Љубовта е дете на слободата

Добивај вести на Viber

Осудувањето не е дел од духовниот пристап кон животот. Да, важи!!! Освен кога си сведок на сцена кога родители малтретираат деца. Сите теории паѓаат во вода штом ќе се најдеме очи в очи со дете што плаче...

Последниве четири години откако станав мајка воопшто немам стомак за насилство. Филмовите кои се полни со експлицитна агресија, а имаат уметничка вредност, и кои порано сум можела да ги гледам, денес не успевам да ги преработам низ мојот ментален дигестивен систем. Уште помалку можам да издржам да гледам насилство во реалниот живот. За некои работи сум многу почувствителна (да не речам лабилна), но за некои, пак, наоѓам сила и трпение кои никогаш претходно не сум можела да замислам дека ќе ги поседувам. Со други зборови, мајчинството ме направи поемотивна и посилна во исто време. Да, знам, звучи шизофрено. Но, кога ќе ви ја раскажам ситуацијата што ја доживеав во Охрид, на плажа, среде луѓе и цивилизација, се надевам дека ќе ми ја разберете растреперената душа… Има и уште нешто… Моето каење што не им се спротивставив на тие родители на плажата, не со цел да им одржам лекција, туку со надеж дека ќе ги натерам да размислат за своите постапки…

Единствено што ме теши е вербата во карма која се толкува како награда за добрите и како казна за лошите дела. Природата сама се грижи за наградите и за казните. Најмалку што сакам е - јас да бидам спроведувач на правда. Но, животот е процес на учење на многу нивоа и понекогаш сме должни да покажеме како треба, онаму каде би можеле да спречиме долгорочно девастирање на вредностите... Да не ја заборавам и првата братучетка на Кармата, госпожа Дарма - санскритски збор што означува: должност, цел и закон. Па, моја должност е да пишувам и да ги осветлувам појавите во општеството кои нè уназадуваат и да фрлам рефлексија врз човековите релации кои создаваат свет полн со осамени луѓе, фрустрирани и ранети индивидуи, лишени од љубов и емпатија. Емотивни инвалиди!


На плажа сме. Во близина до нас седи семејство (мајка, татко и две мали деца на возраст од две и пет години). Како на видеорекордер ви ја мотам сцената нанапред, прескокнувајќи ги непотребните детали од кои ечи бучава на плажата, од гласот на една мајка која цело време ги кара и прекорува своите деца. Ако ме прашате мене, тотално непотребно, инхибирајќи ја нивната детска радост еманирана во близина на вода. Сепак, како по обичај го вклучувам моето ментално копче со кое низ емотивните фолдери се обидувам да најдам разбирање за постапките на другите луѓе и да сфатам зошто се однесуваат така како што се однесуваат... Во себе наоѓам оправданија дека можеби мајката е нервозна со причина, децата претерале, ѝ се качиле на глава, можеби е потребна поголема дисциплина итн... сè додека во еден момент не ме штрекне одекот на силна шлаканица што мајката му ја удира на двегодишното детенце. Ја вртам главата кон нив и сведок сум на зборови кои го омаловажуваат малото човече кое едвај разбира што му зборува неговата разјарена мајка. – „Не се мешај“, ме предупредуваат пријателите, кои знаат како вообичаено реагирам на неправда, особено кога распоредот на силите е несразмерен!


Се обидувам да останам смирена. Поминуваат десетина минути и бам... слушам звук од уште една шлаканица. Овој пат влепена на обравчето на другото дете. Помалото веќе по инерција на страв, почнува да плаче. Мајката го зграпчува за малото раче, го стиска и низ заби му се заканува да престане да не „си ја добие и тоа“. Тамам кога очекувам дека ќе проработи свеста на таткото, да се обиде да ја смири ситуацијата, тој со молњи во очите почнува да им вика на децата. Толку силно, што помалото дете почнува да липа од плачење. Ги подава рачињата кон мајка си, а таа го турка подалеку од себе, манифестирајќи му лутина...


Потполно ирелевантно е како јас потоа реагирав. Ова не е текст за моите „вештини за терање на правда“, затоа ќе ја скратам приказната, бидејќи знам дека сите вие кои ова го читате, добивате мачнина во стомакот и нагони на гнев. Нема да продолжам со деталите, обременувајќи го текстот со реалната ситуација, туку ќе ја искористам оваа случка да напишам неколку реда за нашиот однос кон децата - најмалите, најкревките суштества кои се раѓаат како семе и од нас зависи дали ќе процветаат во најубави цветови или во трње, без љубов. 


Би сакала заедно да си одговориме на следниве важни прашања што ги отвора психологот и семеен терапевт Хедвиг Монтгомери:

·  Што точно правиме кога нашето дете ќе доживее егзистенцијална криза, наизглед без никаква причина?

·  Што го создава чувството на среќно детство и кај децата и кај родителите?

·  Колку малите промени можат да направат огромна разлика во начинот на кој ќе постапиме во проблематичните ситуации?

·  Како постојано да ја зајакнуваме емотивната блискост и во добри и во лоши денови?

·  Како да постапиме со сите оние жестоки, диви емоции кои го опсипуваат нашето дете?

