Маратонот е моја дисциплина: Интервју со Марина Домазетовска
На почетокот од нејзината кариера работела како новинар и вели дека тоа е едно од најзначајните искуства што ги стекнала. Маркетинг и односи со јавност работи повеќе од 16 години. Во Сеавус е маректинг менаџер на ниво на групација, и тоа е нејзината преокупација последниве две години. Освен на двете ќерки, за кои на шега вели дека бајаги се темпераментни, максимално е посветена на рекреативниот спорт. Неодамна го истрча нејзиниот прв маратон и сѐ уште е под импресии од Португалија од каде се вратила со остварен сон. Со Марина Домазетовска разговаравме за професионалните и личните успеси, но и за третманот на силните жени во македонското општество.
* Неодамна успешно го истрчавте Вашиот прв маратон, 42 километри од Каскаис до Лисабон. Со какви впечатовци се вративте од Португалија?
- Португалија е навистина прекрасна земја, барем за мене, вистинско место за уживање, па затоа одлучив токму во Лисабон да го трчам мојот прв маратон. Се вратив со остварен сон. Успешно го истрчав мојот прв маратон, уживав во текот на целата трка, трчав насмеана. Не почуствував никаков напор. Така, завршив заљубена во маратонот. Едвај ги чекам наредните предизвици.
* Колку време активно спортувате? Сепак станува збор за најтешката атлетска дисциплина и мора да се има база, добра подготовка, дисциплина..
- Активно трчам скоро 5 години, трчањето е дел од мојот секојдневен живот, дел од мене. Да, атлетиката е тешка дисциплина и бара серизна посветеност, дури и за аматери како мене. Особено доколку се подготвувате за маратон. Јас имам огромна почит кон маратонот и многу сериозно се посветив на припремите. Мислам дека нема друг начин. Тренирав шест дена неделно, одмарав само еден ден, вообичаено сабота, ден пред долго трчање. Иако некогаш знаев и тој ден да одам во фитнес центар. Програмата за трчање ја комбинирав со работа со тело и секако масажи и совети од физиотерапевт. Одлучив да работам со професионалци и тоа беше клучно за мојот успех - мојот тренер Атанас Наумов, фитнес тренер Сања Костуранова и физиотерапевт, Димитар Маневски.
Ми беше многу напорно, жртвував премногу, дадов сѐ што можев, целото мое слободно време, огромна енергија и максимална посвететност. Понекогаш бев преморена, здробена од тренинзи, работа, посветеност кон семејството, си мислев дека сум готова. Но, успехот дојде на денот на трката, преку леснотијата со која ги истрчав 42 километри, задоволството кое го чувстував целиот пат од почеток до крај, целта на која стигнав насмеана. Маратонот е моја дисциплина! Бара многу, но и дава многу.
„Жртвував премногу, дадов сѐ што можев, целото мое слободно време, огромна енергија и максимална посвететност. Понекогаш бев преморена, здробена од тренинзи, работа, посветеност кон семејството, си мислев дека сум готова. Но, успехот дојде на денот на трката“
* Што
значи да се биде Маркетинг-менаџер во признаена меѓународна компанија за развој
на софтвер и советодавни услуги. Како Ви изгледа еден работен ден?
- Јас уживам во мојата работа. Сеавус е интернационала компанија која има свои капацитети на повеќе места, како во Македонија со канцеларии во Скопје, Битола и Охрид, во Србија имаме канцеларии во Белград, Ниш, Крагујевац и Нови Сад, Во Босна - Бања Лука, во Албанија оваа година славиме две години од отварањето на канцеларијата во Тирана. Потоа, во Шведска, во Малме каде Сеавус е основан, а имаме канцеларија со сериозен капацитет и во Стокхолм. Во Белорусија сме присутни во Минск и во Брест, Америка со Њуjорк, Швајцарија со Цирих. Ова за мене значи сериозен предизвик. Да се работи за сите овие пазари, е навистина феноменална можност за професионален раст. Особено е интересно што постојано сум во комуникација со различни култури. Јас во тоа го гледам богатството на Сеавус, диверзитетот кој е крајно инклузивен, бидејќи колку и да сме одвоени со простор и култура, ние сме во постојана комуникација и имаме заеднички цели, а тоа се - задоволни клиенти и раст на нашата компанијата.
* Кои се најголемите заблуди поврзани со маркетингот?
