Навикнати сме да ги сакаме другите повеќе отколку себе. Дали е тоа дел од нашето воспитување дека треба другите да ги ставиме на прво место, а потоа доаѓаат на ред нашите потреби, не знам. Знам само дека познавам многу жени кои се спремни се’ да сторат за партнерот и семејството, притоа потиснувајќи ги своите желби и љубовта кон себе. Онаа вкоренета навика дека сме добри луѓе доколку ги исполнуваме ќефовите на сите е голема сопка, од која не ретко излегуваме повредени. Секако, најмногу самите се повредуваме, а со однесувањето даваме амин да не’ повредуваат и оние кои се околу нас. Дали е себично да се сакаш себе и зошто не?
Бев учена дека треба да се ускратам себе од она што го сакам за да има мир околу мене. Прво, како да им се удоволи на сите, а после ако остане време и енергија ќе дојдам јас на ред. Ама тоа е убаво вака теоретски, но практично е тешко да се изведе, оти расфрлувањето себе значи и одземање на енергијата, па после кога доаѓав јас на ред, немав ниту сила, ниту желба да се посветам на она што мене ме правеше среќна. Уште полошо е ако ги навикнете сите дека е тоа сосем нормално, оти во првиот момент кога ќе кажете “СТОП, моите потреби се сега приоритетни”, другите ве гледаат со обвинување како да сте им го земале нештото што по дифолт им припаѓало. И како некое непишано правило, колку и да сте се жртвувале, после сте виновни оти веќе сте ги навикнале сите дека сте секогаш и безусловно тука, без да поставувате прашања и без оглед дали можете или сакате. Има една тенка линија меѓу задоволување на своите потреби и себичност, исто како што е тенка линијата меѓу одржување на баланс во семејството или пријателските односи и злоупотреба. А секој од нас се однесува кон останатите токму онака како што ќе му се дозволи. Границата ја поставуваме ние, а таа дали ќе е во рамнотежа со нашето внатрешно чувство дека сме ја постигнале идеалната балансираност, е во нас.
Раздавањето себе и трошењето се одразуваат најмногу во годините кога жената веќе има потреба да дојде во допир со сопственото ЈАС и да одмори од сите тривијалности, да се собере себе и својата сила, да истурка и партнерство, кариера, деца и се’ останато. И не е лесно, ама ич не е така едноставно како што изгледа отстрана. Да, јас ја сакам ќерка ми најмногу на целиот свет и се’ би сторила за неа, ги сакам моите родители и пријатели...ама некогаш ми треба одмор, дури и од сама себе. Некогаш едноставно не ми се прави ни муабет, ми се шета бесцелно, ми се гледа филм и сум уморна од жонглирање меѓу Ана-мајка, ќерка, жена, колешка, пишувач. Кога ми се батериите испразнети, немам двојба дека треба да застанам и да ги ставам сите на postpone за да можам да функционирам како што треба. И тоа се постигнува со разговор и договор. Нина знае дека кога пишувам, исто е како да не сум дома, знае дека кога ќе речам оти ми требаат 2 часа да молчам и да си ги средам мислите тоа не значи дека ја сакам помалку или немам време за неа, туку дека сум стасала на граница на колапс од умор. Да, тоа е секако двонасочно, имам и јас разбирање кога едноставно детето нема желба да се дружи со мене оти е на телефон со другарки, црта или гледа серија. Таа нема проблем да ми каже “мамо, не сега”, затоа што знае дека ја разбирам. А мене ми е душата мирна, бидејќи знам дека утре кога ќе порасне, ќе знае да си побара и да си земе време за себе, бидејќи е тоа и здраво и нормално.
Проблемот настанува кога имате покрај себе партнер, родители или деца кои не ја знаат границата. Проблемот настанува кога низ годините сте ги навикнале сите дека не е важно дали можете или не можете, дали сакате или не сакате, туку дека секако ќе направите она што се бара од вас. Не, не сте себични ако ви треба време и одмор, не сте себични ако некогаш кажете НЕ и не сте себични ако сакате да си одвоите време за себе, па макар ништо не правеле. Обично НЕ сме викале тогаш кога сме имале неодложни обврски, а не за својот личен ќеф. Зошто тоа “НЕ” не’ прави да се чувствуваме виновни дека сме ги ускратиле сите за нашата помош или присуство? Нашите родители ја утнале малку работата во тој поглед, несвесно или свесно кога не’ научиле дека е срамота да одбиеш да си тука по секоја цена. После се чудиме зошто сме безволни, зошто сме премногу самокритични, зошто немаме спокој. Сето тоа е од недостиг на љубов кон себе. Наместо да се камшикуваме дека не сме семоќни, за промена можеме да си се погалиме себе и да си кажеме дека е сосем ОК ако не можеме во ист момент да бидеме совршени во сите наши улоги. А да сме на чисто, ги имаме многу, тргнувајќи од онаа кога битисуваме како индивидуи, па жени, љубовници, мајки, нечии деца, снаи, вработени.
