Ако треба да споредам, најодговорно тврдам дека ПМС-от е мачкина кашлица во споредба со менопаузата. Дури, сега сум во период кога еден ПМС така добро би ми дошол, колку само да здивнам од климаксов. Да, знам дека кај некои жени симптомите на ПМС и менопауза се сосем идентични, ама барем со ПМС-от сте на чисто дека за недела дена ќе мине. Менувам неколку дена несоница, нервоза, подуеност, симптоми на “еве само што не сум добила”, за еден убав ПМС со болење кичма, гради и зголемена желба за јадење (оти ова со јадењето кога сте во климактериум е 24/7).
Нејсе, како и секоја работа така и оваа си има свои предности и недостатоци. За недостатоците нема да зборувам, од неколку причини. Прво, тие што се во годиниве кои ги имам добро знаат на што мислам. Сите сме сестри по климакс и дури мислам и да оформам здружение кое би се викало “Другата во мене” (си знаеме ние за што се работи). Второ, тие што минале се полни емпатија и потајно се поплукуваат и радуваат што веќе не се мачат, притоа стресувајќи се од језа кога ќе се потсетат низ што минале. Трето, вам кои допрва треба да се соочите со климаксот ви посакувам да ви е со лесно (ко што велат во турските серии). А вие, вие кои сте ја имале таа среќа да минете низ климакс ко да е прошетка низ Солун и попатен шопинг, кои не сте имале бранови на топло-ладно, епизоди на необјасниви менувања на расположение (од светица до сериски убиец)....е, вам сум ви “скарана засекогаш” и не само што сум ви “скар”, туку сум ви и љубоморна.
И за да не мислите оти е се’ така црно, депресивно и темно во земјата на Климаксот, мора да ви ги посочам и убавите моменти. Ама па секако дека ги има и еве ви еден пријателски совет: ако имате женски деца, да си ги научите од мали да кажуваат НЕ и да не трпат ништо што ќе ги нервира или ќе им влијае на психата. Нека не чекаат ко многумина од нас да ги фати менопауза за да научат да бидат “лоши”. И кога сме веќе кај лошотилакот, намерно го напишав вака и има и зошто. Кога трпиме се’ што ќе ни се сервира, тогаш сме олицетворение на добрина и разбирање, тогаш сме пример за како треба да се однесува и функционира една “вистинска жена” (дрндрн јариња). Првиот момент кога ќе кажеме јасно и гласно СТОП и НЕ, кога ќе се изјасниме дека нешто не ни одговара, е тогаш сме лоши (најчесто навредата е дека сме “од оние феминистките”-патем речено, фала на комплимент). Значи, ние кои сме биле воспитани да бидеме (демек) потолерантни отколку што сме чувствувале дека сакаме да бидеме, во климакс сфаќаме дека сето тоа е една чиста небулоза која на жените не им оди во прилог. Затоа, женско чељаде уште од мало се воспитува да знае да си го почитува сопственото време, нерви и здравје и да не се пазари со никој ако треба со било што да се наруши нејзиниот интегритет.
И ако порано на туѓата дрскост или напад сум реагирала културно или сум се повлекувала за да нема расправии или непријатни ситуации, сега ја откривам магијата на МА НЕМОЈ!
Ако до пред извесно време некој можел да ме гледа во очи и да ме лаже најлежерно, притоа знаејќи дека нема ништо да изустам и дека само ќе нишкам со главата, сега ќе добие МА НЕМОЈ!
Ако порано било кој можел да се обиде да ме манипулира за да ме искористи, а попатно да ме почести со презир или мисла колку сум наивна и глупава, сега ќе му биде сервирано едно сочно и јасно МА НЕМОЈ!
Ако порано сум била достапна за сечии потреби и ако моето време било посветено на луѓе кои не кренале дури ни телефон кога сум била малку подолу од дното, сега од мене имаат само едно рамнодушно МА НЕМОЈ!
Ако порано од култура не сум отерала некого во мајчината оти му се присакало на “распуштеницата” да и’ пише во ниедно време и да ја кани по кафиња додека на профилната е сликан со жена и деца, сега муабетот почнува со МА НЕМОЈ!
Ако порано сум се обидувала да бидам разумна и да ја “смирам топката” онаму каде што некој си давал за право да се расфрла со навреди или ширење невистини за мене или луѓе кои биле питоми и кротки, сега повишувам тон и велам МА НЕМОЈ!
