Македонски фотограф се најде во светските медиуми со астрономски настани: НАСА и CNN споделија дела од фотографот Ристе Спироски од Охрид

Добивај вести на Viber

Млад, креативен, талентиран и успешен, а има само 21 година. Потекнува од Охрид, а светот за него слушна кога во 2017 година, фотографија од метеорскиот дожд Персеиди беше споделена од страна за светскиот медиум CNN.

Три години подоцна во 2020 година фотографија од кометата НЕОВАЈС фотографирана во село Пештани, на охриѓанецот Ристе Спироски му донесе уште поголем успех, бидејќи беше објавена во најпознатиот магазин во Бразил како една од најдобрите фотографии од Кометата НЕОВАЈС избрана од НАСА.

Ристе Спироски за овие и други успеси зборува во интервју за Женски магазин …

ЖМ: Корисниците на Инстаграм може да го сретнат профилот ristespiroskiphotography, инаку момче ентузијаст од Охрид кој својата креативност и талент ја покажува преку фото – објективот. Ристе како започна приказната со фотографирањето и колку време си дел од неа?

- Приказната започна во 2014-та на мои 11 години кога за прв пат видов родител како снима претстава во моето основно училиште. Бев фасциниран како го доловува тој момент, а луѓето од страна го почитуваа неговиот простор за снимање. Година дена после тоа, со помош на моите родители ја добив мојата прва камера која ме служеше до пред 4 месеци. Значи вкупно 9 години како фотографирам и ја носам „титулата“ фотограф.

Фото: Ристе Спироски во 2017

ЖМ: Што најчесто те инспирира и ли пак што најчесто сакаш да фотографираш?

- Она што најмногу ме инспирира е ноќното небо и природата, а да не го изоставам тука и мојот роден град Охрид без кој мојата содржина немаше да биде на ниво на коешто е сега. Кога ќе ме прашаат како доаѓам до некои композиции, едноставно кажувам дека доволно е да излезеш на прошетка, да ја носиш камерата со себе и да уживаш наоколу. Во моментот кога некоја глетка ќе ти го одземе вниманието, те инспирира да направиш фотографија која го одзема здивот.

А најчесто пак, обожавам да фотографирам астрономски настани како што се: метеорски дождови, затемнување на месечината, млечниот пат, комети, итн.

На такви ретки настани се чувствуваш како да си на риболов – фотографираш, но не знаеш дали ќе уловиш нешто или ќе си заминеш со ниедна фотографија.

ЖМ: Дали некогаш си избројал колку фотографии досега имаш во домашната архива?

- Дигиталните фотографии што ги правиме ние поновите фотографи ги правиме безброј многу, понекогаш и од една иста композиција. Засега, камерата „вели“ дека сум направил преку 200 илјади фотографии, додека архивата со завршени (едитирани) фотографии брои околу 1000 фотографии.

ЖМ: Што според тебе е пресудно за добра фотографија?

- Добрата фотографија е комбинација од неколку клучни елементи. Најважно е да ја пренесува приказната и емоцијата што сакам да ја прикажам. Светлото игра клучна улога – неговата насока, интензитет и тон влијаат врз тоа како фотографијата се доживува. Композицијата исто така има големо значење, бидејќи таа ја дава структурата на кадарот и го води окото на гледачот. На крајот, но подеднакво важно е и спонтаноста, особено при фотографирање на настани или луѓе.

Фото: Ајфеловата кула во Париз, септември 2023

ЖМ: Аматерско или професионално фотографирање, кој е патот кој ти го одбра и зошто?

- Ја одбрав професионалната фотографија бидејќи ми дава можност целосно да се посветам на создавање на врвни, креативни и автентични приказни преку фотографијата. Фотографирањето за мене не е само хоби, туку начин на живот и начин на изразување. Кога работам професионално, имам можност да се соочам со предизвици кои ми помагаат да се развивам и како личност и како уметник. Секој проект е уникатен и секој клиент е нова инспирација.

ЖМ: На која фотографија или успех постигнат со фотографирањето си посебно горд?

- Фотографијата која за прв пат ми донесе медиумско внимание, па дури и во Јужна Америка, беше онаа што влезе во избор за фотографија на денот на НАСА. Станува збор за фотографијата од Кометата НЕОВАЈС, која ја направив во с. Пештани во јули 2020 година. Од тој момент сфатив колку може да се мотивираш кога твоето дело е препознаено и ценето од другите, особено на светско ниво.

Мојата фотографија објавена во најпознатиот магазин во Бразил како една од најдобрите фотографии од Кометата НЕОВАЈС избрана од НАСА – јули 2020

ЖМ: Интересно за тебе е што НАСА го препозна твојот талент, па досега два пати твоја авторска фотографија беше споделена од нив. Како настанаа тие фотографии?

- Првата фотографија, како што спомнав погоре, настана сосема спонтано. Случајно прочитав во медиумите дека комета е видлива на небото. Со тогашното мое знаење, претпоставив дека кометите се движат брзо, слично на метеори, и исчезнуваат за миг. Но тој ден, веднаш по зајдисонцето, отидов покрај Охридското Езеро, ја поставив камерата на долга експозиција за да ги уловам ѕвездите и да се обидам да ја видам кометата, која сè уште не беше видлива со голо око.

