„Мачедоне, Мачедоне", ечеше во Монтекатини Терме во Италија
Македонската музичка експедиција блесна на сцената во Монтекатини Терме, Италија. Хорот и оркестарот на ООУ "Кузман Јосифовски - Питу" диригирани од наставничката по музичко Вера Ангеловска,настапија на 11-от Интернационален фестивал на народни песни и ора "Претстави ја својата традиција".
Претставувајќи дел од македонските обичаи и народни песни, избраниците на проф. Ангеловска изнудија аплаузи од насобраната публика на централниот плоштад во Монтекатини Терме.
-Интересно е што мештаните на овој прекрасен италијански град, како и туристите, не ги криеја симпатиите кон македонската експедиција и за време на парадата која беше составен дел од официјалното отварање, довикуваа "Мачедоне, Мачедоне..." Во публиката имаше и Македонци од околните италијански градчиња кои специјално беа дојдени во живо да ја слушнат изведбата на "Македонско девојче" и "Јовано Јованке", а самата атмосфера направи и да запеат заедно со македонскиот хор – информираат од делегацијата и дополнуваат дека македонското знаме се веело на улиците на Монтекатини како нивни официјален симбол, но и во рацете на Македонците во публиката.
- Настапот на Македонија на отварањето на овој престижен музички фестивал, ќе остане запаметен и по тоа што официјално сме најбројна група која настапила на досегашните 11-ет фестивали под мотото "Meet the tradition". Исто така и единствена група која ја сочинуваат исклучиво ученици од основно училиште – откриваат од делегацијата .
Македонскиот хор и оркестар ќе има уште еден настап на овој фестивал, заедно со другите учесници. Бугарија ќе се претстави со четири различни музички групи, Литванија со две, а Полска, Турција, Словачка, Израел, Естонија и Ирска со една .
(С.А.Н)