Животна училница // Приказни
Mагијата на еден обичен ПРАШАЛНИК
Секогаш кога ќе се спомене слободно време, по некое чудно правило на “reverse psychology” размислуваме прво на обврските кои ги имаме, кои сме ги завршиле или сеуште стојат во листата на приоритети. Секогаш имаме нешто побитно кое ни тежи како полн облак дожд врз глава. Но дали слободното време со нашите деца ги победува секојдневните обрски во битката на приоритети? Е ова е болната тема која колку и да мислиме дека ја менаџираме вешто, успева да ни излезе од контрола. Да не зборуваме за тоа како во таа битка, паметните телефони и социјалните мрежи подмолно успеваат да се изборат за час до два поминати во скролање. И покрај тоа што сме вечно во дефицит на време, овој адвокат на ѓаволот (ако треба да добие соодветен опис) успева да му конкурира на она малку време кое ни останува со нашите деца!
Кога ќе го одземеме времето поминато на работа, во превоз, во набавки, во дневна бирократија, ни остануваат околу два часа кои ги имаме за игра и дружење со нашите најмали. Искрено, на моменти посакувам да не поседувам смарт телефон. Точно, поврзува луѓе, отвара нови видици и можности но тоа не го оправдува неговото често претерано користење. Реално, ниту се пријателствата од фб особено длабоки, ниту сликите од инстаграм автентични, ниту информациите на линкдин најверодостојни… Но ова е тема за цело едно поглавје од книга… да се вратиме на децата и колку конструктивно време поминуваме со нив.
Час, 10 минути, преку половина час…. ова се вашите можни одговори. Мојот варира од ден во ден и она во што верувам е дека нема препорачано или иделано време предвидено за нашите најмили, но она што интуитивно го знам е дека предусловот за квалитет е присутноста. Максималната посветеност во дадениот момент. Тоа може да бидат 10 конструктивни минути дијалог, или бркање низ двор, пеење на омилените детски песни од петни жили или читање на расказите за добра ноќ со интерпретација на врвен глумачки артист….. Во родителствувањето нема идеални сценарија, но нема ни простор за импровизација. Оптимум! Треба сите да го пронајдеме она ниво, количина или да ја достигнеме онаа точка која претставува компромис помеѓу нашите можности и нивните желби и потреби!
Она што можам јас да го понудам е само предлог. 3 начини како да и дадете содржина на формата, или формулацијата: конструктивно поминато време.
За почеток да видиме која моќ во себе ја носи еден навидум обичен прашалник.
- Конкретни прашања
- Забавни прашања
- Новинарски прашања