МА НЕМОЈ! е иљач за многу тегоби и стојам зад оваа констатација. Секако дека не е само до зборот, туку и до тонот, па можете и една веѓа да кренете или малку да подзамижете. Се’ во служба на тоа да покажете дека немате ниту време ниту желба да се занимавате со нечии фрустрации, докажувања, покажувања и суети. Не сте должни никого да трпите, без разлика кој е. Некогаш ако не ја поставите границата дури и во домот, да бидете спремни дека и домашните ќе ви се качат на глава. И не, не е тоа дека не ве сакаат или дека не ве почитуваат туку дека вие сте ги поместиле границите до точка од која е тешко да се вратите назад. Не ги учете децата дека е нормално вие да им ги местите креветите или да им ги чистите собите, да ги поштедувате од тоа дека треба да го фрлат ѓубрето или да дојдат со вас на пазарење. Не го учете сопругот оти треба да ака надвор во сабота и недела за да зачистите, оти домот е заеднички. Сите права и обврски кои произлегуваат од него, се заеднички и терајте ги така. Да не биде после оти Цацко ви е виновен што сте константно преморени, а башка и не сте Пепелашка по дома. И вам ви треба седнување на сонце и пиење кафе, релакс и лабав ручек без да фатите плускавци од правосмукалката в раце.
Многу ми е жал што не научив навреме да велам МА НЕМОЈ! Кога ќе ми притекне на сите ситуации во кои сум голтнала неправди или сум си ги одболедувала дома туѓите простотилаци, ми иде да си пукнам. Кога ќе ми притекне дека мојата генерација, па и неколку после мене (а ич да не зборувам за тие пред мене) сме биле задоени со “немој, срамота е да се расправаш” и дека заради таквиот став едно чудо луѓе завршиле на апчиња за смирување или болести кои биле предизвикани од стрес или пригушена анксиозност, ми иде да врескам.Срамота е да се лаже и краде (што кај нас е веќе спортска дисциплина), срамота е да се манипулира со луѓето, да се повредува и навредува (за што никого мува не го лази) и толку! Не е срамота да се борите и да застанете зад себе и своето физичко и ментално здравје, да си ги заштитите и негувате, па макар тоа значело да плеснете некого по нос (фигуративно, да не излезе сега дека промовирам физичко насилство). Не е ич срамота да ги поставите луѓето околу вас на местата кои си ги заслужиле. И ако било кој после колумнава ќе ми каже дека не сум во право па, не знам што друго да речам освен МА НЕМОЈ!
Да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Јас сум секоја од вас
Онаа која утрата насмеана ги дочекува
Полна сила да помести планини и реки
Која во денот чекори небаре светот го покорила
Со нежност која може и железо да свитка
И онаа сум која некогаш е преплашена
Од кревет да се извлечка избегнува
и да стапне на земја се колеба
Која темни очила и сред зима клава
И алишта за погреб си токми
Јас сум ти
Да, тебе ти зборувам
Јас сум ти
И тогаш кога врескаш од бес
И солзите зад катанец ги држиш
Како брана на грлото ставено да имаш
Од пусти страв дека со нив и ти ќе се излееш
И иста ко тебе сум
Со сите борби во себе
Со сета љубов и колебливост
Со паниката дека полудувам
И непоколебливата помиреност дека сепак нормална сум
Со едно чудо прашалници за себе
Која некогаш го заобиколува огледалото од гадливост
И која знае со часови да седи и к’о кокона да се токми
Исти сме
Исти сме кога на високи потпетици чекориме
И свесни дека мамиме погледи
И кога точак во патики возиме
Со коса к’о од ветар однесена
Истите болести во умовите ги имаме
И се прашуваме дали некогаш вакцина против
чувства ќе измислат
Иста к’о тебе сум
Самоуверена и несигурна
Остра к’о жилет и мека ко памук
Со грутка во срцето за чедото
И со грубост да уништиш сè што рожбата
ќе ти ја загрози
Исти
Како во калап правени
Иста к’о тебе, иста к’о вас сум
Оставeна и згрчена од болка
Вљубена и неколку чекори над земја
Со ПМС кој е оправдание за да се изнавикате
за години наназад
И кротки к’о јагниња со питом поглед
Јас сум ти
Секоја една од вас во мене спие
Налудничава и смирена
Практична и неразумна
Борец и жртва
Џелат и ангел
Со душа к’о од машина за перење алишта извадена
Мокра и истуткана
Страдна за љубов
И алергична на нечесност
Јас, твоето огледало сум
А ти, ти пак мене ми требаш за да се видам себеси
Да можам да напишам за да ми олесни
А тебе да ти е полесно да дишеш откако ќе ме
прочиташ
Секоја една од вас
Секоја сум
И сите вие сте јас... сакале или не
Оти исти сме
Само различни телата ни се
Од ист материјал темелите ни се
Ама куќите се секоја приказна за себе
Јас сум ти
Да, токму ти
Ти што сега во овој миг ме читаш
И ме знаеш
Токму онака како што себе се познаваш