Мајка ми не стана Мис на Македонија поради децата: Пејачката Росана сподели сеќавања
Росана Сариќ- Тодоровска носталгично се присети на настан што ѝ го раскажала нејзината мајка Гордана, која била убавица на Куманово во 1962 година.
Фолк-пејачката ни раскажа дека нејзината мајка, и по изборот за убавина не се занимавала со манекенство, туку по раѓањето на Росана и нејзината сестра близначка, Маријана, подоцна и братот, била посветена на семејството.
Мајката на Росана и на Маријана е избрана за Мис на Куманово (во средина). Фото: Кумановски муабети
„Нашата мајка беше убавица на Куманово таа година. Ја молеле потоа да се пријави за Мис на Македонија, но сфаќањата на нашиот покоен дедо беа во стилот: Не, никако, што ќе кажат луѓето? Знаете, во тоа време беше „баук“ жена да оди на такви избори. Мајка ми заврши за учителка и набрзо се омажи и не доби мене и сестра ми, а подоцна и нашиот брат, Мирослав кој за жал ненадејно не напушти пред шест месеци и не зави во огромна болка и тага. И така, мајка ми на некој начин се откажа од нејзината професија за доброто за нас, на нејзините деца“, ни раскажа Росана. По смртта на нејзиниот брат, пејачката вели дека внукот Ноа кој наполни четири месеци, ѝ е најголемата утеха.
Порталот „Кумановски муабети“ објави архивски фотографии по повод 11 ноемри, денот на ослободувањето на градот од изборот за убавина на кој победила мајката на Маријана и на Росана.
Росана со сопругот, актерот Ѓорѓи Тодровски- Трупче
„ Во двете сали на хотел „Кристал“, Аероклубот од Куманово организирал „Сина вечер“ со допадлива и лесна програма. Најголем интерес кај присутните на приредбата предизвикал изборот на убавица. Жири комисијата за убавица на 1962 година ја прогласиле Гордана Стојановска, ученичка од трета година при Учителската школа“, пишува порталот.
„ Воспитувањето, дбрината и скромноста што сме ги наследиле е само благодарејќи на нив, нашата мајка и татко. Има на што да сме горди. Им благодариме на обајцата“, додаде Росана за родителите кои и денес живеат во Куманово.
Пред повеќе од еден месец, пејачката со својот колега Горан Тодоровски ја промовираше песната „Мое сѐ“. Росана, која сега работи во книжарницата „Култура“, вели дека решила повторно да сними песна и да настапи поради обожавателите, кои секојдневно ја прашуваат кога ќе ѝ се врати на музиката. Следната нејзина песна ќе биде со посвета за покојниот брат.
М.Џаровска