Оваа колумна веќе стана серијал кој мислев да го завршам со претходната, но се премислив. Зошто? Затоа што останаа некои недокажани работи, за кои станав свесна откако ги исчитав коментарите. Да се разбереме уште во старт, кога започнав да го пишувам ова, на ум имав само една работа, а тоа е да ви го раскажам моето лично искуство со она што се нарекува вишок на килограми и нивното одразување на здравјето, особено што веќе навлегувам во менопауза и тоа дополнително ми го отежнува животот. Но, видов дека во неколку наврати целата поента беше некако прескокната и извитоперена, па еве да се дообјаснам или да дообјаснам. Ако за нешто во животот сум била гласна, тоа е дека секоја жена заслужува да биде сакана и вреднувана само заради својот карактер, духовното богатство и способноста. Имам многу пишувано за местото на жената во ова општество, за сопките кои ѝ се ставани не само од спротивниот пол (демек ако е жена не е способна за одредени „машки“ професии), туку и од другите жени. Кај нас е изразено ова второво и често пати сум била сведок на она што го нарекувам дека „жена на жена ѝ е волчица“, наместо да биде поддршка и поттик. Познавам исклучителен број на жени кои заради својот физички изглед се булирани, во смисла дека токму заради тоа што се убави имаат успех во животот, притоа да биде потценета нивната стручност и знаење. Сум била гласна дека за мене не постои женска и машка работа, оти знам мажи кои се извонредни готвачи и жени кои стојат на чело на фирми, рамо до рамо со нивните машки колеги. Не верувам дека треба некому да му се суди според изглед, а особено според полот за да се види колку го бива за нешто или не.
Во претходната колумна имав неколку коментари дека мажите не се занимаваат со целулит и свадбарки и дека е сосем непотребно истите да се спомнуваат. Дури беше и замешано нешто што воопшто не беше тема на муабет, а тоа е исмевање на жената со едно кратко видео за тоа демек која е разликата меѓу машкото и женско трчање, па имаше карикирање дека жените демек трчаат „женски“. Малку ги измешавме лончињата, нели? Целта на она што го пишував беше токму спротивно од она како бев сфатена од поединци. Прво, за да укажам дека секоја жена мора да си најде време за себе и да се грижи за сопственото здравје. Целулитот сум го имала отсекогаш, но кога тоа преминува во проблем со задржување вода и пречки во циркулација, се чувствував должна да го споделам со вас моето лично искуство, како и за сѐ досега. Повикот за да си обрнете внимание на себе, да имате добра физичка кондиција не беше и никогаш нема да биде повик за тоа како да се допаднете некому. Секоја жена која е среќна е убава жена. Но, за да биде една жена среќна треба да биде и здрава. Не е до физичкиот изглед, не е до тоа дека треба да импресионирате некого, туку да се сакате себе. Дали ќе имате некој покрај себе, најмалку важно, ама мора и треба да се чувствувате полни со енергија за да можете да си го терате својот живот онака како што сакате. Неколку дена откако беше објавена колумната, слушнав дека во Македонија има сѐ повеќе деца кои имаат проблем со телесната тежина. А децата како пример го земаат она што го гледаат дома. Да, исхраната е важна и да, физичката активност е важна. А важна е затоа што ние како жени, (за жал) сѐ уште треба да се докажуваме дека сме столб на ова општество. Ако немам сила и енергија да го минам денот, ако чувствувам слабост и си накалемам болести, нема да можам ниту да пишувам, ниту детето да си го гледам, ниту да ги завршувам основните обврски. Токму заради тоа и започнав со вежбање. Токму заради тоа и ви дадов личен пример дека вежбањето не е за некој си таму, туку за јас да бидам во топ форма, односно да можам да функционирам. Оставете ги настрана муабетите дека душата е најважна, оти за тоа никогаш не сме имале спротивставени гледишта. Духовноста и внатрешната убавина се едно, но храмот во кои тие живеат се нашите тела. Пак ќе ви повторам, луѓе регулираат шеќер, тироида, крвна слика со умерено вежбање и со внимавање на исхраната.
