноставно тој бил правецот на движење. Од мои грешки паметувам, не од туѓи, па така кога ќе кажам дека ние жените станавме мажи поготово на полето сексуалност и порнографија, од сопствени трауми го изнесувам заклучокот.
Во социјалнава борба за лајк, си го изгубивме идентитетот, се себе претворивме во предмети за обожување, умот го деградиравме до најдолна скала. Не е веќе важно дали жена завршила факултет, важно е како и дали се омажила, а како го направила тоа е маргинално. Нема потреба од дами, што ќе ни се кога нема џентлмени, на дневно ниво единствено што слушам е очај и разочарување од машкиот род. Во цел тој емотивен хаос, ме интересира во кој момент ќе впериме прст кон самите себе.
Биди промената што сакаш да ја видиш, не можеш да очекуваш од маж да те сака или почитува ако парадираш во долен веш или во друга екстрема, тренерки и патики како партал. Не можеш да очекуваш да напреднуваш кога си опседната само и единствено со тоа што се гледа, наместо тоа што е внатре во тебе тоа што вистински се вреднува. И не може да се однесуваш и облекуваш како маж и да очекуваш од мажите да ти се приближуваат, верувајте ми, се пробав, потребно е да му ја вратиме жената на светот. Ако се соблакаш, кога ќе отвориш уста нека се стресе јадрово на светов, ако се дотеруваш, извади го од тебе најскриениот женствен жар кој те прави онаа која си. Размислувај за себе, почни од себе, нема да се само создадеш ако дремеш на телефон да коментираш или фаќаш сеир на туѓи коментари.
Не се плаши од сексуалност, не се плаши од тоа да си сама, не бегај од реалноста. Кога ќе се соочиш сама со себе, ќе дознаеш дека ти си совршена, насмеана, женствена, скоцкана класа жена која сака уметност, едукација, забава, не дреме дома да гледа серии туку излегува на ручеци со пријателките која од која поблескава и посредена.
И кога ќе дојдеш на тоа ниво, веќе нема да те интересира која се соблекла по интернетов и зошто, и се повеќе и повеќе ќе ја снемува таа потреба за празно соблекување, се повеќе ќе ја снемува потребата за секс. И ќе се вратиме на водење љубов, ќе се вратиме на чипкан веш под твојот омилен фустан за кој само ти и твојот некој ќе знаете дека го носиш на тебе.
Сексот продава, и ќе продава. Само не ми е јасно уште што ќе им правиме на парите.
И не знам зошто заглавивме на зборови без дела, зошто интернетот е појак од свеста и до кога ќе дозволуваме да блееме во екрани додека животот ни проаѓа под нос. Дигни ја главата, стави црвен кармин, облечи високи потпетици, облечи го твојот омилен фустан со суптилно деколте и оди живеј, води љубов, радувај се и смеј се. Кратко е.