- Повеќе сакам да се фокусирам на придобивки отколку на заблуди. Но ајде, третирање на маркетингот како трошок и потценување на придобивките од стратешки пристап и работење. Заблуда како и во било која друга професија - неинвестирање во знаење и новитети во индустријата. Маркетингот се менува и се развива многу брзо, има одлични алатки кои многу помагаат во кратење на процеси и носење на брзи резултати, прецизна мерливост и можност за флексибилност во работење со цел стигање до посакувани резултати. Затоа, користете ги дигиталните маркетинг алатки. И уште нешто, маркетингот не е менаџирање со настани, не е менаџирање на социјални медиуми за малку пари и не е самоделска изработка на креативи. Ние сме професионалци, цел тим на професоналци и придобивките ќе се осетат ако ни се даде доверба и малку повеќе се слушаат нашите совети, а не обратно.
* На што во моментов е фокусирана компанијата во која што работите? Кои се плановите за понатамошен развој на Сеавус?
Фокусот е во новите технологии, дигитализацијата, вештачката интелегенција, internet of things, сајбер безбедноста, новитети во развојот на телком индустријата каде исто така имаме огромна експертиза.. Минатата година ја лансиравме платформата за вештачка интелегенција DoAI, оваа година имаме неколку нови продукти - нова генерација на паметни AI четботови, Smart Wallet и Сеавус PSD2 екосистем.
Мора да ја спомнам и нашата ќерка компанија „Snowball“ и огромниот потенцијал што го има со развојот на игри. Ви препорачувам да ја пробате нашата игра Yatzy Ultimate!
„Она што мислам дека е најважно е да не се престанува да се расте професионално. Јас денес учам најмногу, учам секојдневно. Технологијата ни овозможува да користиме одлични алатки и да учиме многу за нашите цели, таргети, пристапи“
* Една од највлијателните жени во светот, Ненси Пелоси, во една прилика подвлече: „Жените се лидери каде и да погледнете. Од високи позиции во големи компании, до домаќинки кои ги одгледуваат своите деца и кои се глави на семејството.“ Каква е според Вас перцепцијата за силните жени во македонското општество?
- Балканска. Но мене ме радува што е навистина голем бројот на жени на кои може да се гордемее. Јас имам многу пријателки и колешки кои се успешни менаџери, докторки, мајки. Прекрасни личности. Се гордеам со нив!
* Според повеќе истражувања жените имаат вродени претприемачки способности, но нивните бизниси побавно се развиваат бидејќи и помалку ризикуваат. Сметате ли дека македонските жени се подобри менаџери од мажите?
- Јас знам жени што многу ризикуваат. Не правам вакви поделби меѓу мажи и жени, тоа е до човекот. Или си добар менаџер или не те бива, тоа е.
* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?
- Без баланс не може да се фукционира. Мене трчањето многу ми помага да балансирам. А и Сеавус негува култура на work and life balance. Имаме еден куп начини да се релаксираме во текот на работниот ден - ако не успеам да трчам наутро, трчам за време на пауза, одам на масажа или можам да одморам - имаме „тивка“ соба за одмор. Исто така се трудам да доаѓам на работа со точак.
Домазетовска со ќерките во Лапонија
* Имате две ќерки. Какви интереси покажуваат Вашите деца? На кои вредности ги учите?
- Да, имам две прекрасни ќерки, бајаги темпераменти, често ме потсетуваат на мене (се смее). Ги учам да бидат борци, да знаат што сакаат, да не се откажуваат од своите соништа и замисли, ма колку луди им биле, да бидат силни и да немаат граници, да сакаат многу и најдобро за себе.
Илина е поуметнички тип, емотивна, прекрасно црта и сака латино танци. Сега се спрема за европски натпревар во Романија. Едвај чекам да ја гледам како игра. Исто така, има предиспозиции за ателтика и се трудиме да ги стигнеме тренизните на стадион. Тренира со најдобрите, атлетскиот клуб „Делта“.
Лидија е помала, но е пофокусирана, многу попрактична, одлично ѝ оди математика, а понекогаш си мислам дека подобро зборува англиски отколку македонски јазик.
Цел свет е пред нив. Уживам да ги гледам како растат. Ние три многу сакаме да патуваме и навистина се радуваме кога се спремаме за некоја авантура. Оваа година бевме на зимување во Лапонија, а летото го поминавме на Сицилија, уживавме во преубавата Таормина.
* Кои се Вашите секојдневни ритуали? Каде го насочувате креативниот дух?
- Се будам многу рано, сакам утра. Или имам тренинг или пијам чај и уживам додека не се раздени. Потоа почнува бурата - децата се спремаат за во школо, јас на работа.. Она што најмногу ме исполнува се разговори. Среќа имам прекрасни пријатели и знаеме да поминеме долго време во разговор. Исто така сакам да читам, така се инспирирам или си враќам емоции кои ова невреме во кое живееме знае да ни ги одземе.
Ѓорге Стојанов