Македонската компанија ФХ3Х работеше на холивудскиот спектакл МЕГ

Добивај вести на Viber

На 23 август во киното Cinplexx ќе биде премиерата на филмот „Мег„ на чии визуелни ефекти работеше и македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х.

Филмот е снимен според новелата „Мег: Новела на длабок терор„ на Стив Алтен, кој пак бил инспириран од приказната за гребенот Мариана кој се наоѓа во пацификот, и е најенигматското место во Океанот. Таму и го лоцирал дејството за двесет метри долгата ајкула Мегалодон, која се појавува од најдлабокиот гребен кој му е познат на човештвото, длабок повеќе од десет илјади километри, и палеонтолог кој се обидува да го спречи нападот на ајкулата и нејзиното размножување.

Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект се работело од април до октомври минатата година и на проектот работеле 80 артисти. 

- Филмот доби добри критики како научно-фантастичен трилер и летна забава, секако умерена бидејќи е и за деца над 13 години. Заработката не е можеби единственото мерило за квалитетот на филмот, но Мег трипати го надмина буџетот за продукција и досега заработи 315 милиони долари, а во многу земји во светот, меѓу другото и кај нас, допрва му следи премиерата. Во секој случај оценката на визуелните ефекти, она што нас најмногу не интересира, е повеќе од одлична, односно според Форбс, се импресивни, и тоа е доволно да не привлече да одиме во кино и да го погледнеме - изјави Даниловски.