„Љубојна“ со албум за „Кроација рекордс“

Македонскиот етно состав Љубојна деновиве под етикета на водечката дискографска куќа во регионот - Кроација Рекордс, ја објави својата The greatest hits колекција, на која се најдоа 12 песни од сите фази на бендот.

Од Кроација Рекордс, која во Македонија се врати по цели 27 години, најавуваат дека албумот наскоро ќе се најде и во музичката продавница Југотон.

Љубојна, или љубов и бој , е една од најистакнатите и најрепрезентативните групи во регионот, која на автентичен начин го носи пулсот на македонскиот музички ритам. И не само за она што се нарекува урбана музика, туку и во поширокиот светски музички корпус.

Љубојна е многу повеќе од звучно име. Таа создава музика со сета своја страст, ентузијазам и жестина, који се изразуваат како универзален мајчин јазик, што се забележува и од актуелната колекција хитови, во издание на Кроација Рекордс.

Играјќи се со енергијата на рок-бенд, во сите негови облици - традиционалното, класичното, популарното и експерименталното - Љубојна, својата музика ја изразува преку гласот на Вера Милошевска, како и преку композиторско - продуцентската работа на басистот Оливер Јосифовски, кои станаа препознатлив синоним за овој неверојатен состав, кој, експериментирајќи и истражувајќи, постојано и одново ја освежува музиката, одржувајќи го својот звук модерен, моќен, елегантен и енергичен.

Ова музичко патување, долж целиот свет, каде разните музички стилови ги споија со најдалечните локации на планетата, е во музичкиот концентрат во самото срце на Балканот, и тоа на медитерански начин, што го прави ем автентично сончево, ем ароматично.

Со оваа колекција, објавена за етикетата Croatian World Music, на која во 12 песни се наоѓа внимателно одбран пресек на нивната долгогодишна кариера, Љубојна дискографски и се претставува на пошироката публика во регионот, преку синтеза на сите изражајни и елегиски емоции, со звукот на радоста и на тагата, еуфоријата, интензивноста и страстите, на нивниот единствен стил, меѓу chill-out, pop, funk, soul, jazz и фолк.