Љубов или панаѓур: Хиперболизирана тага

Добивај вести на Viber

После единаесет години врска (од кои неколку и брак) ниедно правило на љубовта што сме го прочитале во „просветлувачките“ книги не важи! Ги листам во главата сите мудри филозофии за љубовта како движечка сила во животот, сите мантри за мир, сите пораки за натчовечко разбирање, трпение, простување... а во телото притисокот ми шишти двесте. Вознемирена сум и тоа не успевам да го скријам.

Возиме кон Свети Наум, најубавото место на Охридското Езеро. Од лево Галичица, од десно сина тепсија. Барем езерото да се брануваше на мојава фрекфенција што „титри“ од нервоза, но тоа мирно и спокојно се послало како килм што те чека да полеташ. Во тотален расчекор сум со мирот на природата, која на секоја кривина се повеќе ни го отвора патот кон нејзината раскошна убавина. – Намали ја брзината, му велам на сопругот кој никогаш не вози брзо. – Со колку сакаш да возам, со дваесет на саат? - ме прашува очигледно незадоволен од мојата „контрола на летање“. – Седни позади да видиш како е да го храниш детето на овие кривини, додека си пуштил музика и возиш ко да си на рели трка, му велам со тон на гласот кој е доволно авторитативен за да биде одбивен. Во истата секунда станувам свесна дека моето незадоволство ја прави тешка атмосферата во автомобилот, а детето како сунѓер ја впива секоја капка нервоза. – Не сакам да се карате, ми вели четиригодишниот Алекс и неговата молба како нож ми го прободува срцето. Потребна е само една реченица од ова мало, чисто суштество за да станам свесна колку денес не успеав да се совладам себе си и да паднам во вртлогот на баналното конфронтирање. - Ќе молчам, си велам. Ама и тишината знае да е тешка. Понекогаш молкот е потежок од најгрдиот збор.

Возиме нагоре по колковите на планината што се отвора како да ќе води љубов. Магични слики од тиркизна вода и сино небо. Доволно убави за да потонам во најубавите мисли: „Љубовта му помага на човекот да го премавне чувството на осаменост и одвоеност, а сепак му допушта да биде свој и да го зачува интегритетот. Во љубовта се случува парадоксот две личности да станат едно, а сепак да останат двајца“ – Ерих Фром.

Уф... колку бил во право човекот, само уште да знаел дека на луѓето им е тешко да го применат во пракса она што го знаат во теорија. Се потсетувам на сите работи кои сум ги осознала за Госпоѓа Љубов, за да допрам длабоко во себе до своите ресурси кои ќе ми дадат сила да се смирам. Почнувам да размислувам на она што ме мачи цело утро - релацијата меѓу љубовта и слободата. Всушност за вистинскиот корен на проблемот што се манифестира така што ми пречат неважни работи како што е и возењето со педесет на саат! Колку слобода е доволно во една врска? Има ли термометар што може да го измери тоа „доволно“ кога е слободата во прашање? Каде се границите? И додека се обидувам да го решам тој чкрапец на СЛОБОДАТА и ЉУБОВТА, оптегнати помеѓу лакот и стрелата, се присетувам на зборовите на една книжевна хероина: „Подрага ми е мојата слобода од твојата љубов“. Тоа е оружјето на сите што сакаат да фатат џаде кога љубовта престанува да биде состојба на вљубување и полека станува состојба на истрајување. Страшна е таа состојба и за среќа далеку сум од неа.

Но, штом е така, зошто упорно не го наоѓам последното решение на крстозборот на љубовта? Зошто после единаесет години заеднички живот и брак дозволувам да се налутиме за глупости? Ме фаќа срам колку ни се банални проблемите со партнерот, а колку тежина им даваме. Но, тежината е достоинствена, си велам. На луѓето им треба катарза... Милиони образложенија за да си ја оправдам лутината. Во тој момент во автомобилот се вклучува радио од кое грмат лоши вести. Ги кажуваат црните статистики од Ковид-19. Неколку починати луѓе во последното деноноќие и уште десетици на респиратори. И додека болничките кревети се полни, мојот проблем се протега меѓу лежалката на плажата и торбата со реквизити за вода... Колку сме неблагодарни на животот! Колку сме аздисани од задоволства! Колку сме плитки во умот кога тераме правдина за работи кои и не се толку важни! Колку погрешно ја дефинираме слободата!

И додека вестите се префрлаат од вирусот корона на поскапувањето на струјата, а потоа и на жртвите во земјите во кои се водат војни, солзи ми ги полнат очите. Го погледнувам Алекс кој во рачињата ја држи гумената топка за плажа и ги замислувам сите оние дечиња со извалкани рачиња и образи по кои се тркалаат солзички. Гладни, сиромашни, со напуштени домови и руинирани животи, со детство без соништа и иднина која не ветува... Ме пука силно гризење на совеста за сета убавина што ја живеам и за сите мои неблагодарни реакции. Се прашувам каде ја расфрлам енергијата и како би можела да помогнам онаму кадешто е потребно, наместо егоцентрично да се бавам со моите љубовни турбуленции. Решавам да не се трошам за безначајни работи. Вестите завршуваат, почнува убава музика и како на лента се менува и моето расположение. Ја издишувам хиперболизираната тага и го бакнувам малото. Сопругот уште вози по патот (уште со педесет на саат). Го допирам по рамото и му велам: Понекогаш ни е потребна причина за да ја издуваме прашината од нас. Сè додека тоа се кратки моменти и сèдодека не дозволиме прашината да се претвори во темен облак помеѓу нас, на прав пат сме кон слободата.

Тоа е онаа слобода која ти дозволува гласно да кажеш дека не се согласуваш. Онаа слобода која ти дозволува да му се спротивставиш на партнерот без да се плашиш дека ќе ја изгубиш љубовта. Онаа слобода што те учи дека грешките постојат за да станеме подобри луѓе и која ти дозволува да простиш и да си простиш. Да се сетиш дека не си робот и како и секој човек имаш емоции, кои понекогаш треба да се проветрат за релациите да се прочистат. На крајот на краиштата, тоа е онаа слобода која го учи твоето дете дека го сакаш и тогаш кога си лута и нервозна.

По само петнаесетина минути тензија, смеата се враќа како ехо кое никогаш не умира пред достоинствената планина што грми и стишува. Истата планина која го чува езерото кај Свети Наум. Истата планина која во својот голем масив, од другата страна на хоризонтот, грми од оружје. Истата низ која луѓето за кои слушаме на вести бегаат за подобар живот... И тогаш си помислувам дека сè додека во домот има слобода секој да го изрази своето незадоволство, воспитуваме деца кои утре нема да молчат пред поголемото структурно насилство. Деца кои ќе знаат дека имаат право да се борат за својот глас, дури и кога системот им го стишува и маргинализира. Слично како и во врските или бракот, во политиката победува погласниот. За жал, во политиката нема многу љубов и емпатија за да се свестат за траумите што им ги прават на луѓето! И што е најсташно, во политиката смеата не се враќа како ехо од планината, туку како плач што грми од болка.

Стигнуваме на Свети Наум. Манастирот стројно се издигнал над езерото за да ги слушне сите човечки болки. Езерото, пак, мирува за да ги голтне сите исплакани солзи. На лежалката на плажата ѝ останува само детската смеа што ја вшмукува како спомени од летото...



За Женски Магазин, Ана Јовковска