На крајот на одговорот всушност лежи тоа дека „ако станеме подобар родител, ќе станеме и подобра личност“.

Она на што бев сведок на плажата во Охрид, беше сцена во која родителите всушност не можат да излезат на крај со чувството на беспомошност, без да го злоупотребат својот авторитет. Дали сите ние понекогаш паѓаме во таа замка? А, на децата им се потребни возрасни кои ќе ги тешат, ќе ги прегрнуваат и ќе ги решаваат нивните проблеми, не обратно. Нема психолог што нема да се согласи дека секогаш кога детето ќе падне (буквално или метафорично) или е на работ да заплаче, не смее ниту за момент да се посомнева дека може да дојде кај родителите по утеха. Или како што вели Монтгомери: „Децата мора да чувствуваат дека нивните емоции се разбрани и прифатени, дека ќе добијат помош секогаш кога на хоризонтот ќе се појават големи и непознати чувства“. Многу добро знаеме дека тие, за разлика од нас, возрасните, немале цел живот за да научат да ги контролираат чувствата. Науката вели дека луѓето ги поминуваат првите две децении од животот учејќи како да излезат на крај со своите емоции. „Нашиот мозок не е потполно развиен сè до дваесетипеттата година, кога и последните делчиња од сложувалката ќе си го најдат своето место“. Контролата на најсилните чувства е една од последните работи што си доаѓаат на свое место. Ако сме свесни за ова, тогаш зошто постојано паѓаме на тестот на трпеливоста кон своите деца?!


Статистиката вели дека децата кои се помали од четири години добиваат повеќе ќотек отколку деца на друга возраст. Страшно!  И ако гневот, тагата, фрустрацијата и сите останати силни чувства ни се вродени, тогаш како очекуваме едно мало човече да научи да ги изразува, канализира и ослободува овие емоции ако ние му даваме лош пример не успевајќи да менаџираме со сопствените емоции? Или, пак, ако постојано го инхибираме детето со закани: Не плачи! Престани да плачеш, тешко тебе! И слични глупости... Индискиот мистик и духовен учител (контраверзен за многу работи), Ошо вели: „Ако го контролирате детскиот плач, ги запирате неговите фрустрации. Така, детето ќе ја наталожува во себе потребата за плач“. Денес некои психолози сметаат дека на детето му е потребен исконски врисок. На Запад се развива терапија која ви помага да викате толку силно, така што во тоа да учествува секоја клетка на вашето тело.

Па, дали навистина тагата што се изразува никогаш нема да премине во депресија? Исто како што лутината што се изразува, го празни својот интензитет и ретко преминува со агресија. Ова многу едноставно го објаснува хрватската мотивациска говорничка и писателка, Ана Бучевиќ: „Солзите се зборови на срцето. Прашај го своето дете – Дали сум ти добар родител? Што те прави среќен?“

Значи, мудриот родител првенствено треба да работи на себе. И не е важно да бидеме полицајци кои ќе ја дисциплинираат секоја погрешна постапка на дацата, туку нивни учители. Нивен духовен гуру! Затоа, секогаш кога ќе се фатам во стапицата на безгрешноста се присеќам на она што го велеше Махатма Ганди: „Паметните луѓе им дозволуваат на своите деца понекогаш и да погрешат“. Имам уште куп примери што би можела да ги споделам со вас, за тоа како мислејќи им најдобро на нашите деца, ние, всушност, духовно ги осакатуваме. Илјадници книги прочитав за тоа што е добро родителство, психологија за детски развој, разни мудри водичи... за на крајот целата филозофија да може да се собере во реченицата на Франсоа Рабле -  „Детето не е сад што треба да се наполни, туку пламен што треба да се запали“.


Прекумерно строгото дисциплинирање на децата, кое понекогаш знае да премине и во агресивно однесување на родителите (како она на што бев сведок на плажата во Охрид) е контрапродуктивно. Се разбира дека понекогаш ќе се налутиме… детето мора да научи дека неговата мајка е исто така човечко битие, а не робот, и дека и таа може да се налути, но самоконтролата ја одредува мерката на нашата реакција. Невротичните родители најчесто се духовно празни луѓе кои на своите деца совршено добро ќе им ја пренесат лекцијата за анти-слобода, полтронство и безличност во овој наш свет. Од друга страна, ќе ги лишат од можноста да ја развиваат емоционалната интелигенција (тема за која ќе пишувам во некоја следна колумна).

Да заклучам, повеќе би сакала да воспитам љубопитно и пргаво дете кое нема слепо да им се покорува на авторитетите, туку ќе размислува, истражува и преиспитува. Таквите деца (иако можеби почесто ќе ни пркосат на плажа) утре ќе пораснат во силни индивидуи кои проблемите ќе ги решаваат со глава, наместо со тупаница! Таквите деца нема да бидат емотивни инвалиди зошто од мали се задоени со љубов и доволно слобода и да згрешат. Затоа, како што вели Душко Радовиќ: „Сакајте ги вашите деца и кога се виновни, затоа што животот ќе ги казнува и кога нема да бидат“. Љубовта е дете на слободата!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка, тренер за личен развој