Македонија, никогаш поробена: Љубовно-патриотски концерт на Лозано и „Некст тајм“ во Охрид

Добивај вести на Viber

Лозано со љубовните песни, а „Некст тајм“ со преработките на патриотските беа интересен спој на заедничкиот концерт во Античкиот театар во Охрид сношти.

Македонски знамиња се вееја во текот на целиот концерт, а особено во делот на Стефан и Мартин од „Некст тајм“ кои изминативе години се екстра популарни поради старите патриотски песни кои ги изведуваат со нови аражмани. 

Влатко Лозаноски го отвори концерот и ги редеше своите хитови. Ненаметлив и скромен, и на сцената и вон неа, она што освен скромноста го краси е гласот како негов најсилен адут. На Лозано не му е потребно да ја потсетува публиката да пее со него. Со песните како „Километри“, „Надеж“, „Јако јако“, „Сонце не ме грее“ и неговиот вокал тоа самото по себе тргнува.  

Влатко никогаш не заборава да спомене дека својата кариера ја започнал  во шоуто на Драган Вучиќ, „Мак ѕвезди“, а таква приказна раскажа и на концерот. 

-Сакам со еден плауз да ја поздравиме Еми, која е со мене од моите почетоци, уште од „Мак ѕвезди“. Таа е еден од моите најверни фанови“, рече Лозано. Неговиот настап очекувано кулминираше со „Километри“, а на публиката (главно девојки во првите редови) како бис ѝ подари уште два акапела рефрени. 

„Некст тајм“ стратуваа тивко со „Јовка кумановка“, па „Крушево абер пристгна“ за на „Слушам кај шумат шумите“ да настане вистинска еуфорија. Се развејаа знамиња, а публиката бурно ги поздрави зборовите на Стефан: Ајде Македонци! Настапот на близнаците од „Некст тајм“ и нивниот бенд беше и визуелно одлично смислен, слики со родољубиви мотиви се покажуваа на бим додека одеа стиховите на сите добро познати: Парола имавме: смрт или слобода, смрт или за Македонија,за Македонија, земја поробена“. И „Налеј, налеј“ беше дел од нивниот репертоар. 

Во моментот кога ја пееше оваа песна, Стефан извика: „Македонија, никогаш поробена“, што создаде уште едно воодушевување кај публиката. „Ја излези Ѓурѓо“ остана за финале, песната со која започна ова поглавје на Мартин и на Стефан кои кариерата ја започнаа како рокери. Познатиот музичар Николче Мицевские автор на новите аранжмани на овие песни, кој на концертот се претстави и со своја авторска музика. 

И „Некст тајм“ имаа убава авторска музика на почетокот од кариерата: „Ме остави сам да живеам“, „Нешто што ќе остане“, „Лице од рај“.. Би било убаво, освен комитските песни од новиот албум „Мајка“ кои народот ги сака, на некој следен концерт да нè потсетат и на нивните стари хитови.

Милица Џаровска