Еден период од животот се растргнав, свесно и своеволно и никој не ми е виновен за тоа. Егото ми велеше дека можам се’, оти тоа ми носеше признание колку вредам и како човек и како жена. Фуј! Токму тоа его ме донесе во ситуација да не се сакам себе, да не знам дури и зошто не се сакам. Мешаница во главата, постапките, мешаница каде и да се завртев. Сакајќи секаде да бидам, не успевав да стасам да ги завршам најосновните обврски. И ми пукна филмот! Не од луѓето околу мене, кои само го зедоа она што јас на тацна им го дадов, туку од мојата борба со себе да бидам совршена во секој поглед. Каква совршеност човече кога немав ни Љ од љубов кон себе. Па се’ што правев не правев од ќеф или оти ми е мене така убаво на душата, туку за да добијам аплауз дека сум идеална. MY ASS, идеална!
И почнав да се менувам. Отпочеток немав поим што правам, само знаев дека ми е смачено од наталоженото незадоволство и несакање себе. Почнав да учам да ги одбивам луѓето, не кога навистина имаа реална потреба од мене или мојата помош, туку кога ќе почувствував дека е тоа од навика со која нивниот товар ми го префрлале мене. Олеснувачки фактор беше дека во себе знаев оти повеќе можам да дадам од себе само тогаш кога ќе сум среќна и задоволна од сопствениот живот, а не од тоа колку сум усреќила некого. Не оди тоа така, се’ си има свое време и место.
Перверзноста на ваквото функционирање оди дотаму што веќе и пред себе имате оправдувања за многу нешта кои не ги правите за себе, па некако е полесно да се убедите дека немате време. Во следната колумна ќе ви раскажам како и со колкав напор го победив моето саботирање на сама себе за да почнам да се менувам дури и физички и да престанам да се потпирам на изговорите дека имам премногу обврски. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Единствената видлива лузна на мене
е онаа од царскиот рез
хоризонтална
на долниот дел од стомакот
дента кога сама реши дека ти е дојдено времето
единствената видлива лузна на мене
е онаа која секогаш ќе ме потсетува на денот
кога со тебе повторно се родив
со страв и болка
дека во делот кој од мене ти го дадов
ќе си осудена да љубиш со сето битие
со сила која лекува други
а го убива оној што ја дава
единствената лузна во мене,
која не се гледа, а крвави
е стравот дали ќе сум доволно добра
доволно силна и мудра
за да те научам да си ја чуваш и зачуваш душата
а срцето да ти остане во еден дел
оти после не се лепи
единствената лузна која ќе ме боли до смрт
ќе е онаа која ти во душа ќе ја добиеш
која ќе ме разори и ќе остане по мене
дека не сум успеала да те заштитам од она што болка
се вика
иако знам дека ќе си посилна од мене и за многу нешта
похрабра
ете, затоа пишувам
за да можеш еден ден да ме запознаеш и како жена
со сите болки и стравови
со сите мои демони и неуспеси
со сета љубов која во срцето сум ја носела
ете, таа лузна што ќе ти ја донесе мојата душа
таа ти ја подарувам
оти таа е единствената за која нема да можам
да се извинам
за која ќе немам оправдание ниту пред тебе, ниту
пред себе
оти таква сум...таа сум
и еден ден, кога ќе ја имаш мојата книга в рака
и ќе ми ја вртиш душата низ прсти
ќе знаеш оти исто се љуби и на 20 и на 40
само ако имаш срце во себе
тогаш ќе ми простиш, а и себе
што сме толку слични, а сепак различни
оти дел од моето проклетство за љубење преминало
и на тебе
единствената видлива лузна на моето тело
ја носам со гордост
оти таа е единствената која ми ја донела безусловната
љубов
најголемата радост и болка
најголемиот страв и борба
ТЕБЕ