Втората фотографија е од делумното затемнување на Месечината во мај 2022 година. Станав рано наутро, околу 5 часот, за да го уловам овој момент додека Месечината заоѓаше. Најинтересно беше што максимумот на затемнувањето се случи баш кога Месечината заоѓаше – а тогаш, знаеме дека изгледа „поголема“ и има повибрантни жолти и портокалови нијанси. Ја фотографирав од старата касарна во Охрид, и подоцна сфатив дека тенкиот облак пред Месечината создаваше впечаток сличен на прстените на Сатурн. Ја испратив фотографијата до NASA’s APOD и следниот ден добив известување на Instagram дека профилите на NASA’s APOD ја споделиле мојата фотографија со светот. Тоа беше и останува еден од најголемите успеси за мене.

ЖМ: Но не само НАСА, тука е и CNN и други медиуми. Како оди процесот, фотографираш наменски фотографии, па ги испраќаш …? Ќе може ли малку за тој процес да ни објасниш?

- Да, во моето портфолио може да се најде и CNN како еден од најголемите медиуми што споделиле моја фотографија. Интересно е што, кога CNN ја сподели мојата фотографија, имав само 14 години. Беше август 2017 година, и со моите другари го ловевме метеорскиот дожд Персеиди. По фотографирањето, ја споделив сликата на Твитер и го користев хаштагот на CNN за реобјавување. Најмалку што очекував беше дека мојата фотографија ќе заврши на нивниот веб-сајт, споделена како дел од известувањето за настанот. Тоа беше неверојатен момент за мене и еден од првите поттици за да продолжам да се развивам како фотограф.

ЖМ: Кога веќе ваквите фотографии имаат автор, дали истите ги откупуваат од авторот (конкретно од тебе), па се објавуваат или се слободни за преземање?

- Често ги испраќам моите фотографии самостојно, како дел од мојата стратегија за самопромоција, со што тие имаат можност да бидат објавени во различни медиуми за известување различни настани. Сепак, моите фотографии не се слободни за преземање – нудам опција за откупување или лиценцирање. Со ова, медиумите добиваат правен пристап до фотографиите, а јас ја задржувам контролата врз моето дело. На овој начин, фотографиите се објавуваат со почит кон авторството и авторските права.

ЖМ: Може ли да се има добра заработка како фриленсер фотограф?

- Да, може да се има добра заработка како фриленсер фотограф, но тоа бара стратегија и посветеност. Добрата заработка зависи од неколку фактори: да изградиш стабилна база на клиенти, редовно обновување на портфолиото, како и активно промовирање на социјалните мрежи и во медиуми. Исто така, фриленсерите имаат предност бидејќи можат да лиценцираат фотографии, да работат на различни проекти и да понудат услуги за индивидуални и комерцијални клиенти. Иако почетоците може да бидат тешки, со тек на време и квалитетен труд, како фриленсер, фотографот може да има добра заработка.

ЖМ: Колку социјалните медиуми ти се од помош за самопромоција, но и за платформа каде што можеш да ја постираш својата креативност?

- Социјалните медиуми се клучна алатка за мојата самопромоција и за споделување на креативните проекти. Платформи како Instagram и Facebook ми овозможуваат директно да се поврзам со мојата публика, да ги претставам своите дела и да ја изградам мојата професионална репутација. Преку објавувања и интеракција со моите следбеници, фотографиите стигнуваат до многу поголем број луѓе од различни делови на светот, што е многу важно за подигнување на видливоста. Социјалните мрежи ми овозможуваат и да експериментирам со нови идеи, да го покажам својот стил, и истовремено да ја следам реакцијата на публиката, што ми помага во подобрување на мојот пристап.

ЖМ: Она што е интересно е дека не се само фотографиите, туку и креативните видеа конкретно од Охрид, бидејќи во секоја годишна доба е навистина инспиративен. Каде повеќе се пронаоѓаш во видеото или фотографијата?

- И фотографијата и видеото ми нудат различни начини да ја доловам убавината на Охрид, кој е инспиративен во секоја годишна доба. Во фотографијата се пронаоѓам кога сакам да го доловам моментот и да пренесам приказна во еден кадар. Сепак, видеото ми овозможува да раскажам подолга приказна, да прикажам повеќе перспективи и движење што ја доловува динамиката на природата и животот во градот. Така што, на крајот, сè зависи од целта на проектот. Ако сакам да пренесам целосна атмосфера и да ги поврзам гледачите со еден подолг приказ, тогаш видеото е мојот избор, но кога сакам да доловам еден момент, тогаш се враќам на фотографијата.

ЖМ: Имаш ли планови за во иднина како би сакал да се развива твојата кариера или оставаш на спонтаноста?

- Во моментов немам конкретни планови. Повеќе се водам според инспирацијата и можностите кои се појавуваат спонтано. Сакам мојата кариера да расте природно, преку проекти кои навистина ме мотивираат и инспирираат. Верувам дека понекогаш најдобрите прилики доаѓаат неочекувано и токму тоа ми дозволува да го следам она што навистина ме привлекува во светот на фотографијата.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Ристе Спироски