И да, ова важи и за мажите. Секако дека не сакате партнерот со кој живеете или сте заедно да страда од дијабетис или да има срцеви заболувања заради прекумерната тежина. И не сте во право дека мажите не се замараат со тоа. Секој човек треба да се „замара“ со своето тело и како истото му функционира. Да кажам по којзнае кој пат дека тоа нема врска со допаѓање? Ќе кажам, секако! И кога зборувам за вежбањето и внимавањето на исхраната, не мислам на тоа дека треба да изгледаме како фотошопираните модели од часописите (и за ова имам пишувано, особено од аспект на тоа како истото се одразува на девојчињата во развој). За некого 70 килограми се идеални, ама за некого се почеток на краток здив, замор и зачеток на оболување.
И да знаете уште ова...со почеток на менопауза, функциите на телото се менуваат. Веќе не се согоруваат калориите со едно пешачење. Кој има или навлегува во климакс, знае што зборувам. Станува сѐ потешко да се одржувате во форма и да си личите на себе. Блазе на оние кои го немаат во климакс овој проблем, ама ете, јас започнав да го имам. Не очекувајте дека ќе ве лажам за да ви се допаднам и да ви дадам поддршка да не се љубите себе и да се заборавите, имајќи ги предвид сите обврски кои ги имате. Спремна сум на тоа и да ме отсакате или да се конфронтираме заради ова, затоа што инаку нема да можам себе да се погледнам во огледало, знаејќи дека не сум била искрена. Ниту јас, ниту било кој однадвор нема бенефити од вашето вежбање или од вашето внимавање на тоа што внесувате во себе, колку што ќе си имате вие самите. И не, не зборувам за изгладнување, не зборувам за спартанско живеење, туку за баланс кој си го должите сами на себе и никому од страна.
Ѝ требам на ќерка ми, веројатно допрва ќе ѝ требам уште повеќе кога ќе излезе надвор во светот и сама ќе се бори. Имам намера да сторам сѐ што е во моја моќ за да сум што е можно подолго на земјава, за таа да може слободно да лета, ама секогаш да знае дека ќе бидам тука кога ќе затреба. Ете затоа зборувам за љубов кон себе, а не за евтини побуди како што е дали некој ќе се сврти по мене на улица или дали на моиве скоро 50 години ќе добијам аплауз дека изгледам добро (ко што би рекле некои „за моја возраст“). И да запамтите дека од мене никогаш нема да слушнете, ниту пак ќе помислам да се споредувам со мажите за било што. Ако барем една од вас била поттикната од колумната да си каже „чекај, животот ми е еден и дај да си дојдам на себе за да сум жива и здрава“, тогаш јас сум презадоволна. Да сте ми живи и здрави...сѐ што правите да знаете дека прво се одразува на вас...и арно и лошо.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Колку е потребно за среќа?
колку треба за да ти игра срцето
и очите со смеа да ти се наполнат
да ти биди уб’о во градите
лесно и спокојно к’о облак во нив да имаш
ама не
од алчност
од „дај, многу дај“
од тоа душите ни патат
од стрвност за најаска до блуење
за напивање до опивање
за љубов до нељубов
од тоа си патиме
од она ш’о велеше баба ми
„дури и животното знај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу“
а мене со годините телово веќе ништо отпојќе
не ми прима
ниту храна
ниту вода
ниту среќа
само со тагата беља си имам
ете, кантаров таму нешто грешно ми мери
па си се тешам дека никој совршен не е
и некако врвам, вака или онака
скоро 45 лета сум свикнала
а и од својата кожа нема бегање
колку
колку е тамам за чоек мирен да е
да му стивне во умот и срцето
без тежини и вулгарна еуфорија
мирно да си тера
ама за така скроен треба да си
оти не се учи тоа, никаде го нема
ниту во училишни клупи
ниту пак прирачник има
„спокој во 100 чекори“
та да си читаш навечер кога тивко е
и со книжулето под перница да спиеш
а сабајлината раат да станеш
и да не ти ѕенѕа во утробата
ех
колку ли е доволно за среќа?
за да немаш свенати усни
ниту темни кругови под очите
колку е потребно за да му се насмееш на денот
и во себе да се помолиш